Регион

Кампања за прикривање на постоењето на детски логори во Хрватска

Националистичките десничари се обидуваат да го прекројат овој трагичен дел од историјата на Хрватска

Покрај познатиот мост од црвена тула во Сисак, на околу 50 километри од Загреб, има необична статуа.

Таа прикажува седум мали деца, кои стојат и седат околу карпа, во, денес, пресушената фонтана. Ништо околу неа не укажува на нејзиното значење.

Додека шетаме наоколу, родителите на децата кои си играат на блиското игралиште, нѐ гледаат со сомнеж, но и со љубопитност, веројатно прашувајќи се што бараат странци да гледаат статуа која се распаѓа.

Но, иако не е обележана, оваа статуа е всушност споменик, поставен во знак на сеќавање на една од најголемите трагедии во историјата на овој некогашен индустриски град – постоењето на злогласниот концентрационен логор за деца, во Втората светска војна.

„Авторот на споменикот, Габриела Колар, лично ги познавала децата што се прикажани“, вели за БИРН, Сања Хорватинчиќ, од Институтот за историја на уметноста.

 

„Момчето што седи, Милан, го спасиле од логор нејзините (на Колар) родители и тој, за среќа, ја преживеал војната“, ни објаснува таа, додавајќи: „Ова дело наречено „Недовршени игри“, е единствен споменик. Локацијата на поранешниот логор била претворена во јавен парк со детско игралиште. Ова бил концепт со интенција, во намера да им понуди утеха и надеж на оние што ја преживеале војната и на посетителите кои, на ова место, биле соочени со брутално минато“.

Но, по 55 години од изградбата, тешко може да се каже дека овој споменик дава надеж.

Како цел на вандалски напади во кои била оштетена, а и покрај фактот дека приказната за децата што таа ги претставува е скриена за минувачите, статуата е соодветна илустрација за актуелниот став кон сеќавањето на детските логори во Хрватска, што постоеле во Втората светска војна.

По насилниот распад на поранешна Југославија, се зајакнуваат обидите за повторно толкување на историјата од Втората светска војна. Ваквиот ревизионизам често вклучува обиди за негирање на жртвите или злосторствата. Во Хрватска, во последниве години, ова е случај и со детските концентрациони логори, а напорите на ревизионистите да ги избришат од историското сеќавање, фрлија сенка на способноста на земјата да се справи со своето трагично минато.

Се проценува дека за време на Втората светска војна, во Хрватска, десетици илјади деца биле интернирани во различни логори, некои со нивните мајки, а некои сами.

Со овие логори, главно управувало хрватското фашистичко усташко движење, додека еден од нив (логорот Лобор) бил под контрола на локалните германски припадници на нацистичката партија.

Во логорите главно биле затварани Срби, Евреи, Роми и антифашисти од Хрватска и од Босна и Херцеговина.

Во Сисак, сè уште има траги од поранешниот логор. Спроти статуата на децата, преку улицата, и натаму стои главната зграда на логорот, денес претворена во кино и театар. Помалку морничаво е како таа денеска се нарекува – Кристална коцка на ведрината.

На другиот крај од градот, спроти гробиштата, во малиот парк има неколку незабележителни спомен-плочи, кои ги известуваат минувачите дека околу 2.000 деца – жртви на логорот – се закопани под нивните нозе. Веројатно ова е последниот јавен знак во градот, кој отворено ги чествува жртвите.

Сепак, Сисак не бил единствениот случај – во Јастребарско, мал град на околу 80 километри западно од Сисак, исто така, постоел злогласен логор.

Замокот, во кој некогаш биле интернирани деца, нема никаков знак кој би укажал за што служел овој објект во Втората светска војна. Истото може да се каже и за замокот во селото Горња Риека, северно од Загреб, како и за други места. Сепак, Јастребарско се најде во центарот на значителни полемики, кога во него, во август минатата година, беше одржана необична комеморација.

Организаторите на комеморацијата, меѓу нив и црквата, властите на Јастребарско, Министерството за бранители и неколку десничарски здруженија, соопштија дека го чествуваат споменот на жртвите на комунизмот. Избраниот датум отприлика се совпадна со Денот на сеќавањето на жртвите на тоталитарните и авторитарните режими, на Европската унија.

До дебата дојде кога се откри дека оние за кои тие соопштија дека се „жртви на комунизмот“, се всушност деца кои биле затворени од фашистите во Јастребарско во 1942 година.

Самиот логор Јастребарско – што, се чини, никој не го спори – е основан во јули 1942 година, со учество на католичката црква и со дозвола на усташката влада, која, за време на Втората светска војна, владееше со повеќето делови на денешна Хрватска и Босна и Херцеговина, а во име на своите покровители, нацистичка Германија и фашистичка Италија.

Во логорот главно биле затворани деца на заробени или убиени членови или приврзаници на движењето на отпорот, предводено од комунистичката партија, претежно Срби од западна Босна или од околните места во Хрватска. Само во Јастребарско биле сместени повеќе од 3.000 деца, заклучи повоена комисија за жртвите.

Организаторите на комеморацијата во Јастребарско, сепак, се обидоа да ја уверат јавноста дека децата всушност не биле интернирани во логор, туку згрижени во сиропиталиште.

Тие, исто така, тврдеа дека (само делумно успешниот) обид на движењето на отпорот да ги ослободи децата, во август 1942 година, всушност бил напад врз хуманитарна установа и со тоа, уште едно, на долгиот попис, комунистички злосторства.

Рехабилитација на усташите

Статуата на децата во Сисак. Фото: Никола Вукобратовиќ

Усташкото движење, хрватско фашистичко движење основано во Италија во 1929 година, одговорно за холокаустот, за истребување на Ромите и за бројни злосторства над српските цивили во Хрватска и во БиХ во Втората светска војна, не е познато по своите хуманитарни активности.

Но, многу државни и црковни институции, како и историчари, аматери и професионалци, кои учествуваа на комеморацијата во Јастребарско, не дозволија, невозможната приказна дека усташите се обиделе да ги згрижат децата на нивните жртви, да ги попречи.

Минатиот ноември беше организиран уште поголем настан во Сисак. Повторно, негови организатори беа локалните црковни власти, но овој пат учесниците беа избрани повнимателно – имаше голем број на млади историчари, особено оние вработени во Католичкиот универзитет, образовна институција со седиште во Загреб и во сопственост на црквата. Оваа средба во Сисак беше наречена „научна конференција“.

Но, доминантниот наратив на настанот остана ист. Детскиот логор Сисак беше наведен како клучен доказ дека режимот на усташите, и покрај својата репутација, не бил толку лош, како што обично се прикажува и оти тој се грижел за сираците.

Учесниците ги игнорираа сведочењата дадени по војната, за лошите услови во логорите и за тоа што некои управници на логорите, како што е Берта Пулерија – сестрата која го водела логорот Јастребарско и близок роднина на вториот по команда во усташкото устројство, Миле Будак, – беа осудени за воени злосторства.

Марио Кево, еден од историчарите што присуствуваа на конференцијата во Сисак, во интервју за црковниот весник „Гласот на концилот“ изјави дека „по војната … постои реална можност луѓето да давале изјави … да ги клеветеле и обвинувале (усташите) за да не дојдат во конфликт со новите (комунистички) власти (во Хрватска)“.

Историчарите како Кева, особено истакнуваат дека повеќето, ако не и сите ужасни приказни за ваквите логори, биле измислени од комунистите, со единствена цел – да ја дискредитираат црквата.

Не секој би се согласил со ова – особено не преживеаните жртви.

„Новости“, неделник на српската заедница во Хрватска, со седиште во Загреб, последниве години собира сведочења на преживеани лица, кои ги објавува како одговор на тврдењата на ревизионистите за логорите. Неколку поранешни затвореници контактирале и со други медиуми, во обид да ја кажат својата страна на приказната.

Еден од нив е 80-годишниот Божо Јудаш. Неговата необична приказна, оваа година го привлече вниманието, откако фотографот, Ана Опалиќ, објави фотографии од црвен фустан за кој Јудаш вели дека му го спасил животот, додека бил во детскиот логор во Сисак.

Неисхранетите и запоставени деца во логорот, биле облечени во она до што можеле да дојдат, па веројатно затоа Јудаш, иако момче, носел фустан. За среќа, локален возач на автобус и неговата сопруга, решиле да ги замолат властите во логорот да посвојат девојченце и го избрале Јудаш.

„Бевме малтретирани и тепани во логорот. Тогаш, денешната Коцка на ведрината, беше недовршена зграда“, објаснува Јудаш во сеопфатното видео сведоштво, снимено од невладината организација „Документа“, со седиште во Загреб.

„Децата беа валкани, калливи и полни со вошки“, додава тој, осврнувајќи се на условите во логорот. „Кога мојот иден посвојувач дојде во логорот во потрага по девојче, јас бев во близина на влезот. Децата сигурно чувствуваат кога некој влегува со добри намери. Јас фино го фатив за нозете, а бидејќи бев во фустан, тој мислеше дека сум девојче и ме зеде“.

Семејството што го посвоило наскоро ја открило грешката, но не можеле да го вратат детето во пеколните услови во логорот. Парадоксално е што помладата сестра на Јудаш, со која тој бил насилно одвоен од семејството пред да бидат префрлени заедно во Сисак, останала во логорот откако тој бил посвоен, а подоцна исчезнала без трага.

Јудаш и денес го чува црвениот фустан и сака со него да биде погребан.

Неисхранетост и болести

Поранешната главна зграда на логорот во Сисак, денес позната како Кристална коцка на ведрината. Фото: Никола Вукобратовиќ

Без оглед на фустанот, приказната за Јудаш не е единствената, објаснува Милан Радановиќ, историчар кој работи во Архивот на српската заедница во Загреб и е автор на три книги за Втората светска војна.

Јудаш ѝ припаѓал на групата таканаречени „деца на Козара“, именувана по планинска област во БиХ, која во летото 1942 година, нацистичките и усташките војници ја „исчистиле“ од населението.

„Децата обично биле интернирани, со нивните мајки и браќа и сестри, прво во логорот Јасеновац и неговите секундарни локации, каде што со недели или месеци биле на отворено, изложени на дожд и сонце, опкружени со жица и вооружени чувари“, вели Радановиќ за БИРН.

Интернирањето на децата било дел од стратегијата за спречување на партизанскиот отпор, додава тој.

„Чистењето на регионот од населението се сметало за дел од контра партизанската стратегија и од страна на нацистите, и од страна на усташите. Тие сакале да се обезбедат дека локалните селани нема да го поддржат движењето на отпорот“, објаснува тој.

„Расистичката и шовинистичката политика на усташкиот режим, одиграла клучна улога во нивото на бруталност на ова интернирање“, додава Радановиќ.

Извештаите за голем број смртни случаи на жени и деца затворени во логорите, како и вестите за бруталноста што ја трпеле, предизвикале вознемиреност во Загреб.

Една од оние што презеле акција била Диана Будисављевиќ, Австријка, мажена за хрватски лекар, која се залагала кај црквата и германските воени власти, да ги поштедат децата на Козара.

Во својот дневник, кој го пишувала за време на војната, но кој не бил објавен до 2003 година, Будисављевиќ пишува хронолошки за нејзините, честопати неуспешни обиди, да им обезбеди хуманитарна помош на децата.

Користејќи ги своите врски со преостанатите припадници на еврејската и на српската заедница во Загреб, како и со нацистичките и усташките функционери и црковни достоинственици, таа без страв се трудела да организира достава на храна и на облека за неисхранетите жени и деца во фашистичките логори. Сепак, властите обично ја краделе оваа помош, пред таа да дојдат до некое дете.

Откако многу мајки заробени во усташката „пацифистичка кампања“, биле префрлени во Германија за да работат како робови, вклучително и сексуални, нивните деца останувале сами во логорите.

„Нивните јадни мали тела беа оставени на скалите … ниту облека им беше оставена … Другите деца чекаа да тргнат, седејќи, речиси цело време, на нокшири … Дебелото црево им висеше, беа полни со муви …“, напишала Будисављевиќ во јули 1942 година. Овој грозен опис на неисхранетост, паразитски инфекции и стомачни заболувања, предизвика шок поради условите во кои децата биле затворени.

Вистинитоста на описот на Будисављевиќ, генерално не е оспоруван, иако јасно дава докази против владата на усташите, и покрај тврдењата дека таа била посветена на спасувањето на децата.

Една епизода во нејзиниот дневник е особено впечатлива. Кога озлогласениот командант на усташите, Макс Лубуриќ, пристигнал во логорот Стара Градишка, тој бил толку лут на луѓето што се обидувале да им ги олеснат страдањата на децата, што се заканил дека тие ќе „исчезнат“.

Истиот ден, по неколку дена гладување, децата биле изнесени од логорот со ветување дека ќе добијат храна, по што им била облечена смешна усташка униформа, биле принудени, додека ги снимале, да го салутираат фашистичкиот поздрав и на крајот повторно биле оставени без храна.

Приказните раскажани во дневникот на Будисављевиќ биле основа за документарниот филм „Дневникот на Диана Будисављевиќ“ на младата режисерка, Дана Будисављевиќ, далечна роднина на Диана, премиерно прикажан во јули. Филмот доби повеќе награди на филмскиот фестивал во Пула, кој е најпрестижен фестивал на филмска уметност во земјата.

Но, Диана Будисављевиќ примарно не била позната по тоа што се обидувала да обезбеди храна и облека за затворените деца, ниту пак поради злосторствата на кои им сведочела. Таа била првенствено позната по тоа шо во летото 1942 година,  организирала, како што самата велела, „акција“ за спасување на децата од логорот.

Користејќи го својот статус на граѓанин на Рајхот, таа безмилосно се залагала кај црквата и локалните власти да преземат одговорноста за интернираните деца. Иако неволно, се чинело дека тие се вклучиле во тоа, што довело до понатамошно преместување од логорите и на крајот до капмања за посвојување.

Иако Будисављевиќ честопати во својот дневник очајувала поради неподготвеноста на овие институции да им помогнат на децата, фактот дека контролата врз сирачињата, во август 1942 година, од рацете на војската, формално поминала во рацете на црквата и на социјалните власти, честопати се користи како „доказ“ за добронамерноста на црквата, а понекогаш и на самиот усташки режим.

Никица Бариќ, историчар во Хрватскиот институт за историја во Загреб, е особено незадоволен од истакнатата улога што од неодамна и се дава на Диана Будисављевиќ. Тој посочува, повикувајќи се на усташки документи, дека е сосема јасно оти ниту една од нејзините активности за спасување на децата, не можела да се реализира, без значително учество на самите усташи.

„Ако некој, во пошироката јавност, меѓу новинарите, коментаторите и политичарите, смета дека Диана Будисављевиќ тајно и против волјата на НДХ спасила 12.000 српски деца, тоа нема логика. Па, не се тоа 12 кутии кибритчиња, па можеле да бидат „скриени“ од усташите“, изјави Бариќ во интервју за десничарскиот неделник, „Хрватски неделник“, во 2017 година.

„И бројни други документи покажуваат дека властите на НДХ се ангажирале за тоа (во спасувањето на децата)“, додаде тој.

Сепак, може да се тврди дека е неверојатна имагинација, затворањето на децата, по убиството на нивните родители, заради нивната етничка припадност, да се нарече чин на љубезност. Но, тоа, се чини, не одвраќа некои луѓе тоа и да го прават.

Промена на идентитетот на децата

Детските гробишта во паркот „Диана Будисављевиќ“ во Сисак. Фото: Никола Вукобратовиќ

За повеќето интернирани деца, логорите не биле нивната крајна дестинација, бидејќи тие честопати биле давани на посвојување. По правило, ова значело промена на нивниот идентитет и минато.

Со нас, за процесот на посвојување, разговараше Наташа Матаушиќ, историчар во меморијалниот комплексот „Јасеновац“, која во моментов пишува докторат за Диана Будисављевиќ.

„Само католици можеле да посвојат деца и тие требало да се воспитуваат како католици, иако сите многу добро знаеле дека се православни деца. Исто така, политички „сомнителните“ лица, оние за кои постоело сомневање дека имаат контакти со отпорот, не можеле да посвојат дете“, објаснува Матаушиќ.

Повеќето спорови меѓу историчарите, во последните неколку години, се водат врзано за прашањето, на кого треба да му се препише спасувањето на животите на децата. Ова главно се случувало преку, како што било нарекувано, „колонизација“ – посвојување од страна на хрватските семејства, на иницијатива на луѓе како Будисављевиќ, но и со прифаќање на фашистичкиот режим.

„Кражбата“ на деца на затворени или погубени родители антифашисти, било вообичаена практика во другите фашистички режими, особено во Шпанија, за време на владеењето на генералот Франко (1939-1975) и во Аргентина, кога со неа управувала воената хунта (1976-1983). Во овие земји, кражбата на бебиња, до денес остана важен проблем и извор на голема траума.

Минатата година, по повеќегодишна борба на семејствата и жртвите, беше осудено првото лице, за идеолошки мотивирана кражба на бебиња во Шпанија, каде што деца на убиени или затворени антифашисти, биле давани на посвојување во семејства кои го поддржувале Френко.

Се очекува, околу 2.000 случаи на идеолошки мотивирани кражби на деца во Шпанија, да завршат пред суд. Но, шпанската невладина организација, СОС Бебе Робадос, проценува дека се украдени околу 300.000 бебиња. Во Аргентина, здружението, Цивил Абуелас де Плаза де Мајо, веќе 32 години се бори за да ги идентификува и да ги врати децата на политичките непријатели на воената хунта. Од околу 30.000 деца, оваа организација успеала да им влезе во трага само на неколку стотици.

Некои од потомците на „субверзивците“ (политички непријатели на аргентинската воена хунта), по извршена ДНК анализа, се вратени во нивните семејства. Во неколку други случаи, било договорено заедничко старателство на семејствата. Во сите овие случаи, тешко е да се замисли траумата на конфликтните идентитети.

Бозо Јудаш, сепак, не поминал низ ова. Тој бил свесен за своето вистинско семејство, но бил совршено среќен со своите посвоители и не се чувствувал емотивно приврзан кон своето биолошко семејство.

Неговиот национален идентитет? Тој се идентификува како Хрват, не размислувал многу за тоа како дете. Ниту пак другите размислувале за ова во повоениот период во Југославија, вели тој.

„Во моето посвоителско семејство, никој никогаш не зборувал за националниот идентитет. Единствената разлика беше помеѓу католичкиот и православниот Божиќ“, објаснува тој.

„Некои ме прашуваа како се идентификувам како Хрват, кога моите биолошки родители речиси сигурно биле Срби. Прилично е едноставно: без татко ми кој ме посвои, јас не би бил жив“, истакнува тој.

Ова не е универзална приказна, вели Матаушиќ: „Можете да ги видите разликите. Некои деца инсистираа и ги бараа своите родители, додека други одбиваа да се вратат кај своите биолошки родители, дури и кога ќе ги пронајдоа. Имаше и судски случаи“.

Но, повеќето деца, чијашто судбина Матаушиќ ја проучувала, оние кои завршиле во Загреб, никогаш, како што верува таа, не дознале дека биле посвоени.

Ставајќи го во контекст тековниот спор околу детските логори од Втората светска војна, историчарот, Милан Радановиќ, потенцира дека политичките и верските власти во Хрватска, се вклучени во обидите за рехабилитација на усташкиот период.

„Во последно време сведочевме дека владата, особено некои министри, имаат водечка улога во претворањето на усташите во жртви, додека црквата сè повеќе се вклучува во промовирањето на вулгарниот ревизионизам и во негирањето на усташките злосторствата“, истакна Радановиќ.

Јудаш, поранешното дете-логорски затвореник, потенцира дека жртвите сè уште немаат соодветна комеморација.

„Во секоја војна, децата треба да бидат третирани како најголеми жртви“, вели тој, додавајќи: „Нема ништо понехумано од ставањето деца во логори“.

Овој текс е дел од грантот на програмата на БИРН-Балканска транзициска правда, поддржана од Европската комисија.