Анализи

Казни за адвокати, нотари и брокери за непријавени сомнителни трансакции

Ситни казни за „скапи“ прекршоци

Банки, адвокати, нотари, менувачници, приредувачи на игри на среќа… Сите се должни според Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам да бидат алка во синџирот што ќе превенира црни пари да влегуваат во легалниот промет.

Секогаш кога ќе проценат дека имаат „сомнителен“ клиент или невообичаена трансакција, за тоа мора да ја известат Управата за финансиско разузнавање (УФР).

Но, во некои случаи, тоа не се случува, па Управата им води прекршочна постапка пред судовите.

Анализата што ја направи БИРН покажува дека за непријавени или несоодветно пријавени „сомнителни“ трансакции што вредат стотици илјади евра, судовите низ годините казнувале со глоби од по 1.000 или 2.000 евра.

Пропишаните казни во законот, пак, зависно од тежината на прекршокот и видот на субјектот што го пропуштил или не го спровел надзорот се помеѓу 150 и 120.000 евра.

Евтин удел и „солен“ надоместок

За пренос на удел од 11 илјади евра, бил платен надоместок од 9,8 милиони евра | Фото: БИРН

Скопски адвокат, во 2018 година, составил договор за пренос на удел меѓу македонска државјанка и фирма од Дубаи, пишува во пресуда на скопска апелација од 2021 година. Токму за тој договор, Управата за финансиско разузнавање пред Кривичниот суд му отворила прекршочна постапка.

Адвокатот бил обвинет зашто не ги почитувал одредбите од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам и не зел предвид дека клиентката што го склучувала договорот, барала „извршување услуги во или кон држави што се познати по производство и растурање дрога или држави познати како офшор-земји“.

На финансиските разузнавачи им било невообичаено што надоместокот за пренос на удел изнесувал 600 илјади евра, а вредноста на самиот удел била 7.500 евра.

Во пресудата пишува и дека вистинскиот, т.е. краен сопственик на фирмата во Дубаи кон која биле уплатени парите е, всушност, истата жена што ги уплатила парите.

Обвинетиот адвокат пред судот се бранел дека трансакцијата била транспарентна пред државните органи во земјава и оти не се сомневал дека со парите не е извршен ниту обид, а камоли перење пари или, пак, финансирање тероризам.

Апелациските судии не ги прифатиле неговите аргументи. Пресудата станала правосилна, а со неа адвокатот бил задолжен да плати во буџетот 1.000 евра и 2.000 денари судски паушал.

Истата македонска државјанка се јавува во уште еден ваков сличен предмет со „скап“ пренос на удел, во кој правосилно е осуден скопски нотар со идентична казна од 1.000 евра.

„Обвинетиот нотар не направил анализа на нерезидентното правно лице со седиште во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати“.

Во пресудата е наведено дека македонската државјанка била сопственичка, директорка и секретарка на фирма кон која бил уплатен пренос на удел од 11 илјади евра, а надоместокот за тоа бил 9,8 милиони евра.

БИРН, во судската база, покрај овие две, најде уште десетина пресуди против адвокати, нотари и брокерски куќи што не ги почитувале одредбите од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам и за тоа биле казнети.

Па така, одговорното лице, како и брокерската куќа, биле парично казнети затоа што не направиле извештај за купопродажба на „невообичаено големи трансакции или трансакции што биле извршени на невообичаен начин и што немаат економска оправданост“ од македонска комерцијална банка. За три години била направена купопродажба на акции што вредат речиси три милиони евра. Судот ја казнил куќата со 20.000 евра, а одговорниот со 500 евра.

Според пресудите кои ги анализираше БИРН, ова е најголемата изречена глоба за непочитување на Законот за спречување перење пари.

Казнет е и скопски адвокат, кој составил договор за купопродажба на стан во кој клиент е поранешен претседател на Управниот одбор на МЕПСО и не направил анализа која е обврската за избрани и именувани функционери и да ѝ ја предаде на Управата за финансиско разузнавање.

Адвокатот е казнет со 1.000 евра и судски трошоци.

По 10 прекршочни секоја година

Од 2021 до 2023 година, вкупно 33 прекршочни постапки пред судовите водела Управата за финансиско разузнавање против нотари, адвокати и брокерски куќи поради непочитување на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Тие, или не го идентификувале вистинскиот сопственик на фирмите, или не направиле анализа на сложени и невообичаени трансакции, или, пак, не доставиле извештај или податоци до УФР.

Законот налага фирмите и граѓаните што посредуваат со недвижности во вредност над 10.000 евра или повеќе, банките, штедилниците, менувачниците, нотарите, адвокатите, приредувачите на игри на среќа, Централниот депозитар на хартии од вредност, посредниците во трговија со уметнички дела и услуги со виртуелни валути се должни да преземаат мерки и дејствија за откривање и спречување перење пари и финансирање тероризам.

Законот налага дека тие треба да изработат програма за намалување и управување со ризици од перење пари и финансирање тероризам и анализа на клиентот кога има трансакција поголема од 15.000 евра, без оглед дали станува збор за една уплата или меѓусебно поврзани уплати, кај префрлање пари поголеми од 1.000 евра, кај игри на среќа при уплата и исплата на добивка…

Анализа на клиентот се прави и кога има сомнеж за вистинитоста на податоците за идентитетот на клиентот или за вистинскиот сопственик или кога има сомнеж за перење пари или финансирање тероризам, без оглед на износот на пари.

Во радарот за проверка на УФР се и непрофитните организации.

Извештајот за проценка на ризикот од финансирање тероризам на непрофитните организации во Македонија од 2021 покажува дека во минатото имало здружение за едукација и култура од Куманово, кое било под лупа на разузнавачите за поврзаност со терористичка организација, како и скопска невладина, пак, која била сомнителна поради приливи од луѓе и фирми од Турција.

Глобите за прекршоци за непочитување на законот, се движат помеѓу 150 и 120.000 евра, зависно од тоа за каков прекршител станува збор и за видот и тежината на прекршокот.

Ништо поразлично и лани

„Пред надлежните судови се водеа седум прекршочни постапки“, велат од Управата за финансиско разузнавање, за БИРН, за тоа каква била состојбата лани. Причините и во 2024 година се исти, како и во претходните години: недоставен извештај, недоставен одговор до УФР, неидентификување вистински сопственици на фирми…

Од Управата велат дека лани, адвокат го игнорирал барањето на УФР за 10 дена да им ги достави бараните податоци, па затоа била поведена прекршочна постапка. Најмногу прекршувања на Законот, според УФР, има кај приредувачите на игри на среќа.

Во Извештајот на Манивол од 2023 година, експертското тело на Советот на Европа, се констатира дека Македонија има подобрена правна рамка за разлика од минатото, сепак треба да го подобри спроведувањето на мерките во повеќе области.

Манивол од Македонија побара поефикасна проценка на ризикот за перење пари и од адвокатите, нотарите, сметководителите, даночните советници или агентите за недвижности.