На хрватскиот дел од социјалните мрежи кружи една шега, која вели дека вработените во тамошната Канцеларија на европскиот јавен обвинител годинава се откажале од користење годишен одмор. Имаат премногу работа.
Поводот за ова гледање сеир е неодамнешното апсење на некои бивши министри од актуелната влада, неколку државни службеници и бизнисмени за злоупотреба на средствата добиени од европските фондови. Во две одвоени акции уапсени се десетина души. А се најавуваат и нови апсења.
Во овој случај има неколку интересни факти. Едниот е дека инкриминираните дела се направени пред практично да се отвори Канцеларијата (и не се процесуирани во тоа време).
Вториот е дека на уапсените им е поставено едно клучно прашање: како го заработиле првиот милион? Натаму, сите уапсени се членови или симпатизери на партијата што во моментов е на власт. И сите се обиде да ги одбрани актуелниот хрватски премиер Андреј Пленковиќ, претставувајќи ги како способни и квалитетни кадри. Залудно.
Кога сме веќе кај Хрватска, не е на одмет да се потсетиме на нивниот прием во Европската Унија. Имено, некако ненадејно за целата нивна јавност, тогашниот премиер Иво Санадер, кусо пред официјализирањето на влезот во ЕУ, си поднесе оставка. Набргу беше уапсен и осуден за корупција и злоупотреба на должноста, а неговата партија судски беше прогласена за злосторничко здружение. И тоа во времето кога нивната влада ја водеше некогашната прва соработничка токму на Санадер, Јадранка Косор. Потоа Хрватска влезе во ЕУ:
Прашањето од милион евра гласи: дали сето ова ќе се случеше (и ќе се случува во иднина), ако не беше Хрватска членка на ЕУ?
На хрватските примери се сетив случајно, разлистувајќи токму еден хрватски речник. Еве неколку одредници: „европеизација“ – последица од европеизирањето; „да се европеизираш“ – да ги прифатиш обележјата на Европа и нејзиниот начин на живот; „Европеец“ – оној што поседува европска култура, што се однесува на европски начин; „европејство“ – севкупност на карактеристиките на Европејците и Европјаните, спротивно на „балканизам“.
Mинатиот век бевме два пати под бугарска власт, вклучувајќи ги тука севкупниот политички, административен, културен и образовен живот, па не се „бугаризиравме“
Се разбира, ги погледнав и термините со спротивно значење: „балкански (да се однесуваш, да постапуваш)“ – многу лошо, типично за Балкан; „балкански беспаќа (политички преносно значење)“ – секакви тешко решливи и замрсени проблеми, типични за Балкан; „балканштина“ – севкупност на нечесни постапки во јавниот, културниот и политичкиот живот, типични за Балкан.
Се разбира дека и Хрватска е на Балканот. И Бугарија е на Балканот. А богами и Македонија е на Балканот.
Конечно, деновиве и тоа како можевме да ги посведочиме овие факти. И, како што сега стојат работите, ќе ги сведочиме уште не баш толку догледно време. И, според нашиот стар, да не кажам традиционален обичај, првин ќе ги сведочиме во дворот на соседите, а во нашиот двор веројатно нема ниту да ги забележиме.
После Првата светска војна, во тогашното Кралство Југославија функционираше едно од најавангардните културни и уметнички движења на овие простори, движењето „зенитизам“, именувано според нивното гласило „Зенит“. Мотото на претставниците на овој правец беше „Балканизација на Европа“, алудирајќи на „заморот на европската цивилизација“ и на „„европскиот цивилизациски комплекс“.
Отприлика еден век подоцна (списанието „Зенит“ излегува од 1921 до 1926 година, вкупно се објавени 43 броеви), сведоци сме на фарсична копија на ова експресионистичко движење. Само што за разлика од зенитистите, кои се своевидна авангарда на сопственото време, „балканизацијата на Европа“ тука се претставува како некакво „општонародно“ движење, подготвено на „вековна борба“ со омразените „европејци“ и, јасно, „сурова и заслужена“ одмазда.
Во суштина, зад целата овдешна варијанта на наративот за „балканизацијата на Европа“ не стојат никакви протоколи. Не стојат ниту разликите во македонското и бугарското толкување на историјата, ниту потеклото на македонскиот јазик, а уште помалку апсурдните тези за „бугаризација на Македонија“ или за „продадениот идентитет“.
Па, по ѓаволите, Македонија до 1945 година беше под туѓа чизма (според некои и до 1991), па не го изгуби сопствениот идентитет. Меѓу другото, минатиот век бевме два пати под бугарска власт, вклучувајќи ги тука севкупниот политички, административен, културен и образовен живот, па не се „бугаризиравме“. Како тоа сега ќе се „бугаризираме“ со потпис на некаков протокол или со отпочнување на преговорите за влез во ЕУ.
Не! Зад нашата (балканската) „балканизација на Европа“ се крие токму стравот од Европа. Се крие стравот од сега веќе фамозната европска јавна обвинителка Лаура Ковеси. Со други зборови, се крие стравот од очекуваното разбранување на прилично комотната бара, во која се навикнавме не само да живееме, туку и прекрасно да функционираме. Која е таа Европа да ни го ремети мирот?
Што се крие зад најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за распишување на референдум против отворањето на Уставот? Грижата за Македонија? Како ќе ја спаси Македонија, ако во Уставот не влезат Бугарите? Така што ќе го блокира македонскиот пат кон ЕУ?
Не. Работите се прилично едноставни. Се крие желбата за одржување статус кво, за состојба во која манипулациите се составен дел од секојдневието. Се крие волјата Македонија да се стави во автобус што ќе оди кон ЕУ, ама тој автобус да биде без тркала.
Во ред, не можам да кажам дека во Македонија не е преземено ништо во борбата против корупцијата. Напротив. Правосилно се осудени некогашни функционери, бизнисмени, државни службеници, обвинители, судии…
Ајде да го европеизираме Балканот, наместо да ја балканизираме Европа. И да не им дозволиме на обвинителите да одат на годишен одмор
Меѓутоа, не можам да кажам и дека гледам сериозни напори да се искорени корупцијата или барем да се воведе некаков ред во општеството, вклучително здравството, образованието, културата…, па ако сакате и фамозните учебници. И не само по историја.
Исто така, не можам ниту да кажам дека било кому му е поставено прашањето „Како го заработил својот прв милион?“. Лично верувам дека во таков случај бездруго би добиле многу интересни одговори.
Но, да се вратам на почетокот на текстот. Не, не влезе Хрватска во Европа. Таа остана на Балканот, ама ѝ дозволи на Европа да влезе во Хрватска. Последиците се тие.
Затоа, ајде да го смениме значењето на „балканштина“. Ајде да го европеизираме Балканот, наместо да ја балканизираме Европа. И да не им дозволиме на обвинителите да одат на годишен одмор. И тука. И во Бугарија. И на целиот Балкан.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија