Собрание на Република Mакедонија. Нема да ги раскажувам случувањата. Секој од нас има личен впечаток и однос кон она што се случи и што можевме да го видиме. Се вратат многу слики со голема брзина. Крв, тупаници, фантомки, удари, прегратки, знамиња, тупаници, крв, оружје, повторно удари…
Ако можеме да ја запреме сликата и да го запомниме добро моментов. Една фотографија од 360 степени, која ја опфаќа комплетната слика на сѐ што во моментов се случува во Македонија. Секој карактер, секоја реченица, секој став, секоја личност посебно. Не толпа, не народ, не бројки. Секој поединец. Секој посебно. Сам за себе.
Таа слика е многу важна, затоа што врз база на таа слика за некое време ќе можеме точно да знаеме кој каде бил, што зборувал и што застапувал секој од нас во овие возбудливи времиња на македонскиот непокор.
Настанот ме фаќа на пола пат помеѓу Белград и Виена. Патувам со претставата „Хамлет“. Гостуваме во Фолкс театарот (Volkstheater) во Виена. Хамлет, по кој знае кој пат, ќе бара правда за нанесената му неправда. Таа приказна која ја поставувам на сцена ја гледам во живо.
Луѓето во Белград ме прашуваат што точно се случува кај нас. На нивната телевизија Александар Даштевски им ја толкува ситуацијата. Им кажувам да го исклучат, бидејќи не можам да го слушам колку лаже. Тоа е како да го прашате Груески да ви објасни што се случува. Се појавува Владо Јовановски. И него не можам да го слушам. Потоа ќе зборува Хорхе. Си викам, ќе повратам.
Не, ќе слушам сѐ внимателно! Важно е да се запомни секој збор, секоја акција, секоја постапка. Важно е да се запомни!
Тоа што следува е еден од најгнасните мигови во оваа наша понова историја. Нешто што мислам дека долго ќе нѐ следи како лузна на нашите лица. И го гледам оној човек кој ја тепа Радмила Шеќеринска. И го гледам и не разбирам што точно треба да имаш во себе за да го направиш тоа? Каков тоа човек треба да бидеш? И можеби најдобра дефиниција е онаа на полицаецот кој вели „ВИЕ НЕ СТЕ ЛУЃЕ“.
Зошто е ова важно?
Денес Македонија е поделена на две спротивставени страни. Страни кои ништо, и кога велам ништо – мислам НИШТО, нема да ги убеди во спротивното. Ниту една од страните НИКОГАШ нема да ги прифати аргументите на другата страна. Едните ќе ги МРАЗАТ другите, сѐ додека постојат поколенија кои ќе раскажуваат за времето поминато последните десет години.
Работите за да бидат пострашни, тепачите сега ќе изјават дека не тепале туку помагале, случајно влегле, не разбрале, не им кажале, па пак помагале, па давале вода, па песни пееле, па дека мислеле оти е тоа некоја културна манифестација со игри и ора, па дека дошле само да ѝ ја бакнат раката на министерката
Рововите се ископани многу длабоко. Тешко ќе се разбереме за да се договориме. Работите за да бидат пострашни, тепачите сега ќе изјават дека не тепале туку помагале, случајно влегле, не разбрале, не им кажале, па пак помагале, па давале вода, па песни пееле, па дека мислеле оти е тоа некоја културна манифестација со игри и ора, па дека дошле само да ѝ ја бакнат раката на министерката…
Стигнувам во Виена. Луѓето се шокирани од количината на насилство и агресија која ја виделе во собранието. Прашуваат како е тоа можно? Објаснувам дека тоа се случувало и претходно.
Пред десет години прв пат тепаа. Тепаа студенти по архитектура, кои не се согласуваа со изградба на верски објект на плоштадот. Потоа продолжија да тепаат градоначалници, студенти, новинари, сѐ што не мислеше и не се согласуваше со нив. Што очекуваш десет години подоцна од таков човек? Од такви луѓе? Прво ќе тепаат, па ќе одат во манастир да се помолат. И така десет години.
Зошто се толку насилни?
Како културните дејци станаа предводници на насилството? Каде исчезнаа сите есеи за етиката? Каде исчезнаа сите песни за љубовта, почитувањето на другиот, преместувањето на планините, бранењето на послабите и заштитувањето на невините?
Таа поделеност не е политичка како што сакаат да нѐ убедат. Не е ниту етничка. Не е на патриоти и предавници, на Македонци и Шиптари, на комуњари и антички семакедонци. Таа поделба е на лична корист и општо добро. Не е смешно. Ова, кога ќе дојде можност ќе биде едноставно да се докаже. Потеклото на имотната состојба, контата во банките, становите, функциите и хонорарите јасно ќе покажат сѐ.
Немам ништо против ставови и убедувања. Сакајте ја Македонија, бидете патриоти и големи христијани, ама ако сте криминалци ќе одговарате пред законот. Мислите дека ако сте љубители на македонски мелос смеете да крадете ЦД-а од продавница? Сакајте ја Македонија и понатаму, од затвор, никој нема да ви брани.
Втора е моралната одговорност. Многу професори , уметници, доктори, полицајци ќе мораат да се соочат со моралната одговорност за она што го изговорија и направија.
Не може еден ден да учествуваш во толпа која крши коски на живи луѓе, а друг ден да одиш да чествуваш мошти во манастир. Без оглед на тоа кому си давал вода. Крвта со вода не се пере.
Затоа сме толку поделени. Затоа рововите се толку длабоки.
Човек во себе носи исконска потреба за правдина. Без оглед што во моментов изгледа дека правдата се купува на улица, без разлика што судиите судат за пари и ѓердани. Потребата за правда е силна и таа на крајот наоѓа начин да ја победи неправдата. Кога некој ќе згази човек на улица и веднаш ќе биде пуштен на слобода, тогаш останува едно чувство кое не се заборава. Останува чувство на неправда.
Се разбира постои само една работа која ќе го воспостави редот, но не и мирот, а тоа ќе биде законот кој ќе мораат да го почитувааат и едните и другите.
Законот финално ќе пресуди за тоа која од двете страни била во право во овој момент. Правда мора да има, бидејќи без правда нема мир.
Кој ќе биде авторот на тој закон
Во една наша песна се пее дека ако не ја земел долу на земјата, тој ќе ја земел горе на небото. Авторот сака да каже дека постојат земни закони и небесни закони.
Во последниот чин на Ричард Трети гледаме како сите жртви доаѓаат да го посетат во сонот. Му претскажуваат страшна смрт и му порачуваат дека го чекаат во пеколот. Ричард бара помош од свештениците и се разбира дека ја добива. Но, ноќните мори остануваат.
Не може еден ден да учествуваш во толпа која крши коски на живи луѓе, а друг ден да одиш да чествуваш мошти во манастир. Без разлика на тоа кому си давал вода. Крвта со вода не се пере
Дали верувам дека луѓе кои се подготвени да учествуваат и да организираат насилство, можат да имаат ноќни мори и совест? Совест! Мислам дека такво нешто кај тие луѓе не постои. Секого кого го интересираат причините, може да прочита во есејот ЗА БАНАЛНОСТА НА ЗЛОТО.
Шизофрени се сликите каде што раката на министерката за култура како да е на Виенски бал, ја бакнува момче кое малку подоцна ќе расцепи нечија глава.
Како културните дејци станаа предводници на насилството? Каде исчезнаа сите есеи за етиката? Каде исчезнаа сите песни за љубовта, почитувањето на другиот, преместувањето на планините, бранењето на послабите и заштитувањето на невините? Друго нѐ учеа на училиште, каде научивте во меѓувреме дека треба да го удриш оној што мисли поинаку?
Можеби и овој одговор лежи во сметките и контата на авторите? Можеби зад оваа загриженост се крие некој стан, вработена сопруга, исплатен хонорар…
Сеедно, тоа не го решава проблемот на моралот кај нив.
И кога ќе помислиш дека е најстрашно претепувањето на Радмила, ќе се појави изјавата на професорката која вели дека тоа ѝ било малку. Е тоа е болест! За таа болест не знам иљач.
Затоа кога утре некој од нив ќе застане на која било сцена од културното дејствување, пред него ќе стои еден предзнак. Многу е тешко на сцена да се игра љубовник, кога се знае дека во живот се поддржува удирање на понежниот пол.
Македонија мислам дека има шанса само како дел од една поголема слика. Не како изолиран вилает на еден споулавен бег. Во таа поголема слика постојат закони кои овој пат ќе мораат да важат за сите нас. Ние и понатаму ќе се мразиме поради лузните кои ни се направени, но законот ќе нѐ спречи да се дозаколеме. Мислам… да нѐ дозаколат. Јас никогаш не сум бил подготвен да удрам некого што не мисли како мене. Тука да сме на чисто.
Друг пат ќе зборуваме која е таа поголема слика на која ѝ припаѓаме.
Насмевнете се!
Кога ќе се симне правот од нашата битка за нашите различни ставови, откако ќе ги преброиме мртвите и ранетите, ќе ги преброиме напуштените и уништени домови, ќе дојде време да покажеме со прст кон оние кои се ВИНОВНИ за таа слика. И тогаш ќе го извлечеме оној замрзнат момент од денес. Ако грешам, нека изгорам. Ама ако имам право, сакам да гори оној другиот. Казна мора да има. Дупката која ја ископавме меѓу нас за жал ќе биде пополнета со нашите тела, не со нечии туѓи.
Поделеноста не е политичка како што сакаат да нѐ убедат. Не е ниту етничка. Не е на патриоти и предавници, на Македонци и Шиптари, на комуњари и антички семакедонци. Таа поделба е на лична корист и општо добро
Не ве убедувам во ништо. Нашите ставови се различни и непомирливи. Секој од нас е подготвен да се бори со другиот за докажување на сопствената вистина, до истребување. Во овој момент е неважно кои се причините и како дојдовме до тука. Секој има своја верзија, своја приказна и своја неправда. Никој од ова нема да излезе без лузна.
Но, ќе има утре. И таму ќе има едни луѓе кои ќе градат на некои темели еден нов свет. Тогаш ќе треба да се знае кој за што се залагал и борел. Ќе треба да остане запишано и запомнето кој што кажал и што направил. Секој збор, секоја реплика, секој повик, манифест, секоја искажана мисла. Народот нема да може да одговара, ќе одговара секој од нас поединечно. Ќе одговарам и јас, ама ќе одговараш и ти, ќе одговараат и Никола Груевски и Ѓорѓи Иванов и Трајко Вељановски и Чавков и Јовановски… Си има служби кои ќе го дополнат списокот.
Во зависност од тоа како ќе пресуди законот.
Во меѓувреме ќе треба да ги пронајдеме сите вистински луѓе кои се останати некаде под урнатините. Не се сите професори корумпирани. Не се сите новинари продадени. Во полицијата работат луѓе кои сакаат да ги бранат редот и законот. Постојат доктори за кои животот на пациентот нема цена. Постојат уметници кои никогаш нема да застанат на погрешна сцена. Постојат Албанци кои никогаш не гласале за Ѓорге Иванов, иако така им било наредено. Тие луѓе ќе бидат оние на кои ќе создаваме една земја, во која сите ќе бидеме еднакви и сите ќе ги уживаме истите права.
Утопија? Ме заболе! Јас во тоа верувам искрено. Секој ќе одлучи сам за себе. Секој поединечно. Не сме толпа. И секој ќе одговара за таа постапка.
Затоа да се фотографираме за да запомниме и да остане нешто што никој нема да го запали за да изгори и да се заборави.
Насмевнете се!