Автори: Ивана Костовска и Зоран Ричлиев
Ако дојдете во Тетовско, во еден од ретките денови кога аерозагадувањето не е високо, екологистите ќе ви кажат дека жителите се чувствуваат како да е празник, зашто можат да си ги наполнат белите дробови со чист воздух.
Првичниот впечаток кога влегуваме во Јегуновце исто така е како да доаѓаме на празничен неработен ден, затоа што во единственото кафуле во селото неколкуте маси надвор се полни со гости. Сопственикот на локалот, подготвува кафиња и трча од маса на маса, едвај стасувајќи да ги услужи отпуштените работници од фабриката за производство на феролегури „Југохром фероалојс“.
Атмосферата, всушност, е далеку од празнична, затоа што фабриката од која живее Јегуновце е под клуч од 1 јануари до 1 март, поради загадувањето на воздухот. Од управата на „Југохром“ кажаа дека одлуката за прекин со работа била донесена доброволно оти имале слух за загадувањето на воздухот. Над 900 работници се без работа и живеат со паричен надоместок од 5.000 денари од Агенцијата за вработување, наместо 250 до 300 евра, колку што заработуваат најголемиот дел од нив со шест дена неделно сменска работа.
Работниците пијат кафе на вересија, затоа што парите не им стигнуваат ниту да ги подмират сметките.
„И на дуќаните се рефлектира тоа што не работи фабриката, купуваат на вересија. `Југохром` не загадува, само измислуваат приказни. Има луѓе по 90 години во нашето село, здрави и живи се, ништо не им фали“, вели Синиша, сопственик на локалот.
[cincopa AkLALMN75dqo]
Ретки се жителите кои признаваат дека селото е навикнато да живее во чад и мирис на метали.
Напластените кровови на куќите во селото под Шар Планина личат како ренген-снимка од белите дробови на жителите каде што се наталожени тони прашина и чад од фабричките оџаци. Иронично, но здравјето како да има цена за жителите на Јегуновце: платата што ја добиваат од комбинатот каде што работат во супстандардни услови, забележливи уште кога ќе застанете на капијата, со оглед дека поголемиот дел од прозорците на фабриката за феролегури се искршени.
Се закануваат со тужба за еколозите
Работниците се плашат дека од март само дел ќе бидат вратени на работа. Некои од нив пред еден месец излегоа на протест пред влезот на комбинатот против прекинот на работа и за да ги зачуваат своите плати. Објаснуваат дека ако се отпуштат поголем дел од работниците, ќе се предизвика уште поголемо иселување на селото каде што „Југохром“ е главен извор на егзистенција. Поминувајќи низ селото, забележуваме сини работнички униформи на кои пишува „Југохром“, како се сушат на јануарското сонце. Секој минувач со кој разговараме ги повторува истите зборови: „Тетово е загадено и откако ‘Југохром’ ги изгаси печките!“, што според нив покажува дека фабриката не е главен причинител за загадувањето на градот, иако се наоѓа на 12 километри воздушна линија.
Телефонот на општина Јегуновце дивертиран кон приватен број
Денот пред посетата на Јегуновце, телефонски се обидовме да стапиме во контакт со градоначалникот или барем со референт задолжен за животна средина. На телефонскиот број објавен на веб-страницата на општината, по долго ѕвонење, се јави човек.
Комуникацијата беше чудна.
Човекот на другата страна од линијата беше збунет и не знаеше ни каде е градоначалникот, ни дали е присутен кој било друг кој може да одговори на нашите прашања.
Меѓу другото, ни рече дека ако го најдеме градоначалникот, да го исконтактираме, затоа што „и тој сакал да поразговара со него“.
Луцидниот разговор продолжи сѐ дури не сфативме дека станува збор за приватен телефон, односно телефон кон кој автоматски се дивертира службената линија кога никој нема да одговори по неколку ѕвонења.
За време на посетата, градоначалникот беше отсутен и никој друг во општината не се сметаше за овластен да одговори на нашите прашања.
Главниот виновник не го гледаат во државата која неколкупати го продолжи рокот за добивање еколошка дозвола за комбинатот кој „купува време“ за да работи без филтри туку во еколошкото движење „Еко герила“ кое планираат да го тужат.
„Нема загадување, нема болести, здрави сме. ‘Југохром’ гори само еколошки горива. Мора да има одговорност, затоа што без причина нè напаѓаат. Ќе ги тужиме `Еко герила` затоа што неосновано обвинија за загадувањето, што доведе до затворање на фабриката“, вели еден од работниците.
Сепак, по некој од жителите внимавајќи да не го слушнат другите, тивко ќе ви шепне дека тоа што го зборуваат вработените и нивните семејства не е целата вистина. Ќе ви кажат дека населбата е толку загадена што одамна го немаат видено сонцето над Јегуновце, дека фабриката чува многу тајни и дека околу неа има многу нечисти игри.
Сите зборуваат со страв, кога ќе ги прашате за фабриката. Некои се плашат дека ќе ги нема на списокот за повторно вработување, некои пак, се плашат да не се најдат на некој друг црн список. Се добива впечаток дека овие луѓе во 2016 година се доведени во состојба како да живеат во феудализам. Земено им е сè: работата, парите, достоинството, младите им се отселуваат, здравјето им е сериозно загрозено… а сепак единствениот спас го гледаат во зачадената сина работна облека со логото на „Југохром“.
„Еко герила“: Ако не постават филтри, ќе го блокираме влезот
Арианид Џафери од еколошкото движење „Еко герила“, кое организираше протести против загадувањето на воздухот во Тетово и повеќе герила-акции, ни вели дека во Тетово веќе се чувствува бенефитот од тоа што оџаците на фабриката не чадат
„Во првите 11 дена од годинава во Тетово има за 40 отсто помалку ПМ-10 честички во споредба со ова време лани. Ние сме без 30 тона прашина дневно во воздухот. Нема да дозволиме Тетово да биде отворена гасна комора“, вели тој.
Џафери се сомнева дека газдите на „Југохром“ ги сопреле печките поради намалување на цената на феросилициумот на светскиот пазар, а загадувањето на воздухот го искористиле како изговор.
„На сопствениците на ,Југохром’ ова им одговара, вистината е дека затворија заради намалување на цената на феросилициумот. Кога ќе се стават филтри, не може фабриката да се затвори секојпат кога некој ќе посака. Протестот на работниците треба да биде насочен кон владата, таму е виновникот што им дозволува на некои профитери да немаат еколошки дозволи, а работниците да работат за ниски плати“, вели Џафери кој додава дека „Југохром“ не е единствениот виновник за загадувањето во Тетово. Проблем е депонијата, тоа што градот сѐ уште нема топлификација и јавен превоз, но и греењето на дрва.
Aко „Југохром“ во март почне да работи без филтри на оџаците, Џафери најавува дека заедно со активистите ќе постават камп со шатори пред фабриката и ќе го блокираат влезот. Ни објаснува дека во зависност од ветерот, облакот од Јегуновце носи загаден воздух кон Тетово или кон Скопје.
„Еко герила“ за кратко време се наметна како многу влијателно движење, особено во однос на загадувањето на „Југохром“. Тие меѓу другото организираа неколку големи настани, постојано печатат летоци и други материјали, присутни се и на протестите во другите градови…
Џафери вели дека „Еко герила“ нема проекти и нема донатори. Тој вели дека движењето се самофинансира од активистите и дека токму оттаму доаѓа нивната сила.
Многу заинтересирани за зачадените пари од Југохром
Фабриката „Југохром“ создадена во педесетите години во социјализмот вработуваше над 2.000 работници. Пред престанувањето со производство во декември 2015 година, „Југохром фероалојс“ во стечај, вработуваше над илјада работници.
На огласната табла сега стои одлука и список со имиња на 934 вработени на кои им престанува договорот за работа на 31 декември 2015 година, а до нив стои упатство за пријавување во Агенцијата за вработување.
„Југохром“ учествува во вкупниот бруто домашен производ со еден процент, а од целокупниот македонски извоз од металопреработувачката индустрија 7% се легурите на комбинатот.
Ако се земе предвид поширокиот контекст дека неговото функционирање е поврзано со многу други правни субјекти – оние што обезбедуваат руда, транспортни и производствени претпријатија, локална инфраструктура… лесно е да се заклучи дека фабриката е клучен сегмент од македонската економија и не е чудно што и покрај проблемите со загадувањето, има многу заинтересирани кои би сакале да стават рака на зачадените пари од нејзиното работење.
Фабриката која произведува феро-легури и феро-силикон, досега смени неколку газди, а актуелен сопственик, според документите од Централниот регистар, е компанијата „Сиркатлент Девелопментс ЛТД“ со седиште во градот Лимасол во Кипар.
Како што објави Центарот за истражувачко новинарство СКУП, во кипарскиот регистар на фирми, како основач и сопственик на компанијата „Сиркатлент Девелопментс ЛТД“ фигурира друга компанија со седиште во Хонг Конг во Кина, држава која урива светски рекорди според загаденоста на воздухот.
Се работи за познатиот холдинг во светскиот пазар на метали – „Камелот Гроуп Лимитед“. Како сопственици, според СКУП, фигурираат Максим Москалев со пријавена адреса на живеење во Пекинг, и Димитри Аграмаков со адреса на живеење во Москва.
Според неофицијални информации се токми уште една продажба на фабриката, овојпат на познати тетовски компании: „Ренова“ и „Еколог“. Компанијата „Ренова“ има фабрики за градежни материјали и рудници не само во Тетово и во Битола туку и во Косово и Албанија. Сопственик е на фудбалскиот клуб „Ренова“. Услужната компанија „Еколог“, пак, работи на интегрирани сервисни решенија за влади, одбранбени организации и меѓународни корпорации.
На прашањето од БИРН дали имаат во план да го купат „Југохром“, од „Ренова“ ни дадоа одговор кој не ја исклучува ваквата можност.
„Во однос на преземањето на компанијата ‘Југохром’ од Јегуновце, ве известуваме дека водени од професионалноста и интересите на Ренова, во овој момент не би можеле директно да одговориме на вашето прашање“, наведено е во дописот. На истото прашање, од „Еколог“ – не ни одговорија.
Од Јeгуновце не испраќаат со надеж дека наредниот пат кога ќе ги посетиме, атмосферата ќе биде повесела ако работниците се вратат на работа.
Решението на сите проблеми, односно еко-системот за отпрашување чини колку и панорамското тркало од проектот „Скопје 2014“, но се чини дека постојано се одбегнува, како од сопствениците, така и од страна на властите. Отсуството на соодветна реакција ги подгрева сомнежите дека ваквата состојба можно e некому да му оди во прилог.