Анализи

Изборите ја продолжија нестабилноста во Бугарија

Откако изборите не успеаја да донесат решение за политичкиот безизлез во кој се најде Бугарија од април, земјата влегува во непознати води

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Вторпат, за само три месеци, во Бугарија се одржаа парламентарни избори. Додека резултатите од изборите на 4 април беа доживеани како изненадувачки, тие од неделата не беа. Исходот е уште еден парламент без мнозинство, со истите шест партии и коалиции, кои и тогаш и сега го надминаа изборниот праг.

Сега, откако речиси сите ливчиња се пребројани, стана јасно дека за првпат по 2009 година, централно-десната партија ГЕРБ на Бојко Борисов не заврши на првото место, иако разликите се минимални. Наместо него, политичкиот новајлија, шоуменот Слави Трифонов и неговата партија „Има таков народ“, ИТН, стигна до врвот, со разлика од само неколку илјади гласа.

Со оглед дека подобар резултат од претходно остварија и Демократска Бугарија (ДБ) и „Исправи се! Мафијашите надвор!“ (ИСМВ), балансот на моќта повеќе се сврте кон т.н. „протестни партии“, додека ГЕРБ, иако доби речиси четвртина од гласовите, е изолиран од другите партии. Од друга страна, како што пристигнуваа резултатите, стануваше јасно дека трите „протестни партии“ заедно нема да освојат мнозинство во следното Народно собрание.

Според тоа, изборите не успеаја да донесат решение за политичкиот безизлез во кој се најде Бугарија од април и земјата влегува во непознати води. Како резултат на тоа, во следните недели и месеци, продолжената политичка криза веројатно ќе се усложни, а исходот од оваа ситуација е тешко да се предвиди. Уште едни избори може да се одржат наесен.

Статус-квото е ослабнато, но не и уништено

Протестите придонесоа да се смени политичката слика | Фото: БИРН

 Клучот да се разбере бугарската политичка загатка во последните години е распространетиот отпор кон статус-квото и силната желба за политички промени. Минатото лето избувнаа масовни протести поради нескриената корупција на политичката класа во земјата и злоупотребата на моќта од страна на јавното обвинителство.

 Изборниот резултат на „протестните партии“, ИТН, ДБ и ИСМВ е продолжение на тоа движење. Но, иако тие го ослабнаа статус-квото, не го поразија. Борисов стана токсичен, а падот на ГЕРБ е голем, но тие се далеку од политичко пропаѓање, на што некои се надеваа.

Традиционалниот непријател на ГЕРБ, Социјалистичката партија (БСП) падна на досега најниско ниво, но, сепак, остана над антикорупциската Демократска Бугарија. Етничката турска партија Движење за права и слободи, од една страна, го задржа процентот на гласови што го добива, но од друга се соочува со пад на поддршката поради намалената излезност во нејзините клучни избирачки места.

Конечно, исто како во април, разните крајно десничарски партии, кои во минатото се вметнуваа во владините коалиции на ГЕРБ и на БСП, не го поминаа изборниот праг, а вкупниот број гласови што го добија се намали. Тоа покажува дека дел од нивниот традиционален електорат можеби се свртел кон протестните партии.

Уште поважно, привремената влада назначена од претседателот Румен Радев, откако пропаднаа обидите да се формира влада по априлските избори, поради својата борба против корупцијата доживува раст на популарноста во изминатите недели. Со тоа и таа го поткопува статус-квото.

Несигурни изгледи за промена

Многу комбинации за влада, но ниедна не е извесна | Фото: БИРН

И покрај слабеењето на статус-квото во изминатите месеци, желбата за промени остана неисполнета. Кога новиот парламент ќе се состави, најверојатно тој ќе се обиде да продолжи на начин на кој функционираше претходното, краткорочно собрание и ќе турка закони за засилување на владеењето на правото и за борба против корупцијата.

Но, сѐ зависи од тоа дали може да се формира нова влада или не. Во Уставот се предвидени само три обиди, и потоа парламентот се распушта и претседателот свикува нови избори. Еден од овие три мандати може веднаш да се отфрли, бидејќи е јасно дека ГЕРБ нема да може да формира влада поради неговата политичка изолација и токсичноста на Борисов.

Кога почнаа да пристигнуваат резултатите, се создадоа големи очекувања дека ќе биде можна некаква влада на „протестните партии“. Сепак, откако Трифонов во понеделникот изјави дека нема да склопува никакви коалиции и ќе предложи своја „влада од експерти“, овие надежи беа урнати.

Овој потег, или егзибиција, беше дочекан со вчудовиденост од другите „протестни партии“ и од пошироката јавност, бидејќи листата на имиња што ги предложи Трифонов воопшто не ветуваше промени. Неговиот избор за премиер, Николај Василев беше заменик-премиер во две поранешни влади, со неповолен багаж зад себе. Дека нема големи шанси за значајни промени, освен за промена на лицата, покажа и предложената платформа, во која има нереална вселенска програма, но нема опиплива политика за судски реформи, ниту, пак, план за справување со пандемијата.

Иако е тешко да се претпостави дека таква еднопартиска малцинска влада би добила поддршка од парламентарното мнозинство, оваа можност не треба да се отфрли. Во политичките кругови постои свесност дека ако се одржат уште едни избори, тоа може да го отвори патот за Трифонов да ја преземе власта. Сепак, за малцинската влада да добие поддршка, за неа треба да гласаат речиси 60 пратеници од другите партии.

Ако ИТН не успее да добие поддршка за својата влада, последниот мандат ќе биде доделен по желба на претседателот Радев. Најверојатно него ќе го добијат социјалистите, кои ја поддржаа кандидатурата на Радев за претседател во 2016 година. Но, иако нивниот лидер Корнелија Нинова најави дека ќе се обиде да формира влада, шансите за тоа да се случи се помали дури и од тие да се изгласа владата на ИТН, бидејќи ниту ГЕРБ ниту ИТН, кои заедно имаат мнозинство гласови, не би поддржале влада предводена од социјалистите.

Турбуленциите може да го привлечат вниманието на ЕУ и на САД

Во земјата постои силна желба за политички промени | Фото: БИРН

Како што се зголемува можноста за нови избори, така расте и веројатноста дека бугарската политичка арена ќе се сведе на натпревар меѓу три страни, во кој ќе доминираат Борисов, Трифонов и Радев. Сегашното алфа-ривалство меѓу Борисов и Трифонов ќе се усложни со очекуваната кандидатура на Радев за реизбор на претседателската функција. Популарноста на Радев како политичар (победи со големо мнозинство во 2016) и фактот дека „неговата“ привремена влада има поддршка, може да го мобилизира електоратот и да резултира и со поголема излезност и со можно прецртување на политичкиот пејзаж.

Бугарија не привлекува многу внимание кај меѓународната јавност, но ова може да се смени ако ЕУ или НАТО почнат да ја гледаат нејзината политичка нестабилност како закана. Додека Европскиот парламент и формално ги поддржа минатогодишните протести, а САД на црната листа ставија неколкумина бугарски бизнисмени со матни политички врски поради корупција, најголемото европско политичко семејство, централно-десната Европска народна партија (ЕПП) и натаму недвосмислено го поддржува Борисов. Тој долго време одржуваше добри односи со Брисел и со Берлин, па веројатно се надева дека европскиот притисок за политичка стабилизација може да му отвори пат за да се врати на власт.

Конечно, како што во земјата расте гневот, а се чини дека нестабилноста фати корен, топката е во рацете на шоуменот Трифонов, кој е главната непозната.

Можно е ИТН да ја загуби поддршката поради заморот на гласачите во следните изборни кругови, но, исто така, е можно и ситуацијата целосно да се сврти во негова полза и ИТН да достигне невидени височини.

Бугарија нема да биде првата земја во која шоумен што станал политичар го растресол статус-квото. Во таа смисла, таа не е различна од Италија со Бепе Грило, Америка со Доналд Трамп или од Украина со Володимир Зеленски.

Том Џунс е историчар и стипендист на програмата Марија Склодовска Кири на Европскиот универзитетски институт во Фиренца. Тој е автор на Студентската политика во комунистичка Полска: генерации на согласност и на отпор.

Изразените мислења се на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.