Внесете го празничниот дух во вашиот дом, ни порачуваат разни рекламни пораки. Се нудат божикни декорации, џиџимиџи-украси, шарени светилки, зелени гранчиња накитени со светкави панделки, празнично дизајнирани покривки, заедно со куп препораки за разни колачиња, особено со вкус на цимет и мед. Сето ова, демек, го гарантира празничниот дух во нашите домови.
Изгледа навистина едноставно. А вистината е далеку од тој светкав целофан, кој треба да ни даде чувство дека сме во чекор со духот на празникот. Тоа е привид, лажен сјај. Истите тие декорации со кои ги разубавуваме просториите, по некој ден ќе завршат во смет или ќе фаќаат прав во подрум до следната година.
И тогаш, пак ќе купиме нови или ќе ги растресеме старите од правот и со истата рутина ќе ги ставиме во погон за повторно да ни го произведат „духот“. А речиси никогаш не се прашуваме колку зависи тоа од нас. Божикниот (и духот на кој било празник) не го прават ни декорациите, ни храната поставена на трпезата. Го прави поведението на оние што се собрани околу неа.
Со отворено срце
Деновиве, ме воодушеви семејство, кое ги беше повело децата (на 3 и 5 години) да подарат облека, храна и играчки во дом на едно друго семејство, соседи од нивното старо маало. Иако оттаму се преселиле, контактите не ги прекинале. Нивните дечиња имаат непосредна можност од мали нозе да научат и да разберат што значи и колку многу значи да помогнеш некому.
Да видат, дека во нечиј дом никогаш не можеле да си дозволат, не новогодишна елка, пакетчиња, декорации и безначајни дрангулии, туку основни нешта за животот. Посебно ме воодушеви што тие воопшто не сакаат да зборуваат за некаква „донација“.
„Дојдовме да донесеме празнични подароци во едно чесно и вредно семејство, со кое нè поврзува старо соседство и пријателство“, вели таткото.
Она што ми остави посебен впечаток е дека овие хумани родители не се од редот на оние експресно збогатени (материјално), туку семејство со најпросечни плати, дојдени со прастаро возило, речиси пред распаѓање. Но, духовно – исклучително богати. Пребогати со љубов, емпатија и сочувство.
Тие го поканија семејството на бадникова вечера и на божикен ручек. И тоа не било првпат, туку веќе прераснало во традиција. И не било практика само за Божик, туку и во многу „обични денови“. И трето – најважно, како што им прилега на вистински хуманите, тие не сакаат да го експонираат тоа.
А дека е така, и дека нивната траекторија на помагање е многу поголема, ги издаде петгодишното детенце, кое со несовладано „р“ наивно и љубопитно праша: „сега кај ќе ги носиме д’угите пода’оци – кај ц’вен к’ст или п’во во кујната кај ц’квата“? Црвен крст и очигледно – некоја од народните кујни беа нивните следни дестинации. Видете, ова детенце веќе знае за Црвен крст, додека повозрасни од него реагираат само ако им се ветат таблети, телефони, видеоигри….
Во ова семејство, несомнено е присутен божикниот дух. Ова семејство нема да го видите на насловните страници или во првите минути на вестите, ниту тие го сакаат тоа. Единствено што сакаат е да има што повеќе семејства што ќе му помагаат на некое друго. Ама за тоа не е доволно да се отворат само вратите на домот, туку пред сè – срцето. Но, и да научиме дека „богатството“ не се мери според тоа колку имаш и колку земаш, туку според тоа што го даваш.
Марко, Ристе, Михаил и Давид
Верувам дека има и многу други семејства што на вистински начин ја разбираат љубовта и ја споделуваат. Оваа колумна им ја посветувам ним. Им ја посветувам и на четвртоодделенците Марко Ташков, Ристе Димитров, Михаил Трајчев и Давид Илиев од основното училиште „Тошо Арсов“ од Штип.
Овие деца се вистински херои од кои треба да учат други деца, но и многу родители, кои каскаат со воспитувањето.
Играјќи фудбал во нивното маало, забележале дека во бессознание паднал дедото на едно од нивните другарчиња.
Откако истрчале да ја побараат неговата сопруга, но не ја нашле, се јавиле во Итна помош за да објаснат дека „на еден дедо му се слоши“ и да ја посочат локацијата. Нивната реакција спасила човечки живот. Особено е значаен потегот на наставничкиот кадар, кој јавно им додели благодарници, бидејќи истакнувањето на добрите дела е многу подобра лекција од сите оние што ги има во учебниците.
Нивните родители треба особено да се гордеат што ги воспитале децата да помагаат. Зашто сме се изнагледале многу несреќи по улиците, кога возрасни луѓе вртат глава, немаат време да застанат и да помогнат, брзаат, секогаш имаат нешто „поважно.“ Ништо не е поважно од љубовта, разбирањето, сочувството, солидарноста, хуманоста, да се биде човек во вистинската смисла на зборот. Не само празнично, секогаш и секаде. Среќни празници!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија