Ниедно дејство, свесно поттикнувано и хушкано, не кулминира преку ноќ. И за едно лепче да се замеси и испече, треба да се почека прво да нарасне квасецот. Анатомијата на насилството во Вашингтон, колку и да изгледа изненадувачка, во основа е след на сѐ што претходеше во изминатите години, особено за време на изборите и по поразот на Доналд Трамп.
Квасецот нарасна и се прелеваше многупати, па „изненаденоста“ од настаните во Капитол денес е резултат на навиката да се очекуваат слики од спречување мирна транзиција на власта, исклучиво во држави потонати во аномија, транзициски и земји од третиот свет.
Ние, за жал, имаме многу горко искуство со тоа. Многумина веруваа дека ако светот не го обиколија слики од раскрвавените глави на Заев, Села и други пратеници, дека сè ќе поминело без врева, без истрага, обвиненија, казни… И за жал, дел сè уште веруваат дека тоа бил изблик на демократија, а не на тешко насилство врз храмот на демократијата.
Тоа е една латентна метастаза, што еден ден повторно може да избие на површина, со нова злоупотреба на изманипулирани граѓани, искористени како штит за очајни политичари што не можат да се замислат без власт.
Анатомијата на насилството во Вашингтон, колку и да изгледа изненадувачка, во основа е след на сѐ што претходеше во изминатите години, особено за време на изборите и по поразот на Доналд Трамп
Тој што ја изолираше земјава од светот, тој што ги убедуваше Македонците да не седат дома во влечки, туку да излезат и да ја земат судбината во своите раце, одамна си седи во влечки во топла соба во Будимпешта, бесрамно се огласува преку Фејсбук и соли памет за разни теми. Тој и надлежните во МВР, кои не направија ништо за да го спречат, туку да го овозможат упадот во парламентот, ја носат најголемата вина за 27 април.
Ни нашава, ниту која било друга држава нема да стане величествена преку ширење лаги, теории на заговор и хушкање на граѓаните за насилство врз државните институции. Човекот што влезе во Белата куќа на крилата на популизмот и пораката „Да ја направиме Америка повторно величествена“, крајот на мандатот го дочекува на најмизерен можен начин.
Насилството во Конгресот е кулминација на политиката на игнорирање на фактите, на ширењето лажни вести за сè и сешто – од потценување на опасноста од короната, преку вперување прст во 5Г, до негирање на изборните резултати и ширењето лажни вести за изборна измама.
Кога сѐ ќе се сумира, за тоа не може да биде виновен единствено Трамп, без оглед колку повици и напори вложи за да ги мобилизира граѓаните да му ја одбранат власта.
Ако „најмрачните места на пеколот се резервирани за тие што држат неутралност во кризни времиња“ (Данте Алигиери), тогаш во пеколот место си имаат резервирано и сите социјални мрежи, каде што беше дозволено, неспречено или недоволно спречено да се создаде пандемија од лажни вести за изборни нерегуларности и други теми.
Тоа што дел од мрежите вчера краткорочно ги блокираа профилите на Трамп, е задоцнето контролирање на штетата, не толку заради американското општество, колку заради имиџот на овие компании, кои допрва ќе се соочат со разорните ефекти од доминантното мижење пред дезинформациите.
Употребата на социјалните медиуми – од иновативен и директен начин за комуницирање на политичарите со гласачите, се претвори во саем на примитивизмот, популизмот и лагата, кои потоа предизвикуваат бројни социјални, верски, расни и политички пожари во светот.
Слободата на изразување е важна, но уште поважно е да бидат спречени обидите за нејзина злоупотреба. Не со цензура, не со пат кон укинување на слободната дебата во општеството, туку со јавно прифатени механизми за спречување дезинформации. Лагата и манипулациите не се опасни само за чија било политичка стабилност, туку и за здравјето и голиот живот.
Колку за потсетување, Трамп лани во април изјави дека би било интересно да се провери дали постои начин во телото на луѓето да се вбризга дезинфекциско средство, за кое е потврдено дека го уништува корона вирусот на отворено. И покрај жестоките реакции во светот, Твитер објави дека нема да го отстрани видеото со оваа изјава на Трамп, бидејќи ја смета како негова желба да се најде лек за ковид-19, а не како буквален повик луѓето да инјектираат средства за дезинфекција.
Ни нашава, ниту која било друга држава нема да стане величествена преку ширење лаги, теории на заговор и хушкање на граѓаните за насилство врз државните институции
Трамп се правдаше дека не мислел сериозно, туку дека бил саркастичен, но ѓаволот ја однесе шегата. Болниците во САД регистрираа зголемен број труења со средства за дезинфекција, а од истата причина подоцна починаа и неколку лица во Ново Мексико.
И сега не е поразлично. Откако се случи насилство во Конгресот, Трамп го оцени како „одвратен“ нападот на демонстрантите, кои со својата акција го извалкале седиштето на американската демократија. Вети мирна транзиција на власта и побара одговорност за тие што упаднале во Конгресот. Што беше тогаш досегашната ламентација за изборна измама? Мал сарказам за големи последици?
И Груевски по 27 април 2017 година оцени дека тоа бил лош ден за Македонија, кој ќе има последици подолг период.
„Сакам да го осудам насилството кое поединци го направија, напаѓајќи и лично повредувајќи поголем број пратеници. Никогаш не сум оправдувал насилство. Повикувам институциите да направат брза и ефикасна истрага и да ги откријат виновниците, да обезбедат докази и веднаш потоа да ги изведат пред суд“.
Вака беседеше Груевски. Но, кога почна притворањето на осомничени за 27 април, веднаш повика на протести. А кога мечката требаше да заигра пред неговата врата (за друг случај), избега. На топло и во влечки, сепак, е поудобно. Денес говори за политички реваншизам и за монтирани случаи. И натаму ги заблудува тие што еднаш веќе ги насанка на тенок лед. Лагата продолжува.
Денес милиони Американци и натаму веруваат дека на изборите се случила измама. Докази нема, но приказната трае. Уште многу време ќе треба да се згасне пожарот подгреван и распламтуван со лаги, и овде, и таму, и секаде во светот.
Слободата на изразување е врвна вредност. Ако нема правила што го регулираат уживањето на тој демократски стандард, тоа не значи дека единствено негови алтернативи треба да бидат анархијата или тоталитаризмот.
Ако многу генерации го поминале животот во битка за слобода на изразување, срамно, очајно и неприфатливо е генерациите по нив да не знаат ништо добро да направат со таа слобода, освен да ја злоупотребат.