Регион

Косово: ИОМ започна со изработка на албанско-српски онлајн речник

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Почеток на проектот во Приштина. Фото: БИРН

Меѓународната организација за миграции (ИОМ), во понеделникот во Приштина, го започна проектот за изработка на албанско-српски онлајн речник, кој содржи 20.000 зборови, чија цел е подобрување на комуникацијата помеѓу Абанаците и Србите.

ИОМ планира да го заврши овој проект, најверојатно прв од ваков вид, до септември 2019 година.

Албанскиот и српскиот јазик се два официјални јазици на Косово. Други јазици, како што се турскиот и ромскиот, се во службена употреба во општините, каде што оние што ги зборуваат, сочинуваат најмалку пет проценти од локалното население.

Пет косовски општини – Каменица, Мамуша, Драгаш, Северна Митровица и Јужна Митровица – веќе имаа корист од проект на ИОМ, кој поддржан од британската амбасада во Косово, понуди бесплатни курсеви по албански и српски јазик.

Координаторот на проектот, Светлана Ракиќ, изјави дека во проектот со онлајн речникот, биле вклучени експерти од Косово и од Србија.

„Ја идентификувавме бариерата што ја создаваат јазиците и почнавме да создаваме онлајн Вокаб (Vocab) платформа. Проектот е поддржан од Амбасадата на Велика Британија и од УНМИК“, рече Ракиќ.

Новинарката од Приштина, Уна Хајдари, истакна дека Албанците и Србите, во последните неколку децении, не го учат јазикот на другата заедница.

„За разлика од моите колеги, зборувам и известувам на двата јазика, на албански и на српски. Има недостатоци при нивното преведување, бидејќи од крајот на војната (1998-1999) немаме никаква иницијатива, било од српска или од албанска страна, да се научи јазикот на другите“, истакна Хајдари.

Таа додаде дека последниот двојазичен албанско-српски речник во Косово, бил објавен во 1985 година.

Славиша Младеновиќ, повереник за јазици во Косово, е убеден дека речникот ќе помогне да се олесни соживотот меѓу Албанците и Србите во Косово.

„Очекуваме ова да ги подобри односите меѓу двете заедници. За првпат по 30 години, експертите од Приштина и од Белград седнаа на маса“, рече Младеновиќ.

„Ова ќе ја олесни работата во администрацијата и ќе биде важен аспект во помирувањето на двете заедници”, додаде тој.