Пред многу, многу години, таму некаде на крајот на 70-тите или почетокот на 80-тите години на минатиот век, во хрватското списание за култура и општествени прашања „Око“, на двете средни страници (голем формат) се појави текст, чиј наслов отприлика гласеше „Бугарите не се Македонци“. Автор на текстот беше македонскиот новинар и писател Глигор Стојковски.
Кога нешто подоцна, станавме колеги и пријатели, Стојковски ми објаснуваше дека му здодеало на секоја бугарска провокација да одговараме со објаснувања дека не сме Бугари и дека Македонија, со признаена државност во рамките на Југославија и признаен јазик во Обединетите нации, нема никаква потреба кому било да ја докажува сопствената национална свест. Тезата беше дека треба, конечно, да го промениме сопствениот дискурс и да се однесуваме рамноправно со која било светска нација, па и со бугарската.
Уште пред тоа, кога имав околу 17 години и кога историјата и националното прашање ме интересираа толку, колку да добијам преодна оценка по соодветните гимназиски предмети, со другарите бев на еден убав тинејџерски годишен одмор во Варна, Бугарија. Кога се враќавме со воз од Варна до Софија (а патувањето траеше сигурно некои осум часа), во купето со нас седеше еден повозрасен човек.
Кога разбра дека сме од Македонија, веднаш почна да објаснува дека Македонците не постојат, дека е тоа измислена нација од Тито, дека ако денес застане војска на Обединетите нации на границите на Македонија и се направи слободен попис, сите во Македонија ќе се определат за Бугари итн. Од целото тоа негово објаснување, кое задираше до длабокиот среден век, запомнив само дека за време на Втората светска војна бил чувар на затворот „Идризово“ во Скопје и дека поради тоа многу добро ги знае овие работи.
Ние, тројцата другари, го гледавме ту во чудо, ту со очигледна здодевност. Да не заборавиме, тогаш Бугарија беше дел од Источниот лагер, затворена и заробена земја, со, за наши поими, прилично низок стандард и прилично задушени слободи. Со други зборови, никому од нас во никаков интерес не ни беше на кој било начин да кокетираме со бугарштината.
Кога човекот веќе претера со својот монолог, го прашав дали има дома машина за перење алишта и, ако ја има, дали ја користи. Кога добив потврден одговор, го прашав зошто ја користи кога знае дека е измислена, односно зошто не ги пере алиштата на река. Му реков нешто отприлика дека баш ми е гајле дали, од кого и кога сум измислен и дека едноставно знам што сум, а уште повеќе знам што не сум. Така некако заврши тој разговор.
Од тие тинејџерски времиња запомнив уште едно име – Цола Драгојчева, членка на Бугарската академија на науките и уметностите, која веројатно поголемиот дел од својот живот го потроши пишувајќи книги и статии во кои ја докажуваше тезата за бугарските корени на македонската нација. Просто беше здодевно да се слуша во секоја втора информативна емисија и да се чита во секој втор број на „Нова Македонија“ како некој овдешен авторитет ѝ одговара или полемизира со Драгојчева. Во таа смисла, и тогаш бев прилично блиску до ставот на Стојковски – требаше, едноставно, да ги игнорираме.
Некако во тоа време, со семејството се преселивме на Аеродром, на улицата Коста Новаковиќ. Да бидам искрен, во тоа време немав поим чие име го носи мојата улица (која, патем речено, во сите овие општествени турбуленции што настанаа последните децении, е една од ретките што успеа да си го задржи името, без оглед што станува збор за истакнат српски комунист). Коста Новаковиќ е, значи, српски социјалдемократ, подоцна и комунист од пред времето на Тито, еден од основачите на Социјалистичката партија на Југославија (комунисти), претставник на Комунистичката партија на Југославија за Македонија и народен пратеник од овој регион.
Најпознатото дело на овој југословенски комунист, настрадан во чистките на Сталин од 30-тите години на минатиот век, она што го квалификува за името на мојата улица, е политичкиот памфлет „Македонија на Македонците, земјата на земјоделците“ од 1924 година. Поради ова дело, народниот пратеник Новаковиќ е осуден со казна затвор од шест месеци.
Сега е време, не да го докажуваме сопствениот идентитет, туку да ја покажеме сопствената државотворност, барем онака како што тоа го прават Австралија, Нов Зеланд, Канада… и еден куп други „измислени“ нации
Во својата жалба до повисокиот суд, Новаковиќ ќе напише: „…Јас знам дека Вие ќе ми кажете дека работите што ги напишав и ги реков на претресот за Македонија и за населението на Македонија, дека тие работи се страшни и тешки и дека не смеат да се кажат – па дури и ако се вистинити – бидејќи со нив им се наштетува на вишите интереси. Јас искусив дека поради тие ваши виши интереси, стотина илјади српски мајки се завиткани во црно токму поради Македонија, а уште неколку пати по стотина илјади македонски, бугарски и грчки мајки – и сето тоа без никаква полза за народите на Балканот. Гледам јас дека поради тие ваши виши интереси ќе се создадат доста нови костурници на балканските народи. Затоа и јас – и сите што мислат како мене – морам и натаму да ја зборувам вистината за Македонија и да гледам некако да придонесам да се разбуди свеста кај сите балкански народи за да се спречат идните костурници поради Македонија, да се спречи злосторничката работа на оние што тие костурници ги подготвуваат, да се спречи тие во таа работа да се здружат во братски сојуз…“.
Од друга страна, во неодамнешното интервју за белградски „Недељник“, српскиот историчар, дипломат и политичар Милан Ст. Протиќ, зборувајќи за косовскиот проблем, меѓу другото, ќе каже: „Ние со Балканските војни не го освоивме само Косово, туку и денешна Северна Македонија. Па, зошто не инсистираме и за Северна Македонија, како за Косово… Ние не го условивме признавањето на Македонија со тоа да се почитуваат нашите гробишта, нашите цркви, а знаете што имаме таму. Па, дали е Косово повеќе света српска земја од Македонија? Кој го вели тоа, не знае ништо. Каде беше престолнината на Душан? Дури беше крал во Призрен, а кога стана цар во Скопје. Каде гинеа нашите прадедовци? Ние 1912 го зедовме Косово без испален куршум. Каде се гинеше? Во Куманово, Битола, Брегалница, пробивот на Солунскиот фронт… каде се наоѓа тоа? Што е со споменикот на Зебрењак? Како тоа српските средновековни манастири да ѝ припаѓаат на Македонската црква, која никој не ја признава? И никому ништо…“
Речиси век и половина од пропаднатиот проект за Санстефанска Бугарија, речиси еден век од делото на Коста Новаковиќ, половина век од масовната употреба на машини за перење алишта (дури и во тогашна Бугарија) и четврт век откога зачекоривме во новиот милениум, Македонија е повторно ставена во позиција да ја докажува сопствената посебност.
Мислам дека сега е време, не да го докажуваме сопствениот идентитет, туку да ја покажеме сопствената државотворност, барем онака како што тоа го прават Австралија, Нов Зеланд, Канада… и еден куп други „измислени“ нации.
Затоа што ниту Бугарите, ниту Србите, ниту кој било друг народ на светот не се Македонци.