Репортажи

Кочани – денот потоа

Секој налет на ветер, носи мирис на гареж од опожарената дискотека

„Дошле со автомобили, заминале со Брза помош“, кусо ни рече едно од трите момчиња што се симнаа од возило на шлеп-служба со кочански таблички.

Ги сретнавме пред опожарениот ноќен клуб „Пулс“, каде што вчера в зори загинаа 59 млади луѓе, а повеќе од стотина се повредени и сега се лекуваат во домашните и во болниците од регионот.

Ги пратиле момчињава да подигнат три возила со кои дел од настраданите пристигнале на кобниот концерт. Полицајците не ги пуштија, впрочем забранет е пристап околу празниот објект опколен со сигурносна лента.

„И јас бев во дискотеката, ама си заминав порано“, рече истото момче додека им сигнализираше на другите да си одат зашто денеска нема што да бараат на местото на трагедијата.

„Ги знаеме сите“, на одење тројцата синхронизирано одговорија на прашањето дали познаваат некој од настраданите. 

Не беа единствени.

Нема пристап до опожарениот објект | Фото: БИРН / Васко Маглешов

Буквално првите луѓе што ги сретнавме на паркингот во близина на ноќниот клуб имаа да раскажат лична трагедија. 

Андреј и сопругата размислувале да одат на забавата, меѓутоа останале дома. Отишле баџанакот и неговата сопруга. За пожарот разбрал во три часот по полноќ и веднаш дошол.

„Бев таму кога ги изнесуваа телата… Две мртви деца јас изнесов“, рече Андреј, со долга пауза меѓу двете информации што ги сподели.

Неговиот 25-годишен баџанак сега е во критична состојба, вчера го однеле на лекување во Турција.

Повозрасен пријател на истото семејство, пак, нè врати кај дискотеката. Посочи на истопената метална конструкција на покривот.

„Можете да замислите колкава била температурата? Имало 700, 800 степени. Врз децата паѓале пламења. Тие не голтале чад, голтале оган“, објаснуваше Моме Петрушевски.

Загрижен е и за неговите пријатели, родителите на настрадано момче што се лекува во Турција.

„Тие луѓе вчера 20 пати имаат умрено и оживеано.“

Пеплосана внатрешност | Фото: БИРН / Васко Маглешов

Изгорениот хангар, чија слика го обиколи светот, се наоѓа во индустрискиот дел на Кочани, нешто подалеку од центарот на градот. Тој е, како што велат кочанци, зимска дискотека. Во лето, младите се забавувале на друго место.

Тука поминува регионалниот пат кон Штип, низ кој вчера наизменично се слушаа сирените на Брза помош и полициски автомобили. Чиниш итаат кон воена зона.

Околу објектот има магацини, стоваришта, продавница за врати и за столарија и вулканизер. Вчера ништо не работеше, немаат струја.

Сликата ја посведочија и странските новинари. Имаше српска екипа од Н1, албанска на Топ ченл, германски репортери и новинари од Романија, кои потсетија дека во Букурешт, во 2015 година се случила речиси идентична несреќа со приближно ист број жртви.

„По протестите, премиерот даде оставка“, додаде еден од романските новинари. 

Toj ни бараше совет дали за својата сторија да го контактира градоначалникот на Кочани, кој во тој момент даде оставка преку социјалните мрежи.

Книга на жалост во Кочани | Фото: БИРН / Васко Маглешов

На приправениот пат, покриен со чакал, кој води над дискотеката се појави и пензионерката Бранка Анчова. И таа дошла да провери автомобил на некој од настраданите.

Сама ни пријде, имаше потреба да разговара.

Пред повеќе од две децении, речиси цела година работела во објектот на ноќниот клуб. Таму функционирала конфекциска фабрика.

„Стар е објектот, беше шивалница. Имаше многу ниски тавани, не е премногу голем и не знам како се собрале 500 души. Имаше едно веце и една врата“, раскажуваше Анчова.

Таа помни дека задниот влез и тогаш бил заклучуван, како и во саботата вечерта.

По пожарот од тој влез останала само рамката на вратата, која сè уште изгледа дека е цврсто заклучена. Меѓутоа, сега низ отворот што го пробил огнот се гледа пеплосаната внатрешност.

Секој налет на ветер носеше мирис на гареж.

„Не можете да влезете“, предупреди еден од неколкутемина полицајци што го обезбедуваа местото.

Вчера го разбудиле во 4 и, цел ден, до 22 часот ја обезбедувал кочанската болница.

„Од 8 изутрина сум овде“, се пожали.

Не сакаше да зборува за тоа што го видел во објектот. Одмавна со раката како да сакаше да каже: „Подобро да не знаете.“

Сцена од денешниот собир на плоштадот во Кочани | Фото: БИРН / Васко Маглешов

Назад во центарот на градот, на плоштадот пред Домот на културата, кој повозрасните го знаат од архивските ТВ-снимки за Кочани, во тек беше тивок граѓански собир. 

Градот беше полн. Луѓето во долга низа чекаа да се потпишат во книгата на жалост, палеа свеќи. Многумина носеа транспаренти. 

„Колку животи треба да се изгубат за да се подигне вашата свест“, е содржината на еден од транспарентите. Напишан беше на бел хамер со црни болдирани букви.

Се прегрнуваа и плачеа. На една девојка ѝ се слоши и ја однесоа во шаторот на Црвен крст. Ретко кој сакаше да зборува со новинари.

„Едни си отидоа во странство, други изгореа. Нема кој нас старите да нè чува“, изјави една постара госпоѓа.

„Трагедија и срам. Цел свет ја виде таа штала, која за нас била дискотека“, коментираше друга кочанка.

Почна да истура дожд и ние го напуштивме мирниот протест. 

На патот назад кон Скопје нè престигнаа вестите дека мртвата тишина од плоштадот низ улиците се прелила во бес. Група кочанци го демолирале кафулето на сопственикот на „Пулс“ и фрлале јајца врз куќата на сега веќе поранешниот градоначалник.