Чувството на македонските медиуми за магла

Македонските произведувачи на магла произведуваат не една туку дузина варијанти на маглата, при што покажуваат завидно познавање за агрегатната состојба на секоја од овие варијанти посебно.

Продавањето магла и не е некоја особена новост во македонското журналистичко секојдневие, па дури ни во светската новинарска практика. Уште Марк Твен има забележено како неговиот локален весник ја уништил локалната конкуренција измислувајќи приказна за желка стара 157 години, а пронајдена во нивниот атар.

Тогаш што е ново во македонската новинарска рутина во однос на сеењето магла? Она што е овдешен оригинален придонес е дека станува збор не за една туку за дузина варијанти на маглата, при што македонските произведувачи на магла покажуваат завидно познавање за агрегатната состојба на секоја од овие варијанти магла. Нешто слично на познавањето и талентот на госпоѓицата Смила да разликува десетици видови снег во бестселерот на Петер Хег „Smilla’s Sense of Snow“ („Чувството на Смила за снег“).

Значи, станува збор не за еден текст и не за еден медиум туку за цела дузина електронски, интернетски и печатени медиуми, кои на даден знак (за обичниот читател, невидлив и мистичен, ама чувствено присутен) распалија по специјалната јавна обвинителка. Овој текст, се разбира, нема да покаже амбиции за адвокатура на Катица Јанева, како што нема ни да ја расчистува маглата, затоа што нејзината специфична густина е ужасно голема, а нејзините честички отровни, па секој обид да се внесе чист воздух може да заврши со труење на оној што се обидел.

Првата магла што беше фрлена беше жолта, утринска или, што е поверојатно, вечерна. Таа го прекри аутлукот на Јанева. Ту каква чипка носела, ту имала непримерно деколте, ту многу се смеела… Оваа магла, наводно, е тука за да ја пополни празнината што се создава со непознавањето на нејзината биографија или барем на некои посериозни или, ете, пикантни делови од нејзината биографија. Со други зборови, ако нема пикантерии, тогаш тие ќе се измислат, па веднаш ќе се направи психолошки портрет врз база на надворешниот изглед, при што, некаде подзатскриено, некаде проретчено, а најчесто густо, тој портрет ќе биде искористен за дезавуирање на капацитетите на обвинителката. Без оглед што недостасуваат какви било показатели за да можат тие капацитети да застанат под лупата на јавноста.

Втората магла е ниска и бргу испарува, а се препознава во реченицата: Што ќе ѝ на Јанева 30 телохранители. Таа доаѓа на прва топка, веднаш по соопштувањето на финансискиот и акцискиот план на специјалната обвинителка. Небаре побараните 30 луѓе се најбитната работа во функционирањето на Специјалното јавно обвинителство. Се разбира дека отсуствува претпоставката оти на службата за обезбедување нема да ѝ биде објект за присмотра само физикусот и личната безбедност на Јанева туку дека можеби ќе бидат и другите обвинители во тимот, просториите, архивата, материјалите, противпожарните мерки итн. Но, отсуството на оваа претпоставка не го спречува продолжувањето на медиумската анализа на наводната мегаломанија на Катица Јанева, преку која повторно се актуелизира нејзината компетентност.

geirtcom-Foter-CC-BY

Фото: geirgt.com / Foter

Третата магла е смрдлива, индустриска, сива, како сива зона и се однесува – на парите. Имено, одеднаш сумата од четири милиони евра за годишно функционирање на Обвинителството е преголема. И тоа за истите оние медиуми, кои со сериозна егзалтација го поздравуваа трошењето на милионските суми само за огради на мостови и за хонорари на наводни скулптори. И повторно не се зема предвид дека станува збор за сосема нова институција, дека во неа ќе работат не само обвинителите туку неопходните стручни служби, дека функционирањето на институцијата подразбира режиски трошоци итн. Се разбира дека треба да се води дебата за парите што се даваат од државниот буџет, иако таа треба да биде поткрепена со некакви факти, а не само со паушални оценки, но покренувањето таква дебата од медиуми кои не прозбореле ни збор за трошењето (перењето) пари во проектот „Скопје 2014“ се чини, најблаго речено, неверодостојна.

Четвртата магла е сива, отровна и најгуста – Уставниот суд. Поднесувањето претставка до Уставниот суд за оценување на уставноста на законот е директно поткопување на базичните темели на планот за излегување од општествената и политичка криза во која се наоѓа земјата. А поддршката на оваа иницијатива е поддршка на задржување на хаосот и брзата пропаст на она што остана од институционалниот дел на оваа држава. Специјалното јавно обвинителство е институција која не само што е утврдена со консензус на политичкиот корпус во Македонија туку и на таканаречената меѓународна заедница и неговото уривање е само потврда дека на извесни политички елити, всушност, на моќниците, им одговара состојбата на општествена, а со самото тоа и медиумска зачмаеност.

Петтата магла е смог, непрегледен и густ, а толку препознатлив: Катица Јанева се сретнала со Сашо Мијалков во некоја кафеана. Повторно целта е иста: Јанева не е компатибилна со сопствената функција. И, вообичаено, не само што нема никаква потврда за наводната средба туку нема ни обид да се добие потврда. Она што ќе се објави, тоа е вистина. Доказ по себе и за себе. Самодоволен доказ. Речиси хермафродит, кој потоа се мултиплицира самиот себеси и се шири со аритметичка брзина.

Сепак, најканцерогена и најмалигна е седмата магла. Таа е во главите. Затоа е непробојна, онаква аеродромска. Човек не гледа прст пред око, ама сепак се навикнува на неа и таа му станува природна средина. Станува збор за веста за некогашниот шеф на УБК Сашо Мијалоков, кој беше фатен (и експресно пуштен) на белградскиот аеродром со пиштол во рачниот багаж. Да не беа белградските медиуми, ние веројатно немаше да разбереме за случајот, па дури ни за „доблеста“ што ја имал кога ја признал „грешката“.

За разлика од чипките на Јанева, за кои научивме од кој квалитет се, кога и како треба да се носат, за пиштолот на Мијалков (плус хируршките ракавици, како што тврдат српските медиуми) нема никакви упатства како и кога треба да се носи, ниту некој од колегите прашал во аеродромското обезбедување на скопскиот аеродром како воопшто ја поминал пограничната контрола, која, нели, ве враќа за паста за заби, а ако ѝ изгледате малку поцрномуресто веднаш ќе провери колку пари носите и – нема да ве пушти да отпатувате.

Има уште многу поситни и покрупни магли. Човек би можел да формира цела наука – македонска медиумска маглологија, ама умствените капацитети не можат да ги пофаќаат сите нијанси на нејзиното опстојување, сеење и продавање. А сонцето што треба да ја разбистри маглата е сѐ уште далеку.