Заминав на краток одмор и решив неколку дена да не ги следам случувањата во земјава. Кога го укинав „ембаргото“, првиот поглед кон вестите од дома ме увери дека сме си останале крајно конзистентни во заветот – работите да ги решаваме со брзина на желка. Читам дека резолуцијата за националните црвени линии чека да биде ставена на дневен ред, а во тек е и кавга околу логото што треба да се користи за одбележувањето 30 години независна македонска држава. И двете теми испраќаат иста порака – тешко на државата со вакви „деца“.
Триесет години се нешто повеќе од една половина од просечното траење на животниот век на луѓето на овие простори. Но, кога ќе се свртам назад, ми се чини дека во тие три десетки е спакувано многу повеќе отколку што може да апсорбира која било понова историја. Секој ден крстопат, секоја година пресвртна, судбинска.
И по толку крстопати и судбински години, дојдовме до дереџе да не може на достоинствен начин да се обезбеди елементарен консензус и побрза процедура за резолуцијата, а уште посрамно е да не се дојде до едно усогласено решение за логото за 30-годишнината од независноста. Па, тоа не е приватна журка!
Поважно е какви резултати одбележуваме и какви конекции сме оствариле со светот, отколку – колку години стојат зад одреден јубилеј, ако тој не е исполнет со содржина што може да биде знак за национална гордост и задоволство
Со разговор и консултации меѓу партиите можело да се дојде до решение што нема да го засени она што треба да го славиме. Впечатокот е дека состојбата на перманентна фрагментираност не остава простор да се мисли на заедништвото, целината, државата.
Срамно е постојано да се повикуваме на жртвите за денешна Македонија, а таа борба да продолжува со кавгаџиства, опструкции и надмудрувања. Како да не знаеме низ што сѐ поминала државата, се однесуваме небаре тоа е освоено еднаш засекогаш, а не нешто што постојано мора да се одржува и брани. И тоа во година во која, покрај интеграциски, сме соочени со уште потешки предизвици – економски и здравствени.
Истовремено, не се одвива натпревар по прашањето кој колку може да даде и вложи (знаење, ресурси, труд), бидејќи се одвива спротивен натпревар кој колку може да земе, да се „снајде“, да ќари. Од што? Од заедничкото. Од ресурсите за сегашноста и иднината.
Во тој контекст, пред некој ден ме трогна потегот на четиригодишно дете. Пред враќање дома, грижливо се преслушуваше дали собрало доволно школки за да им подари на бабите, дедовците, тетките, братучедите… Откако неколкупати ги преброи, заклучи дека му недостига подарок и за некој друг. Не го именуваше „субјектот“, ама добро разбравме на кого мисли.
„Кога чичкото ќе ни ги даде книшките (пасошите) и ќе рече дека сме дома, ќе ѝ ги дадам школките на домата“.
Нашиот пиетет кон државата, за жал, повеќе се крепи на детскиот наратив, кој не е контаминиран од начинот на кој се прави обрт од „љубовта“ кон татковината. Ме трогна тој детски потег, но истовремено и ме натажи, бидејќи во околината имаше многу од нашите што „домата“ им е и овде, и таму.
Јасно е дека во секоја школка не се крие бисер, но бисер може и да се создаде. Тајната ја знаат тие што успеале во тоа: чесност, посветеност и многу работа.
Не зборувам за оние кои од свој бизнис и труд заработиле доволно за да имаат имот и во соседството, туку за оние што од политички функции, односно од буџетски „школки“ изградиле свои оази во странство. Не постои идејно решение за лого што ќе ја одрази нивната „љубов“ кон државата, а да може да биде изразено со што било, освен со знак за валути.
И сега се расправаме колку краци има на македонското државно знаме. Има осум. Толку краци има и октоподот, сопственикот на оние пивтиести и лигави пипала што се обвиткуваат околу секој плен. За вториве краци малку се дебатира. Таа дебата остана синоним за сите наголемо најавувани, но неуспешни битки со сите октоподи.
Па, дали со исправно или неисправно лого денес сме позрели, помудри, поодговорни кон себе и татковината? Тоа е прашање на кое ќе има најмалку еден и пол милиони одговори. Пописот ќе каже точно колку. Но, колку и да имаме разлики од оценките, едно е сигурно – секогаш можело и подобро, и повеќе.
Пребројувањето на плодовите создадени во одредено време најмногу зависи од „внатрешниот часовник“ на граѓаните, бидејќи секое лого извира исклучиво од резултатите. Може да го скроиш логото да изгледа како регистарска табличка на возило, ама ако нема „зелен картон“, ќе остане гаражирано, или само за внатрешен сообраќај. Поважно е какви резултати одбележуваме и какви конекции сме оствариле со светот, отколку – колку години стојат зад одреден јубилеј, ако тој не е исполнет со содржина што може да биде знак за национална гордост и задоволство.
Мојата генерација ја дочека независноста со ветувања за изградба на силна самостојна држава што ќе се интегрира во ЕУ и во НАТО. Нашите деца израснаа со истите ветувања. Денес од тие надворешно-политички приоритети е реализиран едниот. Ќе бидат ли потребни уште 30 години за да се реализира вториот?
Во однос на внатрешните приоритети, и натаму се возиме на ветувања за реформи или за реформи на реформите, а се будиме сѐ помалку реформирани. Дел од главните „акушери“ на раѓањето на нашата независност не се веќе меѓу нас, но дел сѐ уште се активни на политичката сцена. Нека се преслушаат што направиле.
Јасно е дека во секоја школка не се крие бисер, но бисер може и да се создаде. Тајната ја знаат тие што успеале во тоа: чесност, посветеност и многу работа. На примерите што сведочат за такви резултати не им треба лого. Тие се бренд сами по себе.