Случајот со главниот уредник на „Вест“ е продолжување на практиката на заштита на партикуларните, наспроти јавните интереси.
Медиумски настан на неделата, а по своето значење, веројатно, и на подолг период, секако е заминувањето на Горан Михајловски од местото главен и одговорен уредник на дневниот весник „Вест“.
Секое заминување или смена на главен уредник од медиум со важност како „Вест“ секако е – вест. И тоа вест што заслужува посериозно внимание од оние штури информации за истекнување на договорот на основачот и досегашниот прв човек на најтиражниот медиум на корпорацијата МПМ.
Иако информациите се доволно штури за да можат од нив да се разберат намерите на газдите на медиумот што ја мотивираат одлуката на Михајловски да не му биде продолжен мандатот, можат да се наведат некои претпоставки.
Имено, ако весникот покажуваше лоши и незадоволувачки резултати, драстичен пад во тиражот или сериозни уредувачки грешки, тогаш, сигурни сме, МПМ дефинитивно и таксативно ќе ги наброеше, образложувајќи ја пред јавноста својата одлука, а вака се задржа само на формата на дискрециско право за непродолжување на договорот и со немуштото објаснување на официјалните претставници дека „Михајловски не е сменет туку договорот му истекнува“ (!).
Ваквото објаснување на најголемата медиумска куќа во областа на печатените медиуми за одлука која носи тектонски промени во македонската журналистичка географија наведува дека колегите од „Вест“ со содржината на апелот што го упатија до меѓународната заедница се на добра трага.
Проценката е дека априлските избори (ако се одржат) ќе бидат најважните избори во историјата на независна Македонија, па власта, според уиграната шема, започна со (до)освојување на медиумскиот простор
Тие, имено, изразија сериозно стравување дека зад смената на нивниот прв и долгогодишен главен и одговорен уредник се крие намера за целосно свртување на уредувачката политика и преземање на весникот од страна на владејачката гарнитура.
Ова мислење, јасно, држи вода, затоа што медиумската сцена, уште од најавата на априлските избори, почна сериозно да се преструктуира. Отворени се нови телевизии, за кои се смета дека се под патронство на власта, други немаат добиено дозволи за работа (Канал 77), бидејќи се смета дека нема да бидат со власта итн.
Проценката е дека априлските избори (ако се одржат) ќе бидат најважните избори во историјата на независна Македонија, па власта, според уиграната шема, започна со (до)освојување на медиумскиот простор. Така беа проценети и изборите во 2011, кога згасна А1 и повеќе други весници, а некои од националните телевизии беа целосно преземени.
Од друга страна, практиката на МПМ покажува дека механизмот на непродолжување договори е традиционално средство за ослободување од „неподобните“ уредници. На тој начин во оваа медиумска куќа кариерата ја завршија повеќе актуелни и некогашни уредници, а нивното заминување по правило означуваше и сериозно свртување во уредувачката политика.
Горан Михајловски беше најдолговечниот уредник во МПМ. Тој своевремено излезе од „Вечер“ и со поголема група новинари (од кои, ако не се лажам, повеќето сѐ уште се во весникот) го формираше „Вест“. „Вест“ се профилираше како „нежен“ таблоид, повеќе забавен и информативен, отколку аналитичен, па како таков не им изгледаше опасно на владејачките гарнитури.
Сепак, долговечната колумна на Михајловски, популарната „Сакам да кажам“ не покажуваше никаква милост кон политичките структури. Колективот беше единствен, а во битката против социјалните и работничките неправди, главниот уредник речиси секогаш беше со колективот. Во услови на веќе зафатен медиумски простор, не смее ништо да се остави на случајност или на непредвидливоса, па така, ете, некој реши, наспроти волјата на уредувачкиот колегиум и на редакцијата, да го смени Михајловски.
Ова отвора едно многу посериозно прашање за функционирање на македонскиот информативен простор, а тоа е начинот на смената и на поставувањето на главните уредници. По дефиниција, а така се случува во некои паралелни журналистички универзуми, сопственичките права и уредувачката политика се целосно одвоени.
Со други зборови, главниот и одговорниот уредник се именува (и се сменува) само со согласност на редакцискиот колегиум, што е еден од механизмите за заштита на јавниот интерес. Тоа е еден од начините партикуларните интереси (бизнис, лични, партиски итн.) да не преовладеат врз интересите на јавноста.
Зашто она што милион пати го повторуваме (а се чини уште не е доволно) е дека не постојат приватни и јавни (државни) медиуми. Сите медиуми се јавни, само карактерот на сопственоста може да биде поинаков. И сите медиуми одговараат пред јавноста, а не пред газдата.
Во услови на веќе зафатен медиумски простор, не смее ништо да се остави на случајност или на непредвидливост, па така, ете, некој реши, наспроти волјата на уредувачкиот колегиум и на редакцијата, да го смени Михајловски
Новинарите во светот поарчија децении и децении борба, често и синдикална, а во некои случаи и буквално крвава, за да успеат да ја одвојат уредувачката политика од сопственичките права. Сметам дека во контекстот на пржинските преговори за медиумите, овој податок и тоа како треба да се има на ум. А се нема.
Михајловски веројатно се сеќава кога пред повеќе од две децении, во еден ден, отприлика во ова време на годината, беа сменети главниот и одговорниот уредник на „Вечер“ (редакција каде што работеше Горан Михајловски) – Александар Ивановски и главниот и одговорниот уредник на неделникот „Пулс“ (редакција каде што работев јас) – Слободан Петровиќ.
Мојата редакција (можам да зборувам само за настаните на кои бев сведок и учесник) се почувствува навредено, затоа што редакцијата не беше претходно воопшто известена, а камоли консултирана. Ги применивме сите легални и помалку легални средства на отпор против самоволието на директорот. Објавивме и некои текстови во неделникот, барајќи поддршка од читателите, истовремено и стражарејќи во печатницата за да не може никој, освен нас, да интервенира во нив.
Еден од тие текстови, потпишан од, за жал, денес починатиот Небојша Јаконов беше буквално програмскиот текст „А крај нема…“. Тогаш, да бидам искрен, не верував дека овој текст, заедно со насловот, ќе биде толку актуелен и во втората деценија од новиот милениум. Особено затоа што тогаш именуваниот уредник од страна на директорот се откажа од функцијата, а директорот се согласи со нашиот предлог за нов главен уредник.
За жал, овој преседан остана само преседан, а манипулацијата со новинарите и медиумите стана многу, многу поголема.