Ако не ми купите авионче

Колумна на Ирена Цветковиќ

Политиката е многу повеќе од менаџирање формализирани автономни институции, таа е секогаш релациона, во односот со другите, со заедницата, со нормите, со ресурсите и со иднината што ја проектираме и замислуваме. Таа се создава и се одвива во мрежи на моќ, зависност и признавање, во тоа кој може да донесува одлуки и да ги спроведува, кој има пристап до ресурсите, кој смее да казнува и да лишува.

Нашиот однос со власта е секако политички и несомнено подразбира некаков однос, релација и динамика. Во зрели општества, тој однос би требало да биде однос на зрели политички ентитети, однос на заемна почит, одговорност и здрава дистанца. Во политички незрели општества, носителот на највисоката функција во извршната власт се лути како мало дете на својот народ и емоционално го манипулира кога не му дозволуваат да си купи авионче.

Ако политиката е секогаш релациона, тогаш прашањето е каква е природата на нашиот однос со власта. Таа треба да почива на легитимитет и договор, и да биде посредувана преку институциите. Но, во политички незрели општества, релацијата станува токсична, се губат границите и здравата дистанца, а односот се претвора во нефункционална, речиси интимна врзаност, што отвора простор за емоционално исцрпување и манипулација.

Во политички незрели општества, носителот на највисоката функција во извршната власт се лути како мало дете на својот народ и емоционално го манипулира кога не му дозволуваат да си купи авионче

Наместо одговорни граѓани и отчетни институции, ние живееме однос на „токсичен брак“ со политичките лидери, живееме политички живот обоен со инфантилни очекувања и без јасна идеја за одговорност.

Кога избираме власт, ние не се прашуваме на чија политичка визија и програма ќе ѝ дадеме поддршка, туку дали тој и тој е добар човек, дали нè сака, дали е арогантен или скромен, дали пуши и пие или води здрав живот. Кога тие добиваат власт, не се прашуваат како ќе го искористат својот мандат за имплементација на сопствената политичка стратегија, туку дали сме им лојални, дали им кажуваме дека ги сакаме и дека се најдобри, дали ги фалиме и дали им ги дозволуваме сите каприци.

Во контекст на речиси целосно обесмислени и ослабени институции, политиката почнува да се живее исклучиво интимно. Со други зборови, во нефункционална држава, нашиот однос заличува на однос на навредени и разочарани љубовници.

Сигурно, барем еднаш во животот сте се нашле во токсична релација со партнер, кој од вас очекува сè, а не дава ништо и ве обвинува вас за секој свој неуспех. Ако не ми дозволите да си купам авионче, тогаш вие ќе бидете виновни доколку ми се случи несреќа. Ваков однос, во ниеден случај не е институционален, туку интимен во својот тон и асиметричен во однос на моќта и ресурсите.

Интимен токсичен однос не е само однос во кој двете страни имаат чести несогласувања. Токсичниот однос има свои препознатливи патерни, како емоционална зависност, манипулирање со чувство на вина, нејасна одговорност, глумење жртва, инфантилизација на другиот, закана за напуштање со или без своја волја и постојано осцилирање меѓу грижа и обвинување. Клучната карактеристика на еден ваков однос, како што се гледа, не е заемен конфликт, туку една опасна комбинација на емоционален интензитет и дисторзирана одговорност.

Интимноста сама по себе не е проблем, проблем се нездравите интимни односи во кои страната што ужива моќ ја отфрла одговорноста, границите се замаглени, емоционалната манипулација ја заменува демократската отчетност, а чувството на вина и страв ги регулираат однесувањата. Па така, и власта, и граѓаните се однесуваат како партнери, чии емоционални односи постојано мора да се менаџираат.

Во токсичен однос, оној кој во реалноста ужива повеќе моќ, добива можност и покрај тоа себеси постојано да се претставува како жртва. Гледајќи ги однесувањата на оние на власт, човек би можел да си помисли: јака им душа со ваков народ. Или недоволно ги цениме, или не знаеме да се веселиме, или се однесуваме како талог, кој постојано критикува.

Наместо одговорни граѓани и отчетни институции, ние живееме однос на „токсичен брак“ со политичките лидери, живееме политички живот обоен со инфантилни очекувања и без јасна идеја за одговорност

Носителите на функции и моќ постојано се прикажуваат како да се нападнати од нас, критиката ја доживуваат како агресија, очекувањата за одговорност како суровост. А за неуспесите директно поврзани со нивниот мандат, тука е претходната гарнитура. Власта во Македонија се однесува како напуштен љубовник, кој бара љубов, лојалност и пожртвуваност по секоја цена.

Во токсичните односи, зависноста е клучен механизам на одржување на моќта: „јас ти требам“, „само јас можам да те заштитам“, „без мене нема достоинствен живот.“ Во политички контекст, тоа значи дека само власта може да обезбеди стабилност, дека секоја критика води кон хаос и дека преиспитувањето е опасно. Така, наместо рационална проценка, доминира стравот, а граѓаните постепено се позиционираат како зависни.

Тоа функционира затоа што граѓаните веќе однапред се социјализирани во емоционално незрели политички односи. Тие очекуваат грижа и признавање од лидерите, ги вреднуваат емоционално и развиваат лојалност или разочарување во рамки на својот личен регистар.

И политичките, како и секои други односи, имаат свој почеток и крај. Релациите што се хранат од силен емоционален набој, зависност и вина, не се расплеткуваат мирно, туку пукаат нагло и драматично. Во такви краеви, речиси никогаш нема победници затоа што емоционално нерегулираните партнери едноставно избираат да влезат во нова еднакво токсична врска. Со други зборови, партнерите драматично ќе се менуваат, а ние ќе продолжиме политички да живееме една бесконечна токсична интимност без последици.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија