Онака како што нѐ дал Господ, во вечно исчекување на некакви датуми и со длабока верба дека тие никогаш нема да стасаат, промашивме уште еден важен датум за нашата култура – половина век од постоењето на „Алан Форд“.
Добро, знам дека станува збор за италијански стрип, потпишан од неверојатниот тандем Макс Бункер, сценарист, и Магнус, цртач, (во случајов, нивните вистински имиња навистина немаат некое особено значење), но исто така знам дека „Алан Форд“ во суштина беше автентичен југословенски (суп)културен феномен, а со самото тоа и македонски поп-феномен.
Еден куп луѓе, кои, сведок сум за тоа, иако стрипот како појава воопшто не ги интересира и никогаш не ги интересирал, и ден-денес цитираат изреки запишани на маичките на Грунф, а исто толкав број луѓе сѐ уште носат прекари според имињата на јунаците од дисфункционалната група ТНТ.
Можам, се разбира, на ова место да развивам милиони приказни, од тоа дека моето тинејџерско друштво своевремено себеси се нарекуваше ТЗТ, токму по урнекот на несмасните шпиони од ТНТ (иако кај нас стануваше збор за акроним од Тотално загрозени типови) и дека секој од нас се персонифицираше со некој од хероите на нашиот омилен стрип, ама тоа секако не ми е целта.
Како што не ми е целта ниту да цитирам некои од бројните екстремно духовити и цинични реплики од стрипот, кои станаа веќе поговорки. Или да го споменувам Ненад Брикси, чиј генијален превод, според познавачите на јазикот, често бил подуховит и од оригиналот.
Еден од најистакнатите негативци во стрипот, фамозниот Суперхик, овој анти-суперхерој со неподнослив здив што краде од сиромашните за да им даде на богатите (и по кого еден од најпопуларните овдешни бендови го носи своето име) за првпат се појавува во епизодата во која ѝ помага на градежната мафија да ги збрише малите куќички и околните паркчиња за да изгради нешто многу поисплатливо.
Дури и промашувањето на јубилејот на „Алан Форд“, изгледа некако сосема македонско аланфордовски начин, токму на одбележување на овој јубилеј. Како што и вечното очекување на датумот што ќе нѐ поведе во посветлата иднина изгледа токму како вечниот сон за богатство и благосостојба на јунаците на стрипот
Веќе во следниот број се појавуваат фамозните тројца градски татковци, нагалено наречени „три прасиња“, поради нивната физичка сличност со овие животни, но и поради директната асоцијација на Орвел. Овие градски отци, на пример, го пуштаат од затвор очигледно виновниот Центурион, само затоа што му припаѓа на светот на богатите. Кога би сакале да бидеме цинични, можеме да кажеме дека му го враќаат пасошот поради членување во некаков управен одбор и поради доедукација. Суперхик, се разбира, е под нивна постојана заштита.
За разлика од архи-негативците, главните јунаци во суштина се или наивни (Алан Форд), или ситни криминалци (Сир Оливер), или општествено сосема неприлагодени (Боб Рок), или, едноставно, апатични (Дебелиот шеф), но во секој случај сите постојано имаат проблем со законот, кој со нив, за разлика од богатите, е прилично неселективен.
Всушност, тука некаде лежи и клучот на заборавањето на „Алан Форд“ во денешната македонска реалност. Имено, состојбите прикажани во овој стрип се дефинитивно применливи кај нас денес. А, сепак, без оглед на зголемувањето на инвестициите или на подобрувањето на кредитниот рејтинг кај „Фич“, овие состојби и нивните носители, значи богаташите и корумпираните и главно неспособни политичари се немилосрдно исмевани.
Ако сакаме да бидеме искрени и во Македонија, како и во останатите држави настанати од благопочившата Југославија, имаше обиди да се преобјавува Алан Форд, па дури и да се објавуваат неговите нови епизоди (за неупатените „Алан Форд“ сѐ уште излегува со ритам по една епизода месечно), меѓутоа сите овие обиди главно завршуваа со неуспех или мошне слаб успех.
Колку што знам, стрипот сѐ уште излегува во Србија и во Хрватска, меѓутоа со драстично намален интерес во однос на оној од југословенските времиња. И не е веќе во прашање квалитетот на преводот, па ниту тоа дека оригиналните автори на стрипот одамна се повлекоа, туку дека ние, ете, буквално го живееме „Алан Форд“ и затоа, логично, овие состојби не можат повеќе да ни бидат смешни.
Напротив. Сега, кога по овој повод, ги разлистувам примероците на „Алан Форд“ што сум ги сочувал во мојата колекција, просто ми доаѓа да се расплачам.
Она што некогаш беше длабока и важна супкултура, денес се претвори во површна и небитна култура на нашето секојдневно живеење. Дури и промашувањето на јубилејот на „Алан Форд“ изгледа некако сосема македонско аланфордовски начин токму на одбележување на овој јубилеј. Како што и вечното очекување на датумот што ќе нѐ поведе во посветлата иднина делува токму како вечниот сон за богатство и благосостојба на јунаците на стрипот.
Со други зборови, Алан Форд е наш повеќе од кога било. Или, ако сакате, сите сме ние Алан Форд.