Анализи

Колку простор остана за згради во Скопје

Можни градежни зони за новите градоначалници

Зар остана нешто неизградено? Ова е прашање што скопјани често си го поставуваат по повеќе од две децении интензивна градба на станбени згради и на висококатници во главниот град, кои целосно го изменија ликот на повеќето населби во него.

Низ годините, многу празни простори, запуштени места, поранешни индустриски комплекси, големи паркинзи, дури и функционални паркови се претворија во градежни зони. Населбите со куќи во кои живееше по едно семејство добија многу мини-згради со по четири, осум или повеќе станови. Густината на населението на многу локации се зголеми неколкукратно, што создаде притисок врз сообраќајот, водата, училиштата, градинките и врз користењето на просторот, воопшто.

Неколкукратно се зголемија и приходите на градежните инвеститори. Одговорот на локалните власти за интензивното градење најчесто беше дека тие целосно зависат од парите што ги добиваат за комуналии, и ако не се гради, нема да можат ништо да инвестираат во општината, односно нема да спроведат ниеден проект.

Никој досега не дал одговор што ќе се случи кога просторот за градба целосно ќе се потроши. Но, за среќа на новите локални власти што ја презедоа функцијата или ги почнаа своите втори мандати во изминативе недели, тој ден сѐ уште не е дојден. Неколку локации во Скопје може да се претворат во зони на интензивна градба во следниве четири години. Кај некои тоа е очекувано бидејќи се подготвени плански документи, кај други е само претпоставка, дури и шпекулација.

Новиот ДУП за Водно

Инвеститори со внимание го чекаат новиот ДУП Ј 07 | Фото: БИРН

Деталниот план наречен Ј07 (југ 07, како што е обележана оваа градска четврт во Генералниот урбанистички план на Скопје) се смета за еден од најголемите во државава, според просторот што го опфаќа и бројот на поединечни имоти во него.

Се простира на локалитетите Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара. Ова е просторот во ниската зона на Водно, меѓу Клиничкиот центар и детската болница во Козле, и меѓу населбата Капиштец и почетоците на парк-шумата. Со децении, ова е еден од најатрактивните и најскапи простори во целата држава, место каде што се сместени претседателската палата, повеќето дипломатски резиденции и домовите на богатите. Секоја можност за изградба на нов квадрат тука предизвикува големо внимание.

Во изминативе две години, такви можности немаше, затоа што Уставниот суд во јануари 2023 година го укина ДУП-от донесен во 2014 година, бидејќи не бил изгласан од доволен број членови на општинскиот совет.

Колку е атрактивна оваа зона покажува и тоа што ДУП-от беше дел од случаите на поранешното Специјално јавно обвинителство како „Плацови на Водно“ и „Шамари во Општина Центар“, а се поврзуваше и со апсењето на поранешниот претседател на Советот, Мирослав Шиповиќ, односно неговото приведување се коментираше како обид за притисок да гласа за ДУП-от и да ги отвори можностите за градење таму.

Осум години важност беа доволни за овој урбанистички план целосно да го измени просторот – пониските делови се сега полни со високи градби, а на пострмните делови што се за индивидуално домување никнуваа помали згради.

По укинувањето, општината подготвува нов ДУП, кој се очекува да биде донесен во овој мандат. Засега нема информации какви одредби ќе содржи тој и какво градење ќе овозможи, но инвеститорите го очекуваат со нетрпение.

Расадник на можности или на згради

Расадник е еден од ретките празни простори во Кисела Вода | Фото: БИРН

Уште еден детален урбанистички план што се очекува е тој за Расадник во Општина Кисела Вода. Со димензии од околу 700 метри во должина и 400 метри во ширина покрај булеварот Борис Трајковски, поранешниот расадник е еден од најголемите преостанати празни простори во Скопје.

Најголемиот дел од земјиштето таму е приватно. Според катастарските податоци, некои парцели имаат и по дваесетина сопственици. На други, пак, во сопствеништвото веќе влегле и градежни фирми, како „Бортас“ и „МЦ Инженеринг“.

Во 2020 година, Општината, под водство на тогашниот градоначалник Филип Темелковски, подготви детален урбанистички план што предвидуваше стотина нови згради во оваа област. Околните жители организираа протести и основаа граѓанска иницијатива наречена „Расадник на можности“, барајќи да се запре планот и просторот да се претвори во парк.

Кога Темелковски беше заменет со Орце Ѓорѓиевски во 2021 година, тој ја запре оваа иницијатива, а две години подоцна организираше меѓународен конкурс за архитектонско-урбанистички решенија за просторот, на кој имаше два победнички проекти, од Хрватска и од Грција.

Како што тогаш рече Ѓорѓиевски, со решенијата, зелените површини на овој простор се зголемуваат од 10 илјади на 100 илјади квадратни метри, а вкупната станбена површина се намалува од околу еден милион на нешто под 200 илјади квадрати.

Како точно ќе изгледа просторот, ќе стане јасно по завршувањето на ДУП-от.

Распродадено земјиште покрај пругата во Аеродром

Градежните компании веќе се позиционирале | Фото: БИРН

Има простори во Скопје каде што воопшто нема детален урбанистички план, а, сепак, градежни компании се позиционираат. Такво е местото покрај железничката пруга меѓу населбите Кисела Вода и Мичурин, од страната на Општина Аеродром.

На потегот од околу 500 метри зад средното училиште „Димитар Влахов“ и зад поранешниот Тутунски комбинат, каде што се изгради големиот комплекс „Порта Супериум“, неколку градежни фирми веќе имаат сопственост врз земјиштето. Една од нив е „Менхетн билдинг“ на бизнисменот Цветан Панделески, друга е „Биси“, на поранешниот функционер од ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски, како и компаниите „Озон“ и „Зоко Зоран.“

Оваа локација не се споменува во урбанистичките документи на веб-страницата на Општина Аеродром, а просторот стои празен и на општинскиот ГИС-портал, каде што подетално може да се видат условите за градење на секое место. Сепак, како што покажале и некои поранешни примери, кога градежни компании купуваат земјиште, тоа обично значи дека ќе следува урбанистичка документација што ќе им овозможи да градат.

Карпош на вода или гола вода?

Многу теории околу „Карпош на Вода“ | Фото: БИРН

За разлика од другите локации, каде што постојат реални аргументи дека наскоро може да се гради (се подготвува ДУП, градежници заземаат позиции), таканаречениот проект „Карпош на вода“ повеќе години живее само во сферата на шпекулациите.

Станува збор за теорија дека покрај Вардар во Општина Карпош, некаде на потегот долг два километри меѓу салата „Борис Трајковски“ и сливот на Лепенец во Вардар, ќе се изградат голем број облакодери, со проект сличен на српскиот Белград на вода, кој предизвика многу контроверзии во главниот град на соседната држава.

За „Карпош на вода“ се зборува уште од 2019 година, кога тогашната општинска управа предводена од градоначалникот Стефан Богоев објави демант дека тој, заедно со водителот Бојан Јовановски подготвуваат таков проект.

„Во ниту една програма на Општина Карпош, ниту во изборната програма на градоначалникот Стефан Богоев не постои проект „Карпош на вода.“ Во таа насока, не е донесен или изменет ниту еден ДУП, што е достапно и видливо и на нашата веб-страница“, пишуваше во демантот.

Но, проектот не се заборави. Летово, кога имаше пожар на овој простор, партијата ДОМ објави соопштение во кое прашува дали тоа е „нултата фаза“ од проектот.

Приказната за „Карпош на вода“ ја користеше и претходниот градоначалник Стевчо Јакимовски во кампањата за реизбор, обвинувајќи го противкандидатот Сотир Лукровски (од кого загуби) дека го поддржува проектот.

„Додека некои сонуваат облакодери покрај Вардар – јас гледам катастрофа во најава. Замислете 45 згради „а ла Џевахир“, илјадници жители натрупани покрај реката, сообраќаен хаос и бетон до хоризонтот. Ова не е визија – ова е лакомост во градителска форма. Карпош нема да стане нечија рента-зона. Кејот ќе остане простор за рекреација, дружење и спорт“, велеше Јакимовски во кампањата.

Што е познато во врска со овој простор, односно што не е шпекулација? Најголемиот дел од земјиштето е во државна сопственост, но има некои поголеми парцели што се приватни и им припаѓаат на повеќе сопственици. Има делови и што се на градежни фирми, како „Тренд констракшн“ и СМС Шопс.

Детални урбанистички планови за овој простор нема, а во Генералниот урбанистички план тој е обележан како зеленило. Но, ГУП-от е во фаза на менување, па теоретски, ако местото се пренамени во градежна зона, набргу би можеле да дојдат и деталните планови. Со оглед дека кандидатите на истата политичка партија победија и во Град Скопје (што го подготвува ГУП-от) и во Општина Карпош (која е надлежна за ДУП-овите), не би се очекувал конфликт меѓу овие две власти, без разлика какви решенија ќе предвидат на оваа локација.

Нов ѕид покрај булевар

Земјиштата на Илинденска се одамна во рацете на градежниците | Фото: БИРН

Идејата за „Карпош на вода“ можеби се граничи со теорија на заговор, но една друга локација во Општина Карпош може многу полесно да стане градежна зона ако се усогласат Генералниот и Деталниот урбанистички план. Тоа е сегашниот зелен простор покрај булеварот Илинден, меѓу Зоолошката градина и крстосницата со булеварот 8 Септември, во близина на салата „Борис Трајковски.“

На овој потег, долг над 400 метри, на северната страна од булеварот, покрај Градски парк и расадниците на претпријатието „Паркови и зеленило“, со Детален урбанистички план од 2012 година се предвидени 12 деловни или станбено-деловни објекти во шест блока, високи по шест или седум ката. Тоа значи дека во овој дел од булеварот ќе има висококатници од двете страни.

Градежни компании, како „Мадал Бал“, „СМС Шопс“ и „ЗСФ Ком“, одамна го имаат заземено просторот, но дозволи не се издаваат, бидејќи, според едно објаснување на општината, ДУП-от не е усогласен со регулацискиот план на ГУП-от. Во превод, тоа значи дека улиците и сообраќајните решенија не се соодветно испланирани и не одговараат со решенијата од генералниот план, кој е повисок во хиерархијата.

Подготовката на нов план за овој простор со години се впишува во годишните програми на Општина Карпош, но нова верзија не е објавена. Со оглед дека сега се подготвува и нов ГУП, се отвора можноста за пречките да бидат отстранети.

Уште една фабрика за „производство“ на станови

Стариот индустриски комплекс може да се претвори во градежен | Фото: БИРН

Старите индустриски зони, во изминативе децении, беа честа цел на градежните инвеститори, како што покажаа примерите со поранешните фабрики „Треска“, „Цветан Димов“, „Алумина“ и други. Во дел од тие случаи имаше неуспешни иницијативи, просторите да се претворат во паркови, културни центри или во друго јавно добро.

Таков е и случајот со поранешниот „Купром“ во Ѓорче Петров. Пред околу пет години имаше идеја, старите објекти што се распаѓаат да се претворат во место за уметност и култура, но тоа не заживеа.

Просторот и натаму се распаѓа и создава загриженост кај околните жители поради нехигиената, запуштеноста и чувството на намалена безбедност.

Земјиштето од околу 21 илјада квадратни метри е во државна сопственост, но четири објекти од некогашната фабрика се во рацете на градежна компанија и на фирма што работи со недвижности, навестувајќи тивок влез на градежната офанзива и на овој простор. Се чека само да се изготви детален урбанистички план во Општина Ѓорче Петров. Во Генералниот план, просторот е веќе резервиран за домување.