Анализи

Кампања: Вистинскиот пекол е онлајн

Голем број профили и групи функционираат како партиски мегафони

Пукање со сите оружја, без никакви правила, принципи или задршки, ширење лаги, говор на омраза, непристојни лични напади… Ова може да го најдеме на тони ако ја напуштиме предизборната кампања на средби со граѓаните, ТВ-дуели и креативни спотови во британски или во друг стил, и само неколку часа да поминеме во светот на скриените идентитети, пишување на латиница и со капс лок.

Пред десетина години, кога партиите ги правеа првите чекори на социјалните мрежи во предизборието, тоа се сметаше за алтернативна кампања со која ѝ се приближуваат на младата публика. Денес, огромен дел од нивните поддржувачи од сите генерации и општествени слоеви живее на Фејсбук, и со сите прсти се бори за својата партија, и против другата.

Во овој свет без граници не се толку важни официјалните спонзорирани кампањи на учесниците во изборите, кои не се многу различни во однос на другите медиуми. Повторно тука се видеоспотовите во кои Христијан Мицкоски никнува секаде каде што има проблем и наоѓа решение, парчиња говори во кои Зоран Заев, Љупчо Николовски и другите од власта нудат плати од 34.000 денари и други надградени, проширени, но недоисполнети ветувања од 2016 година, тука се и постерите, слоганите и пораките што ги гледаме на билбордите.

Но, во големата арена среде македонското маало во Цукербергово, тие се споредниот, или „алтернативниот“ дел од кампањата. Главниот дел се пораките што партиите не се осмелуваат да ги упатат, но за кои нивните поддржувачи, знајни и незнајни, немаат потреба да се воздржуваат. Тоа е кампања каде што се соочуваат „Црпко“ и „Хидро Мицко“, „СМРДСМ“ и „ДП.НЕ“, како некои од поблагите креативни варијации од имињата на учесниците на изборите.

Онлајн-кампањата покажува на кои ниски нивоа е падната политичката борба и политичката култура во земјава, преку развојот на социјалните мрежи, кои на многумина скриени зад тастатурите им овозможија да кажуваат многу повеќе отколку што нивната партија би си дозволила да каже.

Борба до уништување

Дел од пораките што меѓусебно си ги упатуваат партиските активисти

Кампања се води од лични профили, лажни профили, строго еднострани групи и заеднички групи. „Слободна и демократска Македонија“, „Спаси го името Македонија“, „Народен глас“, „Група против одроди, шпиони и предавници“, се дел од форумите со илјадници членови каде што се водат битките. Дури и групата за чист воздух „Против загадување и труење на народот“, со над 50 илјади членови, деновиве е полна со загадени политички постови.

„Готови сте“ и „ќе ве уништиме“, се пораките што доаѓаат од двете страни.

Ова не е размена на пораки меѓу раководствата, туку борба на едни обични членови против други, како мошне силно манифестирање на поларизацијата забележана во бројни политички анализи и истражувања од изминатите години.

Луѓе од секој табор ги острат забите.

Тешко е да се сретнат објави во кои некој поддржувач бара да се гласа за неговата партија затоа што тоа би било подобро за државата и за сите во неа. Тие се речиси целосно засенети од пораките дека победата на следните избори е потребна за конечно да се докрајчи противникот.

„На 16 јули не завршува нашата борба за Македонија, тогаш почнува“, напишала една симпатизерка на ВМРО-ДПМНЕ, на што други се надоврзале со клетви за тоа што ќе ги снашло „предавниците“.

„Тие не можат да се обноват, треба да ги снема од политичката сцена“, коментира поддржувач на СДСМ на објава во која негов сопартиец го парафразира говорот на Оливер Спасовски дека обновата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се случувала внатре во партијата, а државата со СДСМ на чело ќе одела напред.

Не е тешко да се забележи дека во повеќе групи најгласни во кавгите се исти учесници.

Многумина од нив ни на своите лични профили не објавуваат ништо друго, освен политички содржини и по некоја профилна слика, како и официјалните партиски и кампањски обележја. Некои дури немаат ниту една своја фотографија, ниту нешто што би открило некаков идентитет. Од таквите најчесто доаѓаат највулгарните пораки, со повици за насилство, пцовки и други недолични содржини.

Разликите меѓу сцената и публиката на митинзите сега се преточи во разлика меѓу официјалните кампањи и оние на поддржувачите.

Додека ВМРО-ДПМНЕ го нарекуваше Заев „криминалец“, публиката извикуваше „предавник“, додека на бината се вееше официјалното државно знаме, во публиката доминираше старото. И во онлајн-кампањата се објавуваат постери со кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ со шеснаесеткракото сонце и се ветува дека гласот за бројот 14 ќе биде спас за Македонија и збогум на „северџаните“, иако од врвот на партијата доаѓаат конфузни пораки за тоа што би се случило со Преспанскиот договор ако тие се вратат на власт.

Зборот „хибриден режим“ што доаѓа од врвот, долу се преведува во „хунта“ или „квинслиншка власт“.

И кај СДСМ има примери во кои публиката кажува повеќе од партијата. „Злосторничко здружение“ е терминот што партискиот врв одамна го употребува за својот политички опонент, но симпатизерите на тоа додаваат „секта“, „насилници“ и друго.

Во мрежниот меур што го сочинуваат симпатизерите на власта и страсни противници на ВМРО-ДПМНЕ непријатно е да се објавуваат ставови што ги поистоветуваат поранешната власт на Никола Груевски и актуелната на СДСМ.

Без разлика дали некој вистински искажува свој револт или, пак, смислено и со некаква политичка агенда ги поистоветува постапките и делата на двете големи партии од македонскиот блок, тој има големи шанси да ја добие етикетата „неутровмрана“.

„Неутровмрана“ е кованица од изразите „неутралец“ и „вмрана“ – погрден збор за поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ.

„Надвор врнат вмровски солзи“ е чест коментар кога некој европски политичар ќе ги поддржи кандидатите на коалицијата „Можеме“.

Овој коментар беше особено чест кога власта и некои медиуми именувањето на македонскиот јазик во нацрт преговарачката рамка со ЕУ го протолкуваа како негово официјално признавање од страна на Европската унија.

На Твитер секојдневно се објавуваат мемиња и фотомонтажи инспирирани од нелегалните снимки што се објавуваат секој ден или, пак, од предизборните спотови, кои во некои случаи се граничат со пристојноста.

Конкретно, последниот спот на ВМРО-ДПМНЕ, во кој Мицкоски се јавува во улогата на мајстор што го поправа домот на едно семејство, беше искористен за исмејување на Мицкоски на Твитер. Корисниците на оваа социјална мрежа го исмејуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, користејќи алузија на порнофилмови, во кои мајсторот е една од честите клише-улоги.

Страв од апокалипса

Анонимните профили се честа појава во онлајн-кампањата

Како што се силат за победата, така овие онлајн-активисти покажуваат страв од поразот. Двете страни се уплашени дека од очекуваниот мал одѕив (поради пандемијата со корона вирусот и поради општата разочараност на голем дел од гласачкото тело), подебелиот крај ќе го извлече нивната страна.

„Додека седиш дома и го гледаш Заев како менува и уништува сè што е македонско, излези и гласај за да го смениме и уништиме Заев“, порачува една поддржувачка на ВМРО-ДПМНЕ.

Во оваа кампања не се штеди ниту на содржини што подгреваат етнички тензии, од кои, исто така, партијата се воздржува во официјалната кампања. Многу отворено се заговара тезата дека Албанците целосно ќе завладеат со државата ако Заев остане на власт.

Кај СДСМ стравот од неизлезност не се крие. Тие извадија и билборди на кои предупредуваат дека ако има преголема апстиненција од нивните гласачи, „Груевски ќе се врати на власт“. Ова е дел од официјалната партиска кампања.

Борбата против апстинентите е силна и на Фејсбук. Бидејќи причините за разочараноста се различни кај двата табора (гласачи на СДСМ се разочарани дека партијата не донела онолку живот колку што очекувале, а тие на ВМРО-ДПМНЕ дека нивната партија не застанала доволно цврсто во одбрана на името кога требало), овие борби се главно внатрепартиски, меѓу оние што повторно би гласале и тие што овојпат би прескокнале.

Кај десницата, ова повремено се претвора во расправии меѓу гласачи на ВМРО-ДПМНЕ и симпатизери на некои од помалите партии-учесници, како „Единствена Македонија“.

Партиите како „Левица“, „Интегра“, „Македонски концепт“ и други најчесто водат кампањи сами против сите, во кои ги промовираат своите заложби и ги напаѓаат двете големи партии.