Се почна во 2009 година. Финансиската криза што го погоди светот една година претходно беснееше на Балканот, а регионот гребеше по дното за да спои крај со крај.
Влегува Кина.
Грција ги отвори портите преку пристаништето во Пиреја, а Србија ја прогласи Кина за „четврти столб“ на нејзината надворешна политика. На балканските земји им требаа пари, а на Кина и требаше пријателски коридор од Средоземното море до Европа. Тоа беше почеток на едно прекрасно пријателство. Но, тоа имаше своја цена.
Повеќе од една деценија подоцна, според податоците на БИРН, регионот е домаќин на 135 проекти вредни најмалку 32 милијарди евра, кои на еден или на друг начин се поврзани со Кина. Интерактивната мапа „Кина на Балканот“ е резултат на истражувањето на БИРН за различните видови соработка меѓу Пекинг и земјите од регионот.
Кина ги презема металургијата, рударството, енергетиката и транспортот, а повеќето од овие проекти се придружени со обвинувања за корупција, експлоатација и со штети по животната средина.
Србија: Главното игралиште
Најголемото внимание е фокусирано на Србија, главното кинеско игралиште во регионот.
Во јануари 2021 година, 26 европратеници му пишаа на Комесарот за проширување на Европската унија, Оливер Вархеи, за да предупредат на, како што рекоа, „растечкото кинеско влијание во Србија и претстојната штета на животната средина предизвикана од неколку тешки индустриски проекти на кинески компании во Србија. ”
Кинеските инвестициски проекти, напишаа европратениците, немаат транспарентност и одржливост, а освен што предизвикуваат штета врз животната средина, имаат и корозивен ефект врз управувањето. Но Србија не изгледа вознемирено поради тоа.
Кинеското присуство во земјата, која е најголема и по територија и по население од тие што излегоа од пепелта на социјалистичка Југославија, е видливо не само преку инвестициите, заемите и културната размена, туку и во стратешката соработка кога станува збор за безбедносниот сектор и дигитализацијата.
Новинарите на БИРН идентификуваа најмалку 60 проекти во различни стадиуми на развојот што се прават од или во соработка со кинески актери во последната деценија, вредни најмалку 18,7 милијарди евра.
Меѓу 2012 и 2021 година кинеските компании вложија или одвоија повеќе од две милијарди евра за само 16 проекти во Србија, а кинеската Експорт-Импорт банка додели заеми за проекти вредни најмалку 5,7 милијарди евра. Истовремено Кина донираше милиони евра во форма на помош во медицинска или друга опрема.
Експертите предупредуваат за загрижувачко влијание врз законодавстото во Србија, односно дека законите се менуваат според барањата на кинеските инвеститори.
Вава Ванг, програмски директор на Џаст Фајнанс Интернешнел, која го истражувала меѓународното искуство на кинеските компании, вклучително и на државните претпријатија, кои работат во Србија, рече дека кинеските компании прават неизмерна штета.
„Тие предизвикуваат неповратни еколошки и социјални штети и ги кршат човековите права, без разлика каде работат, во Кина или во странство“, рече Ванг за БИРН.
Ванг рече дека нивните проекти не ги исполнуваат условите за финансирање од западни инвеститори или финансиери поради политички ограничувања, како што е постепеното укинување на јагленот или неизвесниот поврат на инвестициите, и веројатно ќе беа тргнати за да се направи простор за одржлива и праведна транзиција во Србија, ако го немаше интересот и поддршката на кинеските актери.
„Овој вид инвестиции – сите овозможени со некаква поддршка од кинеската влада – на крајот се корисни пред сè за кинеските компании и државните претпријатија кои бараат профитни центри во странство, бидејќи Кина ја зајакнува контролата врз загадувачките индустрии дома“.
Некои детали за проектите се затворени зад превезот на „државна тајна“.
Некористењето алатки како што се проценките на влијанието врз животната средина или ОВЖС, кои се клучни за транспарентно и партиципативно одлучување, овозможува проектите да продолжат и покрај потенцијалните штетни ефекти врз животната средина и локалните заедници.
Потоа, тука се работниците. Истрагата на БИРН во јануари 2021 година откри докази за експлоатација на кинески работници во поранешниот рударски и топилнички басен Бор, РТБ, единствениот српски производител на бакар и благородни метали, кој беше преземен од кинеската рударска компанија „Зиџин“ во декември 2018 година.
Се чини дека условите се уште полоши за виетнамските работници донесени да изградат фабрика за гуми за кинескиот Шандонг Линглонг во Зрењанин, околу 80 километри северно од Белград. Експертите за работнички права велат дека доказите собрани од БИРН, вклучувајќи договори и други документи, како и интервјуа со работници, укажуваат на потенцијален случај на трговија со луѓе.
Србија и Кина во моментов се под ревизија за исполнување на обврските од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права.
„Во своите коментари испратени до телото на Обединетите нации уште во 2019 година, невладините организации многу јасно ја истакнаа загриженоста за тоа како српската држава потфрла во работните стандарди и правата на мигрантите, бегалците и мигрантските работници. Случаите што беа истражени и идентификувани од БИРН и од други невладини организации укажуваат на системска и институционална неспособност, каде што човечките животи се жртвуваат за придобивка на мал број, во овој контекст, кинески компании“, рече Ванг.
Во 2021 година, поголем број балкански и меѓународни невладини организации сведочеа пред Комитетот за економски, социјални и културни права, експертско тело под Обединетите нации што ја следи усогласеноста на државите со Меѓународната конвенција за економски, социјални и културни права, дека Кина не е исполнување на екстратериторијални обврски кога кинеските компании кои работат во Србија и на Балканот ги прекршуваат законските барања за заштита на животната средина.
Во кинески раце е и дел од имотот на железарницата Смедерево, на околу 50 километри од Белград, кој во 2016 година го купи тогашниот кинески Хестил, денес ХБИС Груп. Во реконструкцијата на термоелектраната Костолац во Србија учествува и Кина.
Србија, исто така, има продлабочени односи со Хуавеј, и покрај тоа што потпиша договор во Вашингтон во септември 2020 година за да го задржи кинескиот технолошки гигант надвор од нејзината 5Г мрежа.
Една недела по потпишувањето на тој договор, Хуавеј отвори Центар за иновации и развој во Белград. Од 2012 година досега имало осум проекти управувани од Хуавеј. Компанијата има договор од 150 милиони евра со државниот Телеком Србија за надградба на фиксната мрежа и исто така е именувана како партнер во развојот на 5Г мрежата со приватната компанија Теленор.
Хуавеј и српското Министерство за внатрешни работи, исто така, имаат договор за партнерство за воведување на безжичните широкопојасни технологии „eLTE“ на Хуавеј и на системите за јавна безбедност „Паметен град“, вклучително и мрежа за надзор од големи размери што треба да се инсталира во главниот град на Србија.
Според проектот „Безбедно општество“, српското Министерство за внатрешни работи планира да инсталира 8.100 биометриски камери во соработка со кинеските партнери, и покрај законот кој во моментов забранува биометриски надзор на граѓаните во Србија.
Црна Гора: Во големи долгови кон Кина
Некои ја гледаат Црна Гора како прва жртва на кинеската таканаречена „дипломатија на должничка замка “, откако зеде заем од 800 милиони евра од кинеската Ексим банка за финансирање на 85 отсто од првиот дел од автопатот од брегот до границата со Србија, со што нејзиниот јавен долг порасна на вкупно 103 отсто од БДП.
Автопатот го гради корпорацијата Чајна Роуд енд Бриџ Корпорејшн, ЦРБЦ. Притисната од овој долг, Црна Гора склучи договор оваа година со европски и со американски банки за рефинансирање на заемот. Но, судбината на автопатот останува нејасна, имајќи предвид дека Црна Гора двапати се обиде и не успеа да обезбеди европско финансирање за втората делница, откако физибилити студиите предвидуваа дека обемот на сообраќај нема да го оправда трошокот.
Веско Гарчевиќ, поранешен црногорски амбасадор во НАТО и професор на Универзитетот во Бостон, вели дека штетата е веќе направена.
„Црна Гора сега е многу зависна од кинеските заеми и не може да преговара за подобри деловни зделки со Кина во иднина“, рече тој за БИРН. „Во исто време, таквиот долг ја прави Црна Гора сè понеатрактивна за некинеските инвеститори“.
Во целиот регион, рече Гарчевиќ, начинот на кој владите соработуваат со Кина ги еродира и онака слабите институции, ја охрабрува корупцијата и го забавува напредокот кон интеграцијата во ЕУ.
„Кинеските инвеститори преговараа со политичките елити во Црна Гора. Овој начин на водење бизнис води до зајакнување на влијанието на инвеститорите поради пасивноста на земјата кон оној со кој соработувате“, рече тој.
Освен за автопатот, Црна Гора претходно се обрати до Кина и за помош за купување на два товарни брода од кинеско производство за 41,9 милиони евра во јануари 2010 година. Земјата купи уште два во 2012 година.
Кинеските компании, исто така, беа вклучени во надградбата на железничката мрежа во Црна Гора, во обновувањето на единствената електрана на јаглен во земјата во Плевља, како и во набавката на вакцини против Ковид-19.
Босна: Преземање на енергетиката
Во споредба со другите земји во регионот, кинеското влијание во Босна и Херцеговина е релативно мало.
„Кина е главно фокусирана на директен бизнис со државата и на конкурентни наддавања“, вели економскиот експерт Адмир Кавалиќ. „Навлегувањето во тие области е скоро секогаш поврзано со лобирање и со други дипломатски напори. Мора да се каже дека општите ризици се поголеми кога станува збор за инфраструктурни проекти бидејќи остатокот од економијата зависи од нив“.
„Кога станува збор за заеми, нема многу изложеност на ризик, но на крајот и тоа може да стане проблем со оглед на гаранциите, особено оние што ги даваат владите на ентитетите“.
Навистина, во однос на инфраструктурата и енергетиката, Кина е најприсутна во Република Српска, населена претежно со Срби, еден од двата ентитета што ја сочинуваат Босна. Од 31 кинески проект таму, 18 се поврзани со инфраструктурата и со енергетиката.
Кавалиќ ги идентификуваше валканите енергетски технологии како посебен проблем. Изградбата на нова енергетска единица на јаглен во термоцентралата во Тузла се финансира со кинескиот заем од повеќе од 600 милиони евра, гарантиран од Федерацијата, другиот ентитет во Босна, населен главно со Бошњаци и со Хрвати. ЕУ беше остра кон договорот во тоа време.
Кавалиќ рече дека на малите држави како Босна им се потребни кинески инвестиции и други форми на економска соработка.
„Но“, предупреди таа, „големото прашање е како да се распоредат средствата за максимизирање на економските цели и ефекти, а за минимизирање на политичките. Тоа е предизвик за Босна и Херцеговина и за голем број други земји“.
Грција: Разочарување и разбивање на илузиите
Во Грција, БИРН мапираше 11 кинески проекти кои моментално се спроведуваат – од странски директни инвестиции до трговија, културна дипломатија и разни донации за помош во справувањето со пандемијата од Ковид-19. БИРН идентификуваше десет други проекти кои или пропаднале или биле прекинати.
Во однос на странските директни инвестиции, најпозната е кинеското преземање на контролата врз 64 отсто од акциите на пристаништето Пиреја преку Коско Шипинг, која првично плати 280,5 милиони евра за 51 отсто од акциите во 2016 година.
Истата година, кинеската Стејт Грид купи малцински удел од 24 отсто во грчкиот оператор на електричната мрежа АДМИЕ, за 320 милиони евра.
Потоа, има најмалку шест проекти во сферата на културната дипломатија, вклучувајќи ги и институтите Конфучие во главниот град Атина, Волос и во Солун, како и Центарот за кинески студии во Пиреја.
Корените на соработката може да се најдат во грчката економска криза од пред една деценија, кога Грците се почувствуваа предадени од западните сојузници кои наметнаа долгорочни остри мерки за штедење врз земјата во замена за повеќе финансиски спасувачки пакети.
„Тогаш, многу луѓе, и елитата и пошироката јавност, веруваа дека Грција е предадена од Западот и бараа алтернативни извори на капитал и алтернативни политички сојузници“, рече Пламен Тончев, експерт за кинеско-грчките односи на Институтот за меѓународни економски односи со седиште во Атина, ИИЕР. „И така се вклучи Кина“.
Во тоа време очекувањата беа „огромни“, рече тој, но во реалноста тие не се исполнија и остана чувството на „разочарување и разбивање на илузиите“ не само во Грција, туку и на други места во регионот.
Денес, со конзервативната партија Нова демократија на власт, „расположението е многу поинакво“, изјави Тончев за БИРН. Грчката влада е силно прозападна и про-ЕУ, склучувајќи големи одбранбени договори со Франција и САД. „Кина веќе не е во игра“, изјави тој за БИРН.
Тончев рече дека е скептичен за какви било идни големи кинески инфраструктурни проекти во Грција, наведувајќи го здравјето на кинеската економија како една од причините.
„Тие самите размислуваат за инвестирање во странство и јас би рекол дека има многу индикации дека иницијативата „Појас и пат“ станува многу помека“, рече тој. Наместо тоа, тој предвиде поголеми кинески инвестиции во културната дипломатија.
Албанија: Чекор назад
Албанија е една од ретките земји во Југоисточна Европа која во последните пет години забележа пад на кинеските инвестиции.
Највисокото ниво се достигна во септември 2016 година, кога кинеската компанија Гео-Џејд Петролеум плати 384,6 милиони евра за концесијата за екстракција на нафта на наоѓалиштето Патос-Маринца, најголемото наоѓалиште за производство на нафта во земјата.
Само еден месец подоцна, Чајна Евербрајт Груп, финансиска фирма поддржана од државата, купи 100 отсто од акциите на меѓународниот аеродром во Тирана, во тоа време единствениот аеродром во земјата, за 82,25 милиони евра. Но, наместо тоа да ги отвори вратите за повеќе кинески инвестиции, состојбата се влоши.
Извори запознаени со ситуацијата за БИРН изјавија дека кинеските инвеститори брзо станале фрустрирани и се почувствувале непожелни.
Во декември 2020 година, на седум години до крајот на договорот за концесија, кинеската компанија се распродаде без објаснување, предавајќи ѝ ја уздата на албанската групација Кастрати за 71 милион евра.
Енвер Битичи, предавач на Универзитетот Александар Мојсиу во пристанишниот град Драч и експерт за историјата на дипломатските односи меѓу Албанија и Кина, рече дека албанските власти извршиле притисок врз кинеските компании кои работат во земјата преку честите даночни инспекции.
„Ова е лудост и не е направено затоа што некоја компанија имала какви било проблеми, туку за да се направи притисок врз нив да си заминат“, рече тој за БИРН. „Тоа го направија со компанијата што ја доби концесијата за аеродромот“.
Албанија, која помина 45 години под тврд комунистички режим по Втората светска војна, е цврсто прозападна и ги смета САД и ЕУ за најсилни стратешки сојузници. Некои се сомневаат дека властите биле загрижени за сигналот што може да го испрати секој прилив на кинески инвестиции.
Кинеска инвестиција во Албанија нема од 2016 година.
Северна Македонија: Незаинтересираност
Во последните две децении, Северна Македонија направи неколку обиди да привлече кинески инвеститори, со само делумен успех.
Двата големи инфраструктурни проекти во кои се вклучени кинески компании се автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Последниов проект е одолжен, роковите се пробиени и допрва треба да се заврши.
Според анализата на БИРН, имало многу повеќе донации и договори за соработка – медицински, воени и културни, отколку реални проекти и инвестиции.
Експертите велат дека има мал реален интерес од кинеска страна за инфраструктурни проекти во Северна Македонија.
„Во суштина, и покрај желбата да привлечеме кинески странски директни инвестиции, не успеваме од повеќе причини – недоволен интерес на кинеската страна, неусогласеност на нашата понуда и кинеска побарувачка, разлика во деловната култура и недоволно меѓусебно знаење и недостаток на институционален капацитет, како и интерес за соработка со Кина“, рече Ана Крстиновска, експерт за Кина од Скопје и основач на организацијата за истражување и консултантски услуги ЕСТИМА.
„Што се однесува до другите проекти, кои не би ги нарекла инвестиции, бидејќи тие се во основа јавни договори за кои или се задолжуваме или објавуваме набавки со буџетски средства. Кина има огромен интерес за нив и тоа е во согласност со нивната глобална стратегија“.
Со население од само два милиони луѓе, Северна Македонија можеби е мала, но останува на радарот на Кина со оглед на нејзината локација на трасата на иницијативата „Појас и пат“ и на нејзиното можно идно членство во ЕУ.
„Кинеската филозофија во надворешната политика е дека нема големи или мали земји“, рече Крстиновска. „Ние сме важни како земја со право на глас во ОН [Обединетите нации], СТО [Светската трговска организација], СЗО [Светската здравствена организација], НАТО и голем број други организации и ќе станеме уште поважни ако приклучи се на ЕУ“.