Часот на Ембла

Има 11 години, а на кревките плеќи веќе го почувствува сиот товар на животот во општество длабоко потонато во предрасуди. Небаре името Ембла ѝ било судбински предодредено еден ден да стане емблематичната фигура што на површина ќе ја изнесе грдата страна на нашата реалност. И навистина стана, на најтешкиот начин.

Тешко и на оние деца со такви, ќе ги наречам законски старатели (родител е термин што, сепак, треба да се заслужи), чие врвно „херојство“ било со петиција да бараат едно дете да се изолира. Било агресивно. А што е нивната петиција, ако не чин на врвна агресија од крајно асиметричен тип: десетици возрасни против правата на едно дете.

Какви генерации ќе израснеме ние, ако од мали ги учиме на вакви срамни петиции, наместо да се дружат, да помагаат, да изразат пријателство, разбирање и емпатија кон нивните соученици

За жал, Ембла не е исклучок. Таа е само последниот слушнат крик. Некои крикови и не се слушаат. Потиснати се од преголемата врева, типична за земја каде што сите се презафатени со решавање големи, историски и геостратегиски прашања, поради што животот е ставен „на чекање“.

Не е доволно да констатираме дека имаме закони, ама немаме свест. Законите постојат токму за да решат ситуации кога се во прашање луѓе без свест и волја за почитување еднакви услови и права за образование и инклузија во најдобар интерес на децата.  

Она што овде постојно се заборава е дека системот на образование подразбира и воспитание, а тоа прво почнува дома и продолжува на училиште. Какви генерации ќе израснеме ние, ако од мали ги учиме на вакви срамни петиции, наместо да се дружат, да помагаат, да изразат пријателство, разбирање и емпатија кон нивните соученици.

Па, дури и новороденчињата, кои се „табула раса“, во основа реагираат емпатично: кога слушаат плач на други деца, почнуваат да плачат. Како ќе се однесуваат кога ќе пораснат, е резултат на натамошното учење, воспитување и релациска размена.

Не е доволно само да провериме дали децата напишале домашна задача, да им тутнеме пари за сендвич и да ги испратиме во училиште, туку да разговараме, да ги учиме да бидат (со)чувствителни и отворени кон другите.

Ембла со ништо не се разликува од нејзините соученици. И таа сака да се дружи, да учи, да игра, да има емоционална интеграција, а да не биде прекомандувана сама во училница, каде што ќе ја „тренираат“ како постепено да се навикнува на пат кон доживотна изолација. Тоа е институционална агресија кон дете, а не агресија од страна на дете.

Животот е тежок и суров, а самите го правиме уште потежок, кога се затвораат очите или се врти главата пред вакви скандали, што е подеднакво ужасно, како и предрасудите и простаклукот низ кои се третира темата.  

Но, ако секој од нас барем еднаш се стави во позицијата на Ембла, на нејзините родители и на сите што се во иста или слична ситуација, бргу ќе разбере како изгледа недостигот од свест за правата и потребите на децата. Знаете како изгледа тоа? Иако има исклучоци, тие најчесто не добиваат покани за роденденски прослави. Покането е „целото“ одделение, освен тие.

Ги нема во плановите кога децата групно се договараат да одат во кино, зоолошка, парк… Како што растат, исклученоста се зголемува и се потенцира наместо да биде обратно, бидејќи ниту од родителите, ниту од наставниците не добиваат пример за поинаков модел на однесување.

А училиштето, соучениците, семејството, пријателите и општествената свест и поддршка – е клучниот синџир во кој секоја алка мора да има свој придонес за образованието и развојот на овие деца. Само така може да се постигне успех.

Животот е тежок и суров, а самите го правиме уште потежок, кога се затвораат очите или се врти главата пред вакви скандали, што е подеднакво ужасно, како и предрасудите и простаклукот низ кои се третира темата

„Јас сум Aлександар Матовски – Цако, роден 1991 година во Скопје, со Даунов синдром“. Претпоставувам дека се сеќавате на зборовите со кои се претстави првиот македонски студент со Даунов синдром, кога во септември 2016 година се обрати од говорницата на Обединетите нации во Њујорк. На македонски јазик ја раскажа неговата лична приказна и сите предизвици со кои се соочил, иако во многу поинакви и подобри околности од тие што ги видовме во Гостивар.

Три години подоцна стана дипломиран професор по предучилишно воспитание. Неговиот предизвик беше да ги урне стереотипите што владеат за лицата со попреченост и да покаже дека можат да си ги остварат соништата. Секако дека можат. Ама не изолирани, туку со еднакви права и услови со другите, и со индивидуализирана поддршка на нивните образовни потреби.

Ембла е мала и има доста време додека да дојде до факултетска диплома, но таа веќе го одржа нејзиното предавање. Одржа час за возрасните. Не мораше да оди во ОН за да ни каже дека треба да научиме многу пропуштени лекции. Доволна беше сликата од една празна училница и таа во неа.