Денеска „празнуваме“. Поминаа точно 16 години откако Европскиот совет, за време на претседавањето на Велика Британија, донесе одлука со која Република Македонија стана земја-кандидат за членство во ЕУ, но без датум за почеток на пристапните преговори. Како беше тогаш, така си остана до денес. Летнаа 16 години додека си рекол „интеграција“.
Како што би рекле Бугарите – минаха години. Дете родено на денешен ден во 2005 година сега е во средно училиште, учи германски или некој друг јазик за да замине надвор. Живее со родители, кои се каат што навреме не заминале на гурбет, бидејќи сметаат дека сега им е доцна. Одбиваат да слушаат изјави во кои по стопати дефилираат преџвакани хегемонистички „д’вки“ во име на „добрососедските намери“.
Пред седум години, еден амбасадор на ЕУ, вака ни ги објасни работите.
„Ако земјата не покаже политичка волја да ги достигне неопходните стандарди, не заради ЕУ, туку, пред сѐ, заради потребите на нејзините граѓани, може да го ‘оживее’ митот за божицата Европа, која Зевс престорен во бик ја пренел преку вода до саканата дестинација. Треба да се знае дека никој никаде не може да ве однесе на својот грб. Каде и да сакате да стигнете, сами ќе треба да се потрудите за да успеете во тоа“, порача амбасадорот.
ЕУ вели дека земјава ги исполнила условите, што значи дека не бара да биде пренесена преку нечиј грб. Да не е обратно? Зошто божицата Европа дозволува земја-членка да експериментира со своите неостварени историски соништа, преку грбот на Македонија?
ЕУ вели дека земјава ги исполнила условите, што значи дека не бара да биде пренесена преку нечиј грб. Да не е обратно? Зошто божицата Европа дозволува земја-членка да експериментира со своите неостварени историски соништа, преку грбот на Македонија?
Еве да почнеме со едно просто прашање: кој го плаќа бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски? Бидејќи тој има развиено богата епистоларна практика за писмени обраќања до претседателката на ЕК на тема „Македонија“, сега нека ѝ го напише на Урсула фон дер Лајен истото што му го напиша и на новиот бугарски премиер Кирил Петков, а кое го повторува во повеќе наврати: дека Македонија е втора бугарска држава на Балканот, и дека е дел од Бугарија.
Така и Радев нема да се нервира што европските партнери досега не ги разбирале правилно позициите на Софија. Од ова појасно – здравје! Може ние да си мислиме дека Џамбаски треска глупости, да се тешиме што партијата на која тој ѝ припаѓа, ВМРО-БНД, доби тешка клоца на парламентарните избори, и тоа во сите три циклуси.
Но, овој човек седи во европскиот парламент, дава вакви изјави и потоа тврди дека Македонците шират говор на омраза кон Бугарија. А „говорот на омраза“ е најчесто одглас на негови и слични хегемонистички изјави.
Токму затоа нашите власти не смеат да замижуваат пред вакви провокации. Ниту јавноста треба да ги релативизира со тоа дека доаѓаат од политички „маргиналец“. Не е маргиналец сѐ додека седи во европскиот парламент, и додека од таа позиција продава иста „музика за уши“ со оние што формално се претставуваат како политички коректни.
Поради такви бројни замижувања од македонска страна (да не се замериме, преговараме), си расте множеството субјекти што ги трујат шансите за добри соседски односи. Да беше поинаку, не ќе сведочевме, на пример, за авторски текст со наслов „Петтата војна за Македонија е во тек: ни чекор назад!“ објавен во „Труд“. Во него не се зборува за „војна“ или поход за добрососедство, туку за отворени територијални претензии.
„Зошто е важно да победиме во таа војна, наметнувајќи го сопствениот историски наратив? Затоа што тоа не е војна за минатото, туку за политичката иднина и припадноста на географскиот регион Вардарска Македонија, на чија територија денес се наоѓа апсурдната државна творба Република Северна Македонија (…) Затоа што влогот е ни помалку, ни повеќе, туку зачувување на шансите за идно обединување со нашите браќа од Повардарието, повторно во една држава, со името Бугарија“, вели авторот Симеон Костадинов, посочувајќи дека ова е петтата историска шанса на Бугарија за тоа, и не смее да ја пропушти како претходните.
Поради такви бројни замижувања од македонска страна (да не се замериме, преговараме), си расте множеството субјекти што ги трујат шансите за добри соседски односи
Ова писание не е од пред сто години, туку од октомври годинава, во време кога нашиве власти се занимавале со одговор на пакетот „5 +1“.
Во тој пакет – кој треба да даде гаранции дека не постојат територијални претензии? Ние на Бугарија, или Бугарија нам? Приказната дека краткото име Северна Македонија можело да рефлектира територијални претензии кон нивната Пиринска Македонија, е приказна за мали деца.
Кога бугарскиот копретседавач на заедничката Комисија за историски прашање постојано изјавува „заглавени сме во 10-11 век“, тој практично ја дава најточната оценка, ама не за работата на Комисијата, туку за суштината на претходно посочените изјави. Тие мислења се основа на истите, вешто спакувани ставови во рамковната позиција на владата и декларацијата на бугарскиот парламент од 2019 година.
Тоа се две страни на една иста теза, само што едните тоа го кажуваат отворено, а други во ракавици. А сите мислат исто. А кога сите мислат исто, значи дека никој не мисли доволно. Најмалку, разумно.