Регион

Караџиќ во пресрет на конечната пресуда

Главен организатор на насилствата или жртва на неправда?

При изрекувањето на конечната пресуда, ММКТ ќе се движи исклучиво во рамките на претставките на обвинителите и на одбраната на Караџиќ.

Жалбата на обвинителството се заснова на четири точки. Првиот дел се однесува на должината на казната, каде што е наведено дека Караџиќ треба да добие доживотна казна затвор, за секој од трите заеднички злосторнички потфати (ЗЗП), во кои учествувал – за геноцидот во Сребреница, за тероризирањето на цивилите во Сараево и за прогонот во 20-те општини во Босна и Херцеговина.

„Кога овие три ЗЗП ќе се земат како целина, тие го сочинуваат најголемиот и најстрашен сет на злосторства, за кои едно лице некогаш било осудено во Хаг. Таквата тежина на злосторствата, ја преминува рамката неопходна за да се изрече казна доживотен затвор“, велат обвинителите.

Општини каде се извршени воени злосторства што му се припишуваат на Караџиќ Графика:БИРН

Условите во логорите „укажуваат на геноцидна намера”

Обвинителите наведуваат и дека судскиот совет згрешил кога заклучил дека силите на босанските Срби, во 1992 година, во Братунац, Фоча, Кључ, Приедор, Сански Мост, Власеница и во Зворник, извршиле присилно иселување, додека другите злосторства, како што се убиства, уништување и сексуално насилство, биле само предвидливи последици, а не одделни планирани злосторства, во рамките на геноцидниот план.

Според мислењето на обвинителите, овој заклучок е полн со недостатоци, а ставот на судскиот совет, дека е можно Караџиќ да не сакал да се случат другите злосторства, но не се грижел доволно за да ги запре, не држи.

Токму планот, сите овие злосторства да се извршат, тврдат обвинителите, укажува на геноцидните намери на Караџиќ и на другите членови на ЗЗП во 1992 година.

„Очигледно е дека заедничката злосторничка цел – која вклучувала убиства, истребување и нехуман третман – сѐ во рамките на геноцидните дела, повеќе одговара на геноцидната намера што ја имале членовите на ЗЗП, отколку на некој заеднички план во рамките на кој овие геноцидни дела биле спроведени, не како интегрален дел од планот, туку само како предвидлива или случајна последица“, се вели во жалбата на обвинителите.

Вториот дел од жалбата на Хашкото обвинителство се однесува на местата за притвор. Иако Караџиќ е прогласен за виновен за голем број злосторства извршени во логорите, советот наведе дека доказите не се доволни, да покажат дека условите на затварање „биле создадени со цел физичко уништување на Хрватите и на Бошњаците”.

Според ставот на обвинителството, советот игнорирал низа докази, кои укажуваат на фактот дека во логорите низ Република Српска, биле вршени масовни убиства, како и дека тешките злоставувања биле секојдневие.

Како примери на логори во кои, според мислењето на обвинителството, биле вршени злосторства, чии размери укажуваат на намерата, Бошњаците и Хрватите да се „уништат како група”, се споменати затворот во Фоча, логорите „Кератерм” и „Омарска” во Приедор, „Сушица” во Власеница и училиштата во Каракај и Братунац.

„Заклучоците за условите во логорите, значително влијаат на погрешните заклучоци во врска со ставот на првостепениот совет, во однос на недостигот на геноцидна намера. Илјадници Бошњаци и Хрвати, кои во првостепената пресуда се наведени само како „иселени”, всушност, трпеле животни услови, смислени за нивно физичко уништување“, потенцираат обвинителите.

Во третата точка, обвинителите истакнуваат дека првостепениот судски совет се „водел од премногу тесна дефиниција за геноцидот”, разгледувајќи, само математички, колку Бошњаци и Хрвати биле уништени, а не разгледало какви се долгорочните последици на сите извршени злосторства и дали нивната цел била оневозможување, овие групи повторно да се изградат.

Обвинителите во жалбата особено укажуваат дека првостепениот судски совет не го разгледал прашањето, дали бил извршен геноцид во Приедор во 1992 година, каде што, како што се наведува во жалбата, „обемот на злосторствата укажува на јасна намера за уништување на група”.

 

Места каде се извршени убиствата во Сребреница Графика: БИРН

Забелешки на Караџиќ за „апсолутно неправедно судење”

Поранешниот претседател на РС и неговиот правен советник, Питер Робинсон, поднесоа жалба по шест основи, барајќи ослободување од сите точки од обвинението.

Самиот Караџиќ, изнесувајќи ја жалбата, изрази уверување дека пресудата, со која беше осуден на 40 години затвор за геноцид и за воени злосторства во БиХ, „апсолутно и веднаш ќе падне”.

Првата точка од жалбата, се однесува на наводите дека постапката била „неправедна”.

Караџиќ рече дека не му било дозволено да сведочи во наративна форма, односно дека судијата му наложил на правниот советник да му поставува прашања, потоа дека обвинителниот акт не бил прецизен и оти посетата на местата на масакрите во Сараево, била реализирана без негово присуство.

Тој се жалеше и дека биле прифатени голем број на факти, претходно утврдени во други постапки, дека обвинителите не се казнети бидејќи на време не му ги доставиле сите докази, дека биле користени незаконски пресретнати разговори, како и оти не добил имунитет за политичките говори одржани во времето кога бил во Собранието на Република БиХ.

Караџиќ, исто така, наведе дека првостепениот судскиот совет на поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, кому, исто така, му се суди за истите злосторства како и на поранешниот претседател на РС, не го принудил Младиќ да сведочи.

„Штурото објаснување на првостепениот совет укажува дека тој ги сметал за поважни правата на генерал Младиќ – кој го чекаше почетокот на судењето – од правата на претседателот Караџиќ, да се добие важна изјава. Сепак, да го принудеше Младиќ да сведочи, советот ќе ги испочитуваше правата на двајцата. Претседателот Караџиќ ќе можеше да го обезбеди овој доказ, без да му наштети на генералот Младиќ, бидејќи одговорите не ќе можеа да се користат против него“, се вели во жалбата на Караџиќ.

Втората ставка од жалбата, се однесува на точката со која Караџиќ беше прогласен за виновен за кампања на прогон на Бошњаците и Хрватите, од територијата на 20 општини во Босна и Херцеговина. Според жалбата, советот погрешил во заклучок дека Караџиќ сакал „присилно отстранување” на Бошњаците и на Хрватите, бидејќи е подеднакво можно дека тој само сакал „политичка автономија” за Србите во рамките на БиХ.

„Советот го прифати постоењето на 65 различни говори, разговори или изјави на претседателот Караџиќ, кои го оспоруваат заклучокот дека преку прогони, имал намера да постигне физичко одвојување од несрпското население. Ова се значителен број докази дека Караџиќ имал намера и заговарал постоење на малцинства во секој ентитет, во кој и нивните права би се почитувале“, вели Караџиќ во својата жалба.

Инкриминирачкиот телефонски повик за Сребреница„погрешно протолкуван”

Третиот и четвртиот жалбен навод, се однесуваат на заклучокот за вината на Караџиќ за геноцидот во Сребреница и за тероризирање на граѓаните на Сараево, за време на трииполгодишната опсадата на овој град, од страна на силите на босанските Срби.

Во врска со Сребреница, Караџиќ изјави дека тој „не ги прочитал деталите од ‘Директивата број 7’, што ја потпишал во март 1995 година, со која на ВРС ѝ наложил, во Сребреница „да создаде неподносливи услови на целосна несигурност, без надеж за живот и опстанок во енклавата“, што војската и го сторила.

Караџиќ се обиде да го оспори и клучниот доказ, според оценката на советот, во врска со неговото учество во злосторството, односно, телефонскиот разговор помеѓу него и Мирослав Дероњиќ, тогашен повереник за Сребреница, воден на 13 јули 1995, во вечерните часови. Караџиќ прашал „колку илјади” затвореници има во тој момент во близина на Братунац, а Дероњиќ му одговорил: „Две илјади, ќе има и повеќе”.

„Сета стока мора да биде во магацините до утре навечер, не тука, туку на друго место”, одговорил Караџиќ.

Судиите протолкуваа дека зборовите на Караџиќ во врска со „стоката”, се однесувале на  затворениците кои следниот ден биле префрлени на повеќе локации во околината на Зворник и биле стрелани во периодот од 14 до 17 јули 1995 година.

Караџиќ во жалбата вели оти зборовите „не тука, туку на друго место”, се однесуваат на трансферот во објектите за притвор, а не за местата за егзекуции.

Во однос на делот од пресудата со кој тој е осуден за кампања на терор над граѓаните на Сараево, Караџиќ истакна оти советот погрешно ги применил законските одредби, како и дека за одредени инциденти на гранатирање, како што е масакрот на пазарот Маркале во 1994 година, погрешно утврдил дека ВРС е виновникот.

Караџиќ потенцира оти на ВРС ѝ бранел да гаѓа цивили, како и дека редовно добивал извештаи од војската, дека се пука само по „легитимни воени цели”. Тој го обвини судот дека ги игнорирал сведоштвата, што го поддржале ова тврдење.

„Советот заклучи дека сите 26 припадници на ВРС, кои дадоа доказ оти само одговарале на оган и тоа по легитимни цели, лажат. Дури и ако тоа е така, тоа беа единствените информации што претседателот Караџиќ ги добиваше за време на војната, кога ќе побараше појаснување во врска со забелешките на меѓународната заедница“, стои во жалбата на одбраната.

Во врска со цивилните жртви, Караџиќ прави паралела помеѓу настаните во Сараево и нападот на американската војска со дрон.

„Дроновите што ги лансираат Соединетите Американски Држави (САД) редовно убиваат цивили. Претседателот Барак Обама, како врховен командант на вооружените сили на САД, сигурно го уверуваат дека се работи за легитимни воени цели. Ако подоцна се покаже дека тоа не е вистина, тоа не значи дека Обама имал намера да тероризира или убие цивили“, додаде Караџиќ.

Петтата жалбена точка, се однесува на заклучоците за вината на Караџиќ, за земање на членови на Обединетите нации како заложници во 1995 година, каде што, според одбраната, судскиот совет погрешил во заклучокот, дека обвинетиот имал намера да го изврши кривичното дело.

„Според ставот на претседателот Караџиќ, се работело за законски притворени воени заробеници”, се вели во жалбата на одбраната.

Последната ставка се однесува на должината на казната, каде што одбраната наведе дека, дури и ако поранешниот претседател на Република Српска биде осуден, казната треба да биде многу помала, бидејќи „постапката не била фер, а тој коректно се однесувал во текот на судењето”.