Флеш Вести04/05/2017 19:08

Дурловски им се врати на „тврдокорните“

Откако вчера се повлече од организацијата на иницијативата „За заедничка Македонија“, директорот на Македонската опера и балет (МОБ), Игор Дурловски, денеска повторно се врати на бината рамо до рамо со останатите организатори, Богдан Илиевски и Борис Дамовски.

„Од се срце му благодарам што беше, што е и што ќе продолжи да биде со сите нас. Фала ти Игор, браво Игор“, рече Илиевски на денешните протести.  

Вчера Дурловски се огласи на својот Фејсбук профил велејќи дека дел сограѓани брутално го напаѓале поради разликите во ставовите за иднината на Македонија и дека тој повеќе нема да биде дел од организацијата.  

 „Жал ми е што индиректно бев дел од насилството кое неколку пати јавно го осудив. Стотиците закани не ме уплашија, но тоа што ме скрши е што дел од моите сограѓани брутално ме напаѓаа поради разликите во ставовите за иднината на Македонија. Тие што ме познаваат знаат дека моите намери се чесни и од срце. Само времето може да покаже дали биле правилни“.

Тој на неговите „соборци“ им посака истрајност, а порача и дека редовно ќе биде на улица, но поддршката ќе ја дава „согласно сопствените морални убедувања и професионално делување“. 

Што го натерало Дурловски да се врати во организацијата на иницијативата „За заедничка Македонија“, само еден ден откако се повлече, останува нејасно.