Регион

Косово го одликува Клинтон за интервенцијата на НАТО во 1999 година

Бил Клинтон (во средина) и Хашим Тачи (десно). Фото: БИРН

Косово го одликува Бил Клинтон, поради неговата поддршка на НАТО бомбардирањето на Југославија, со што пред 20 години беше ставен крај на војната во оваа земја.

„Ви заблагодаруваме на праведната одлука да се запре српскиот геноцид во 1999 година. Многу сме благодарни за поддршката на САД на Косово. Приказната за Косово е приказна за заеднички успех. Вие сте наш херој“, му рече претседателот Хашим Тачи, на Клинтон.

„Засекогаш ќе бидaм многу горд на фактот што тогаш, кога ви беше потребен некој што ќе застане и ќе каже – нема повеќе етничко чистење, нема повеќе напуштање на домовите, убивање на невини цивили и дека мора да постои друг подобар начин, бев претседател на САД“, рече Клинтон.

Поранешниот американски претседател пристигна во Приштина, во пресрет на одбележувањето на 20-годишнината од влегувањето на војниците на НАТО во Косово.

Во посета на Косово е и поранешниот државен секретар на САД, Медлин Олбрајт, чија биста ќе биде официјално откриена во Приштина.

НАТО, во 1999 година, започна 78-дневна воздушна кампања против Србија, со цел да го натера тогашниот претседател, Слободан Милошевиќ, да ги прифати условите на договорот за прекин на неговата воена кампања против Ослободителната војска на Косово, која опфаќаше и широко распространето етничко чистење и убиство на албански цивили.

По повлекувањето на силите на Милошевиќ, во јуни 1999 година, НАТО влезе во Косово и ги распореди своите трупи – КФОР.