Регион

Напади на џамии и закани поради Сребреница

Налепница залепена на џамијата во Бјелина. Фото:Тузланско муфтиство

Тузланското муфтиство на Исламската заедница (ИЗ) во Босна и Херцеговина, денеска најостро ги осуди, како што нагласи, континуираните напади врз имотот на ИЗ, што во последните неколку недели се случија во Бјелина и Зворник.

Неидентификувани сторители во текот на ноќта на 7 јуни 2019 година, на гробиштата Казанбашќа  во Зворник, уништиле четири муслимански надгробни споменици, соопштуваат од тузланското муфтиство.

Тие додаваат дека пет дена подоцна, непознати лица на огласната табла пред џамијата Атик во Бјелина, на влезната врата во харемот на џамијата и на влезната врата од службените простории на Меџлисот од Бјелина, залепиле заканувачки летоци.

„На летоците се исцртани нож и жица и напишано ‘Сребреница’, потоа е ставен и леток со картата на Косово со натписот ‘Татковина е ова на Србинот’, како и летоци со ликови, меѓу кои и ликот на Дража Михајловиќ, со натписот ‘Нашите предци падна одамна, а твоето име, Србијо, стана славно’“.

„За овие настани во Бјелина и во Зворник, се известени полициските управи во овие градови“, велат од муфтиството.

Тие бараат властите да преземат мерки против говорот на омраза и заканите.

Мисијата на ОБСЕ во БиХ, која собира податоци за злосторствата извршени од омраза и прави месечен графички приказ „Монитор на омразата“ за инцидентите мотивирани од предрасуди, во мај 2019 регистрирала десет инциденти.

Меѓу нив, велат од ОБСЕ, во еден случај се работи за физичко насилство, во три случаи за оштетување на верски објекти и испишување на навредливи графити, и во четири случаи за вербален напад.