Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, во јануари годинава влезе во парламентот. По еден месец, пратениците го изгласаа, а примената почна шест месеци подоцна, односно од овој септември. Овој закон пропишува дека, кога јавниот обвинител има основани сомнежи дека некој сторил криминал, но нема доволно докази да го гони кривично, треба да достави инцијатива за проверка на стекнатиот имот до Финансиската полиција.
Законот предвидува два услови за тоа да се случи: Да има „разумно сомневање дека постои имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори“ и „да постои несразмерност меѓу нето-вредноста на имотот и расположливите законити и пријавени приходи за стекнување имот“.
Износот за тоа треба да биде разликата што надминува 13.000 евра пресметана годишно во период не подолг од 10 години пред стекнување на имотот. За да се определи вредноста на имотот, министерството за финансии требаше да изготви методологија. Не само обвинителството, туку и секогаш кога Антикорупциската комисија, Царината, Катастарот, Државниот завод за ревизија или ревизорското тело за ревизија на претпристапната помош ќе се посомневаат дека некој има несразмерен имот, да ја известат финансиската полиција.
Ако сомнежите се основани, јавниот обвинител го известува државниот правобранител, кој е должен да почне судска постапка за конфискација на спорниот имот. Во оваа постапка, дека некој несразмерно се збогатил, не докажува државната институција, туку тужениот докажува како го стекнал имотот.
Уште додека се „крчкаше“ овој закон, Платформата на граѓански организации, чиј член е Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) излезе од работната група. За тоа каква примена очекува од овој закон ја прашавме Снежана Камиловска-Трповска од МЦМС.
БИРН: Вие како платформа на граѓански организации за борба против корупцијата, уште пред да биде усвоен законот, излеговте од работната група бидејќи не се согласувавте со донесувањето вакво законско решение. Зошто?
Камиловска-Трповска: Постојат повеќе елементи што влијаеја Платформата да се повлече од работната група, кои се однесуваа на несоодветниот консултативен процес, како и на неможноста суштински да се влијае врз процесот за консолидирање на ова законско решение. Имено, идејата почна со отелотворување на закон за потекло, кој требаше да има за цел да ја регулира областа со мерки и активности за утврдување на имотот, неговото потекло и правните понатамошни механизми за конфискација на нелегално стекнатиот имот. И покрај тоа што граѓанскиот сектор беше вокален за потребите за регулирање на материјата и константното барање да биде дел од работните групи што ќе работат на оваа материја, тоа не се случи.
Напротив, ние се соочивме со една затворена работна група во која членуваа исклучиво претставници на државни институции и правосудни органи, кои на крај целосно го сменија концептот и од Закон за потекло на имот прерасна во Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка.
Имајќи го ова предвид, како Платформа беше побарано да се вклучиме во процесот буквално во завршницата, кога веќе текстот на предлог-законот беше изработен и ни беше укажано дека во таа фаза можеме само да дадеме повеќе или помалку номотехнички забелешки на текстот, а не и суштински. Потенцирам дека рокот беше буквално еден месец пред текстот да биде доставен за разгледување на седница на влада.
Системот за борба против корупција може да се унапреди само ако соодветно се анализира дали и кои од постоечките правила се несоодветни или недостасуваат или, пак, проблемот е во оние што треба да ги применат. Ова целосно недостасуваше во овој процес. Со тогашниот предлог, а сегашен закон, се креира нова правна алатка, која без соодветно адресирање на институционалните проблеми на непримена на постоечките одредби, може да доведе само до поголеми суштински предизвици или, пак, до непримена на уште едно правило. Од тие причини, Платформата ценеше дека се оневозможува суштински консултативен процес и добрите практики за дебата беа изоставени во процесот.
БИРН: Какви ризици, според вас, носи ова законско решение и кои се пречките со кои сметате дека би се соочиле институциите во спроведувањето на овој закон?
Камиловска-Трповска: Во пресрет на почетокот на имплементацијата на овој закон, ние спроведовме антикорупциска проверка на законот токму за да ги идентификуваме сите ризици од корупција и да укажеме на надлежните институции што треба да се спроведе за да може да се спроведе реална конфискација на нелегално стекнатиот имот.
Сакам да укажам дека како граѓански сектор, цврсто стоиме на ставот дека е потребна конфискација на нелегално стекнатиот имот и дека таа мерка ќе покаже реална заложба и подготвеност за борбата со корупцијата, но правната рамка мора да биде концизна и да има основи за имплементација. Во спротивно, ќе се соочиме со уште едно празно слово на хартија, кое ќе има проблеми во имплементацијата. Токму тоа и го утврдивме за овој закон.
Во Законот постојат ризици од корупција и судир на интереси поради преклопувањето на законските одредби, непрегледноста на постапката, како и несоодветно дефинирани улоги и надлежности. Понатаму, постои паралелното регулирање на Законот за кривичната постапка со овој закон, што неминовно ги зголемува ризиците од корупција, бидејќи овозможува заобиколување на процесните гаранции и неопходниот степен на докажаност на нелегалното потекло на имотот, што може да биде злоупотребено за разни лични или политички цели. Од спроведената анализа, очигледно е дека постојат ризици и во делот на преклопувањето на законите во одредбите што ги регулираат надлежностите на финансиската полиција, јавниот обвинител и државниот правобранител.
Имено, со ова, не само што се зголемува правната несигурност и ризикот од појава на корупција и злоупотреба, туку Законот ѝ дава сериозни овластувања на државата да може да користи истражни техники и методи, својствени за кривичната постапка за да може да го контролира имотот на граѓаните. Во законот е наведено дека една од неговите цели е да овозможи ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата, меѓутоа никаде во текстот на Законот на друго место не се среќаваат одредби што упатуваат на тоа дека целта на Законот е токму сузбивање и превенција на организираниот криминал и корупцијата. Напротив, низ текстот на целиот закон може да се забележи дека тој има поширока намена и дека може да биде применуван за сите лица, независно од нивната поврзаност со организирани криминални групи или корупција.
Од друга страна, целта да се оневозможи располагање со незаконска имотна корист е веќе опфатена со Кривичниот законик, па така целите на Законот остануваат нејасни. Законот има недефинирани рокови за постапување, нејасно уредени услови за почнување на постапката, широки дискрециски овластувања, недостиг од процесни гаранции, посебно што отсуствуваат одредби за временско ограничување и ретроактивна примена на одредби. Поради сето тоа, основна препорака е да се укине законот и да се направи анализа на тоа што и како е веќе регулирано во правната рамка и да се унапредат веќе постоjните механизми за контрола на имотот и зајакнување на практичната примена на конфискацијата на имот во кривичните постапки.
БИРН: Колку овој закон ќе придонесе во борбата против корупцијата?
Камиловска-Трповска: За жал, со вака дефинирани законски одредби, наместо да се спроведе конфискација на имот, ќе се направи една голема конфузија. Целта за донесување на овој закон беше да се бориме против високата корупција, но тоа не се гледа од самата содржина на законот. На ваквата ситуација се надоврзува исклучително големиот број посочени ризици од корупција и судир на интереси во самите законски одредби, како и конфузно и кружно регулирање на постапките, надлежностите, па дури и клучните поими и самиот почеток на постапката што е утврдена во Законот.
Самиот концепт што го предлага Законот не е доволно јасен и повеќе наликува на селективно преземање определени делови од определени постапки за конфискација без осудителна пресуда и нивно насилно спојување во една постапка, која самата по себе е нелогична и носи исклучително високи ризици од злоупотреба и несоодветна примена. Од тие причини, во овој момент не верувам дека ова законско решение ќе биде револуционерно за нас и ќе придонесе во борбата со корупцијата. Напротив, ќе овозможи една правна несигурност и можност за таканаречен „лов на вештерки“ во нерегулирани правни процедури. На крајот, најголемата несигурност ќе биде на страната кај граѓаните, кои може да бидат дел од постапка за испитување на имотот и нема да знаат како правно да се заштитат.