Флеш Вести12/05/2021 15:59

Обвинение за Груевски, Камчев и Мијалков за „Плацовите на Водно“

Осум месеци по отворањето на истрагата за случајот „Плацови на Водно“, кој беше дел од предметот „Империја“ на СЈО, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупцијa денеска поднесе обвинение.

Обвинети се шестмина за перење пари и противправно стекнување и прикривање имот за купопродажба на парцелите на Водно.

Првообвинет е експремиерот Никола Груевски, а заедно со него обвинети се неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и поранешниот шеф  на УБК, Сашо Мијалков – сите за перење пари.

Според обвинението, од јуни 2006 година до октомври 2012 година, Груевски за себе противправно присвоил најмалку 1,3 милиони евра како претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Парите што биле давани како донации за финансирање на партијата, обвинет е дека не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе.

Откако дознал дека нашинци што се иселени од  државата, преку посредници продаваат земјиште од околу 11 илјади квадратни метри лоцирано на атрактивното Водно, побарал од Сашо Мијалков да му помогне да го купи земјиштето, при што ќе го скрие изворот на парите и тоа дека тој е сопственик на земјиштето.

Мијалков е обвинет дека контактирал со Ненад Јосифовиќ, кој тогаш бил сопственик на веќе регистрирана офшор-фирма во Белизе, се договорил токму таа фирма да основа  домашна фирма, која ќе го купи земјиштето на Водно. Управител, пак, станал Ристо Новачевски.

Груевски, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката  на правното лице од Белизе ги пуштил во оптек парите прибавени со кривично дело. Бил потпишан договор за купопродажба.

Во 2015 година, купениот имот чии парцели биле пренаменети  во градежни парцели и уделот на фирмата од Белизе во скопската фирма, биле пренесени на обвинетите Јордан Камчев и Ратка Камчева.

Камчеви, според соопштението на Обвинителството, иако знаеле дека имотот е прибавен незаконски, го примиле во сопственост на нивна фирма, и одлучиле да направат преименување, односно сопственоста да се пренесе на фирми каде што Камчев е управител, а неговата мајка е сопственик.  

Потоа земјиштето било поделено на три нови парцели, од кои едната ѝ била продадена на заинтересираната фирма. Уделите во преименуваната фирма и останатите две парцели, фиктивно му биле пренесени на трето лице без да биде платен уделот.

Груевски, со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој во значителна вредност ги надминува неговите законски приходи во Анкетниот лист што го доставил по престанокот на функцијата до Антикорупциска, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на неговиот кум.

Обвинителството предложи трите плаца на Водно да бидат конфискувани, како и становите на Груевски од 57 квадратни метри во вредност од 60 илјади евра и 38 квадратни метри во вредност од 41 илјада евра, градежното земјиште со површина од 2.729 квадратни метри, во вредност од 7.365.600 денари и две градежни парцели во Крушево во вредност од 795.424. денари.

Ова е првиот дел од големиот предмет „Империја“, кој СЈО го отвори во 2018 година.

На обвинетите, доколку бидат огласени за виновни, им се заканува затвор од една до десет години за перење пари, а на Груевски, освен тоа, дополнително му се заканува казна до пет години затвор за делото „противправно стекнување и прикривање имот“ и парична казна.