Ако партиски аминувано ад-хок тело во време на целосно деформирани медиумски состојби треба да биде една од гаранциите за фер-избори, ве молам нека не бидат „толку многу“ фер. Кој сака да се лаже – нека се лаже себеси, ама барем нека не ги лаже другите. Мислам дека тоа е најфер.
Еден проблем се смета за успешно решен кога ќе се елиминираат сите причини кои довеле до негово создавање, а ќе се исклучат и сите инфузии што континуирано го потхранувале, за да се спречи можноста тој повторно да се крене од мртвите. Но, еден проблем не може да се искорени или да се излекува со тоа што ќе се направи негова реплика замислена како „исцелителна“, а која во текот на терапијата ќе се зарази со истите вируси од кои страда и оригиналот.
Токму ова се случува со ад-хок телото за медиумски мониторинг. Со намера да се елиминира партизираноста на АВМУ, се формира привремена комисија која е изложена на сите можни партиски вируси, бидејќи изборот на нејзините членови беше замислен со поминување низ партиски филтер или скенер, сеедно.
Конкурираат како новинари, но со самото влегување и вртење на нивните имиња во партиски барабан, на крајот нивните добитни кандидатски ливчиња излегуваат со еден слој партиски лак. Тоа е штетата за новинарите од вака замислениот систем за избор на членови, во кој партиите го имаат последниот збор. Така одбележани, треба да го изберат и петтиот член, кој исто така нема да куртули од белегот што му следува од политички контаминираната методологија за избор.
Наместо да се департизира АВМУ, посредно се партизира и ад-хок телото кое требаше да биде негов квалитативен и морален контрапункт
Што добиваме? Наместо да се департизира АВМУ, посредно се партизира и ад-хок телото кое требаше да биде негов квалитативен и морален контрапункт. Па, сега сме повторно на вистинскиот пат да останеме без независен медиумски мониторинг и да се задоволиме со повеќепартиско замешталство врз неговата реализација, односно со нов смоквин лист врз регулаторниот орган.
Освен во должината и природата на мандатот, во што е разликата помеѓу партизирана Агенција и ад-хок тело формирано под партиски покровителства? Во тоа што едни се брукаат во полн мандат, на долги патеки, а други се изложени на ризик тоа да им се случи во само 100 дена!?
Дури и да се најнезависни и најпрофесионални, самата процедура во која се избрани за членови во ад-хок телото, на новинарите им наметнува етикета на „партиски проверени“ или „партиски одобрени“. Тоа е лоша стартна основа за најавениот независен пристап во нивната работа. Партиските шинели мораше да бидат тргнати настрана од оваа постапка, а не да бидат евалуатори на кандидатите за ад-хок телото.
Јас не се сомневам дека опозицијата имала добри намери кога се залагала за формирање ваква натконтрола на АВМУ. Но, се сомневам дека е избран соодветен модел. Многупати досега се потврдило дека и патот до пеколот понекогаш е поплочен со добри намери. И Иванов мислеше дека со аболицијата прави потег за помирување, ама ја однесе Македонија до работ на амбисот.
Намерите се едно, објективната анализа на состојбите и процедурата нешто сосема друго, а крајната реализација – трето. Во случајов сѐ е ставено на ист куп.
Има едно правило: кога се брза не треба да се избира најкраткиот пат, бидејќи тој најчесто се претвора и во најдолг и во најкомпликуван. Во случајов, трчајќи по брзо привремено решение, она што не било земено предвид е фактот дека новинарството и медиумската заедница во Македонија се вратени во примордијална фаза и дека не може да се воведе ред, доколку на еден хаос му се спротивставуваме со „решенија“ што ќе произведат друг хаос.
Сега тоа го имаме на сцената. Дури и тој нов хаос да се покрие со брз компромис за избор на петтиот член, прашањето е што реално ќе добиеме.
Дел од јавноста можеби го знае професионалниот бекграунд на сите членови или на дел од нив, но дел сигурно не. Затоа, последниве можеби и ќе поверуваат дека тие се луѓето кои ќе можат независно да го мониторираат медиумското известување во предизборниот период на макро план.
Не знам дали истото би го мислеле доколку знаат дека дел од нив работат во медиуми во кои независноста е прилично искомпромитирана, долги години под притисок и владина контрола, и дека во нив комбинирано владее и автоцензура и моќта на партиските налози. Имиџот на тоа строго контролирано партиско новинарство неговите извршители го носат со себе како светлечка реклама.
Како од овие лица, кои ни на микро план не успеале да се изборат за неопходниот медиумски баланс во нивните производи, да очекуваме дека тоа ќе го обезбедат на макро план? Дотолку повеќе што потоа треба да се вратат во истите редакции каде што токму деновиве под нос им е ставено да потпишат договори дека нема да ставаат „лајкови“, нема да споделуваат содржини од други лица или медиуми и ред други забрани, кои покажуваат до кое ниво е редуцирано правото на нивната лична слобода. За професионалната воопшто да не зборувам.
Тоа е таа примордијална реалност, од која сега треба да исчекорат овие четири-пет луѓе, да бдеат над стандардите кои и ним не им се иманентни (без разлика дали доброволно или под притисок), да посочуваат грешки, да предлагаат санкции. Затоа прашувам – кого лажеме и до кога ќе се лажеме?
Овој „хокус-покус-преварантус“ модел е одлично покритие како партизираноста на АВМУ да се извлече од фокусот и да си залегне во ладовина, бидејќи ад-хок телото ќе биде на првата линија на фронот и тоа ќе треба да ги вади врелите компири од жар.
Освен во должината и природата на мандатот, во што е разликата помеѓу партизирана Агенција и ад-хок тело формирано под партиски покровителства? Во тоа што едни се брукаат во полн мандат, на долги патеки, а други се изложени на ризик тоа да им се случи во само 100 дена!?
Пред слични маки ќе биде и новиот уредник на информативната програма на МРТВ, пуштен бос во минско поле, меѓу визуелно звучни детонации кои со години рефлектираат една иста, тажна слика: главнината на производството се сведува на популаризација и цементирање на владејачките ставови, а најчест повод за објавување не е одреден настан туку неговата интерпретација.
Игнорирањето или исклучувањето други партии, лица и организации надвор од привилегираниот круг, добива сила на исклучување од јавниот живот, според правилото – ако ги нема на екраните, не постојат ни во реалноста. Тоа е индикатор за безначајноста на исклучените и потврдување на значењето на претставените.
Низ ваква практика се персонализира политичкиот проект кој ја чини основата на уредувачката селекција. Празнината од плурализам на ставови и јавниот сервис и други контролирани телевизии, ја пополнуваат со создавање „симулирана јавност“, најчесто преку улични анкети, низ кои повторно се поддржува и глорифицира власта и нејзините носители во секакви пригоди. Тој механизам на плебисцитарна акламација за постапките на власта е уште една силна легитимациска потпора која извира од секојдневните ТВ-продукции.
Сета оваа практика градена со години, сега ќе треба да биде мониторирана и елиминирана преку оперативните активности и надлежности на привремено и партиски аминувано тело, а чие функционирање е издигнато на ниво на услов за фер избори!
Ако такво тело во вакви деформирани медиумски состојби треба да биде една од гаранциите за фер-избори, ве молам нека не бидат „толку многу“ фер. Кој сака да се лаже – нека се лаже себеси, ама барем нека не ги лаже другите. Мислам дека тоа е најфер.