Анализи

Балканските економии по ковид-19

Патот кон заздравувањето, иако е трасиран, останува неизвесен

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Пандемијата со ковид-19, во првиот и во вториот квартал од 2020 година, предизвика катастрофални последици врз економиите на Западен Балкан, менувајќи ги нивните планови за економски раст во назадување.

Со прекинување на каналите за набавка, извозот падна, а туристичката сезона беше повеќе или помалку откажана, заедно со претходните храбри предвидувања за раст на бруто домашниот производ (БДП) меѓу 3,4 и 5 отсто. Споредбата на податоците од 2019 и 2020 година покажуваат дека сите шест земји во регионот претрпеле силен удар.

Не можејќи да се справат со маките што ја снајдоа целата глобална економија, владите во регионот, разбирливо, своите напори ги насочија кон ублажување на непосредните проблеми, како што се загубата на работните места и одржувањето на локалните компании да не пропаднат преку стимулативни пакети.

Но, сега, кога се чини дека на здравствената криза ѝ се ближи крајот, експертите се загрижени дека тоа нема да значи автоматско запирање на економските проблеми на државите.

Со  исцрпувањето на  владините стимулативни пакети, сѐ уште прекинати трговски синџири во светот, а зголемени трошоци за транспорт на стоки и суровини, се стравува дека фирмите допрва ќе почнат да отпуштаат повеќе работници и да ги зголемуваат малопродажните цени.

Економиите во рикверц

Споредбата на економските податоци од 2019, една година пред здравствената криза, и од 2020, кога веќе во март и во април стана јасно колку е сурова ситуацијата, покажуваат колкава штета претрпеле земјите од Западен Балкан.

БДП-то се струполи, а јавниот долг се зголеми низ целиот регион.

Северна Македонија, откако имаше раст на БДП од 3,6 отсто во 2019, бележи негативен раст од минус 5 отсто.

Од друга страна, државата ја заврши 2020 година со јавен долг од 51 отсто од БДП, што е над 10 отсто повисок од состојбата на крајот од 2019 година, кога бројката изнесуваше 41 процент.

Црна Гора, исто така, доживеа длабока рецесија во 2020, бидејќи кризата со ковид-19 зеде особено голем данок од туристичката индустрија, која е многу важна за државата. Откако ја заврши 2019 година со раст на БДП од 4,1 отсто, земјата забележа драматичен пад од 15,1 проценти во 2020 година.

Според економските прогнози на Европската комисија од мај 2021, приходите од туризмот минатата година придонеле само 3,5 отсто од БДП-то на Црна Гора, споредено со 22,2 отсто во 2019 година.

Црногорскиот јавен долг, исто така, скокна. И онака стоеше на релативно високи 78 отсто од БДП во 2019, а во 2020 се зголеми на 105 проценти, делумно благодарение на одлуката на владата во 2020 година да земе заем од 750 милиони евра за да ги закрпи дупките во државниот буџет.

За Косово, кое нема излез на море, туризмот не е толку значаен фактор како за Црна Гора, но економското пропаѓање и таму беше очигледно. Во 2019 година, Косово забележа раст од 4,9 проценти. Во 2020 тој падна на минус 4,4 проценти.

Во 2019 година, јавниот долг на Косово достигна 17,46 отсто, што беше рекорд споредено со претходните десет години. Според ММФ, до крајот на 2020 година, јавниот долг достигнал нова највисока вредност од 24,5 проценти од БДП.

За Албанија, 2019 година и онака беше тешка година, најмногу поради земјотресот што го погоди крајбрежниот град Драч, кој е еден од најголемите транспортни и економски центри на државата. Албанија имаше помал раст на БДП од очекуваниот таа година, од само 2,2 отсто.

Кога удри здравствената криза во 2020 година, ефектите беа уште поразорни, па Албанија ја заврши годината со пад од 4,7 отсто во БДП. Јавниот долг стоеше на 66 отсто на крајот од 2019, но во 2020 година се зголеми на 75 проценти.

Во 2019, Босна и Херцеговина забележа раст на БДП од 5,34 проценти. Но, како што кварталите од 2020 година, еден по еден завршуваа негативно, ја заврши годината со негативен раст од минус 4,3 отсто.

Јавниот долг во Босна, исто така, порасна од само 31 процент во 2019 на преку 35 отсто до крајот на 2020 година.

Српскиот БДП, исто така, претрпе значаен удар, но, судејќи според податоците, државата постигнала најдобри резултати, не само на Западен Балкан, туку и во Европа.

Во 2019 година, Србија забележа раст од 4,2 отсто. Сепак, за време на кризната 2020 година, нејзиниот БДП беше минус 1,1 отсто, што е пад за 5,3 проценти.

Данко Брчеревиќ, економист од Српскиот фискален совет, независното државно тело надлежно да ја следи монетарната политика, вели дека Србија останала стабилна во 2020 година, најмногу благодарение на нејзините силни резултати во земјоделството, спротивно на услужните дејности и на туризмот, и на тоа што не наметнувала силни епидемиолошки мерки по мај 2020 година.

„Во земјоделството имаше раст од околу 4 проценти, а силните државни мерки со кои се нудеше финансиска помош на компаниите и на граѓаните, исто така спречија потешка економска криза“, рече Брчеревиќ за БИРН.

Српскиот јавен долг значително се зголеми за време на пандемијата. На крајот од 2019 година беше на 52 проценти од БДП, а на крајот од 2020 година се зголеми за 5,4 проценти.

Субвенциите ја држеа невработеноста под контрола

Работните места опстануваа со државна помош | Фото: БИРН

Земјите од регионот ги потрошија повеќето субвенции што ги издадоа во 2020 година за да ги ублажат ефектите од кризата. Најголемиот дел од овие фондови отидоа во компаниите за да ги одржат стабилни и да ја поддржат исплатата на плати, па со тоа да ги спречат бизнисите да отпуштат многу луѓе одеднаш.

Србија, на пример, исто така издаваше чекови на населението за да ја поттикне потрошувачката.

Додека краткорочните ефекти од оваа политика имаа одреден успех, не сите се согласуваат дека официјалните статистички податоци, кои покажуваат само мало зголемување на невработеноста, се реални.

„Податоците за невработеноста може да водат до погрешни заклучоци, бидејќи тие ги покажуваат само луѓето што активно се регистрирани дека бараат работа, создавајќи впечаток дека бројот на невработени се намалува, додека во реалноста ситуацијата е различна“, вели Висар Вокри, програмски директор на Институтот Риинвест од Косово.

Така, официјалната статистика на Северна Македонија покажува дека невработеноста, всушност, се намалила за време на пандемијата од 17,7 проценти во 2019, на 16,4 во 2020.

Во Косово, стапката на невработеност, исто така, се чини дека се намалила во 2020 година. Според официјалните податоци, на крајот од 2019 година, таа изнесувала 25,7 отсто. Последните достапни податоци за третиот квартал од 2020 година покажуваат дека невработеноста малку се намалила во кризата, на 24,6 отсто.

Слично и во Србија, податоците покажуваат пад на невработеноста. Српската статистичка канцеларија покажува дека стапката на невработеност во 2019 година била 10,4 проценти и во 2020 година паднала на 9 проценти.

Во Црна Гора беше обратно. Стапката на невработеност се зголемила од 15,1 отсто во 2019, на 17,9 отсто во 2020 година.

Во Албанија, каде што стапката на невработеност веќе беше ниска споредено со другите земји од Западен Балкан во 2019 и изнесуваше 2,2 отсто, во 2020 се искачи на 3 отсто.

Босна ја заврши 2019 година со стапка на невработеност од 15,7 отсто, а во 2020 таа се зголеми малку, на 16,6 отсто.

Но, синдикатите во повеќето држави укажуваат на поалармантна ситуација.

На пример, додека официјалната статистика во Северна Македонија покажува дека досега само 10.000 работници биле отпуштени во пандемијата, Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) проценува дека за време на кризата, околу 60.000 работници ги загубиле работните места.

Слично, додека официјалните податоци во Србија покажуваат дека во 2020 година, без работа останале само 6.200 луѓе, синдикатите тврдат дека десетици илјади луѓе биле отпуштени за време на пандемијата.

Експертите како Брчеревиќ од Србија, за БИРН, велат дека стапките на невработеност биле одржувани на ниско ниво со силната државна финансиска помош за компаниите и за граѓаните. Но, тој вели дека парите можеле да се употребат поселективно и да се цели кон индустриите, во зависност од тоа која колку е погодена.

„Проблемот е што државата им даваше пари и на компаниите што профитираа за време на пандемијата, а не им требаа“, вели тој за БИРН.

„Истото беше и со државната помош за граѓаните. Не беше оправдано да им се даваат пари на сите граѓани, туку само на тие што им требаат. Зедовме заеми за ова, а можевме да го постигнеме истиот ефект и со помалку пари, но подобро распоредени“, додава тој.

Вокри, за БИРН, вели дека Косово го имало истиот проблем.

Со оглед на тоа дека пандемијата не ги погоди сите сектори подеднакво, ќе беше подобро да се има „селективен пристап во дизајнот и во имплементацијата“ на мерките за помагање на економското закрепнување, рече Вокри.

„На пример, рестораните за храна беа едни од најтешко погодените сектори, па владините мерки (за тој сектор) требаше да бидат пропорционални на штетата што беше предизвикана“, рече тој.

Сѐ уште не сме на безбедно

Инфлацијата може посериозно да се прикраде | Фото: БИРН

Како што вирусот опаѓа во сите земји, а вакцинацијата продолжува, економските прогнози за оваа и за следната година, издадени и од регионалните влади и од меѓународните економски набљудувачи, сугерираат дека економиите на Западен Балкан може повторно да заздрават.

Во случајот со Србија, прогнозите говорат за можно зголемување на БДП оваа и следната година од 2 до речиси 5 отсто.

Внимателниот оптимизам, исто така, се враќа во земјите со развиена туристичка индустрија.

Црногорскиот економски новинар Горан Капор вели дека економската ситуација во неговата држава најмногу ќе зависи од овогодинешната туристичка сезона.

„Владата очекува дека првата постпандемиска туристичка сезона ќе има далекусежен ефект врз економијата и ќе го наполни државниот буџет“, вели тој за БИРН.

„Но, таквото сценарио е можно само со поголем број странски туристи, што е тешко да се очекува во моментот. Поверојатното сценарио за оваа година е дека стапките на невработеност ќе растат, и покрај крајот на здравствената криза, или мерките преземени од владата ќе останат за да им помогнат на компаниите да ги задржат работните места“, додаде Капор.

Набљудувачите предупредуваат дека дури и да нема повеќе пикови во пандемијата, земјите од регионот сѐ уште не се на безбедно, и, слично како и во остатокот на светот, повеќе отпуштања и поголема инфлација може да бидат неизбежни.

Стравот од растот на невработеноста е присутен глобално, вели Вокри, бидејќи „мерките преземени да се поддржува вработеноста може да престанат со целосното укинување“ на превентивните мерки од ковид-19.

Тоа значи дека државите каде што компаниите беа стимулирани да ги задржат работниците за време на пандемијата, наскоро ќе се соочат со реалноста на пазарот, и ако не најдат доволен ангажман, може да отпуштат повеќе работници.

Експертите, исто така, предупредуваат на можни инфлациски пикови, бидејќи, за време на пандемијата, глобалните синџири за набавка беа сериозно нарушени. Еден кусок предизвикува друг и со тоа се подгрева спиралата кон поголеми цени за транспорт и за производи, и за суровини.

Иако субвенциите и другите форми на помош досега спречија повисоки малопродажни цени и инфлација, експертите предупредуваат дека кога тие ќе престанат, со оглед дека синџирите за достава се комплицирани и не може набрзина да закрепнат, инфлацијата може посериозно да се прикраде.