Регион

Филм за Ратко Младиќ: Приказни од судницата

Новиот документарен филм за Ратко Младиќ, го претставува осудениот за злосторства како човечко суштество, вознемири некои луѓе, но режисерот на филмот вели дека е неопходно да се разбере зошто луѓето вршат ужасни злосторства

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Поранешниот командант на војската на босанските Срби, со првостепена пресуда, што му беше изречена во ноември 2017 година, беше осуден за геноцид во Сребреница, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивилното население во Сараево и за земање на мировници на ООН како заложници. Случајот сега е во жалбена процедура.

Снимањето на документарниот филм траеше осум години, во текот на кои Милер се ожени, го загуби својот татко и доби ќерка која денес има четири години, а започна на денот кога Младиќ беше уапсен во 2011 година, по речиси 16 години поминати во бегство, кога Милер имаше 33 години и снимаше документарци за Би-Би-Си.

Милер, кој претходно работел на полето на човековите права, предвидел дека апсењето на таканаречениот „босански касап“, во Лазарево, Србија, ќе биде клучен тест во областа на меѓународната правда, која сѐ уште, во тоа време, беше во развој.

Затоа, тој го зел телефонот и го повикал Хашкиот трибунал. „Јас сум од Би-би-Си. Би сакал да направам филм за судењето на Младиќ“, се сеќава тој, како го започнал разговорот. Со оглед на деликатноста на постапката, снимањето траело долго.

Но, Би-Би-Си било познато име, а и Милер имал среќа.

„Се совпадна со моментот кога Трибуналот беше на ставот дека тоа што го прават е навистина важно и оти многумина не знаат што се случува во таа зграда“, нагласува тој. Трибуналот сакал луѓето да разберат.

Со месеци траела преписката за да ја добие довербата нa администрацијата на судот на ООН. Потоа, требало да се поминат обвинителството и одбраната, кои биле скептични. Но, по една година на одржување на состаноци, Милер и Сингер добиле неофицијално зелено светло за да започнат со проектот.

Сведоштво за храброста на сведоците

Воените жртви пред Хашкиот трибунал, за време на судењето на Младиќ. Фото: Сендпејпер филмс

Овој извонреден филм, нуди ексклузивен, долгорочен пристап зад сцената, до двете страни.

Од една страна, тој е сведоштво за храброста на оние што застанаа како сведоци. Неговите креатори разговараа со првиот сведок сослушан на судењето, Елведин Пашиќ, кој имал 14 години кога силите на босанските Срби го нападнале неговото село.

„Јас сум малку нервозен“, призна Пашиќ, додека се подготвуваше да ја раскаже својата приказна во просторијата на Хашкиот трибунал, полна со странци. За време на неговото сведочење, тој се расплака додека раскажуваше за смртта на татко му, во текот на, како што рече, масовната егзекуција на вториот кат од училиштето во село Грабовица.

Во меѓувреме, филмот ја прикажува и борбата на обвинителството. „Ова ме допре, а тоа не смее да се случи“, изјави обвинителот, Питер МекКлоски, откако изгледа многу застрашувачка видео снимка.

Но, во филмот е прикажан и синот на Младиќ, Дарко, кој го опиша воениот лидер на босанските Срби како „многу добра личност“.

Бранко Лукиќ, главниот адвокат на одбраната, нагласи дека судењето е беспредметно. „Ние треба да ги закопаме нашите мртви“, вели тој, а тоа може да вознемири илјадниците луѓе чии членови на семејството не се пронајдени, откако силите на босанските Срби ги ископале телата од масовните гробници и ги закопале во други, за да ги сокријат доказите за нивните злосторства.

„Доколку цело време ги отворате раните, тоа не може да помогне во помирувањето“, додаде Лукиќ.

Динамиката овозможува некои автентично отворени моменти на тензија помеѓу двата тима. Одговарајќи на тврдењата на одбраната дека силите на босанските Срби им дале храна и вода на заробеници во Сребреница, Салиха Османовиќ, чиј син и сопруг беа убиени во масакрот, возвраќа: „Ги нахраниле, а потоа ги убиле“.

Но, Милер истакнува оти ова, колку и да е вознемирувачко, е неопходно.

„Да отфрлите некого само како чудовиште е многу погодно. Можеби е погодно за човештвото овие луѓе обвинети за страшни злосторства, да бидат само аномалии. Но, без разлика дали ќе го прогласите за невин или виновен, треба да се обидете и да ги разберете луѓето, ако сакате нешто да научите“, нагласува тој.

На гледачот му е оставено сам да му суди на Младиќ, што била намера на авторите на филмот. Но, она што Милер не можел да го предвиди во 2011 година, било назадувањето на човековите права, кое ќе стане глобална појава, бидејќи популистите како Доналд Трамп дојдоа на власт, а јавната волја за каква било странска интервенција заради правда, исчезна.

„Го гледам светот денеска, и гледам дека на никого и не му е гајле за човековите права, во смисла на она што се случува во Сирија, Мјанмар, Шри Ланка. Ерата на неказнивост се врати“, вели тој.

Значи, филмот е за Ратко Младиќ. Но, тој, исто така, е и за самиот Хашки трибунал – таа бавна, гломазна машинерија на правдата, обвинувана за пристрасност од сите страни, која сепак донесе пресуди против главните играчи во балканските конфликти.

Милер вели оти ги разбира критиките упатени на сметка на МКТЈ.

„Но, дали би сакал да живеам во свет каде што, колку и да е несовршен, се залага за идеали, а луѓето што прават лоши работи или наводно направиле лоши работи се гонат?“, прашува тој.

„Би рекол дека тоа е важно за човештвото, кое, моментално, се наоѓа на доста темно место“.

Документарниот филм „Судењето на Ратко Младиќ“, ќе биде прикажан во Лондон на 17 и 18 март, во рамките на филмскиот фестивал на Хјуман рајтс воч, како и на ПБС Фронтлајн на 19 март, а подоцна и на Би-Би-Си.