Не знам дали во Хрватска продолжија да слават и по поразот во финалето на Светското фудбалско првенство од Франција. Не верувам, затоа што својот историски успех, освоеното второ место во светот и вицешампионската титула, тие прилично бучно, дури и помпезно го прославија уште пред неколку дена, кога хрватската репрезентација ја победи англиската.
Исто како што го прославија влезот на нивните репрезентативци меѓу осумте, а потоа и меѓу четирите најдобри репрезентации на светот, а богами треба да се подготват за уште поголема прослава на дочекот на нивните фудбалери од Русија. Но, и ако продолжија и синоќа да слават, тука се разбира нема ништо лошо. Па, тоа е успех за кои сонувале генерации хрватски фудбалери, спортисти, а и целата хрватска јавност, воопшто.
И Македонија имаше свои причини за славење. И тоа во истото време кога прославуваше Хрватска. Добро, спортскиот успех на хрватската фудбалска селекција не се споредува со поканата за прием во НАТО. Или можеби се споредува. Она што за Хрватска влезот во финалето на Светското првенство, за нас уште повеќе се пристапните преговори за НАТО и отворената врата за влез во Европската Унија.
Имено, од почетоците на македонското национално осознавање, Македонија никогаш не успеала да седне на иста маса со оние што ѝ ја кроеле судбината. Оттука наративот за Македонија како вечна жртва на интересите на големите сили и монета за нивно поткусурување, која никогаш не била прашана за сопствената судбина. Па, следи легендарното „делете ја, парчете ја…“.
И, еве ја сега Македонија, на прагот самата да ја крои својата судбина, да има рамноправен глас со силите што го водат светот. Па, ако сакате и право на вето. Но, и право да го прослави овој успех, за кои сонуваа генерации и генерации овдешни жители.
Македонија никогаш не успеала да седне на иста маса со оние што ѝ ја кроеле судбината. Оттука наративот „делете ја, парчете ја…“. И, еве ја сега Македонија, на прагот да има рамноправен глас со силите што го водат светот. Но, не и право да прослави!
Па, следствено (но целосно нерационално) ќе се гледа повеќе кон Русија и кон Путин како на наши заштитници, браќа „по вера и по крв“. Иако останува нејасно кога тоа Русија се однесувала заштитнички кон Македонија. Со Санстефанскиот договор? Во Балканските војни? При потпишување на Букурештанскиот договор? Во Граѓанската војна во Грција?
Ќе се наведат тука и прилично банални „аргументи“, од типот дека „не е време за прослави, туку да ги засукаме ракавите“. По оваа аналогија, истото може да се каже за која било прослава. Истото можеше да го каже секој просечен Хрват за прославата, на пример, за влегувањето на хрватската репрезентација во финалето на Светското првенство – да ги засукаа ракавите ќе станеа светски шампиони, а тие славеа! Па, колку деца ќе се излекуваа со парите од буџетот потрошени за прославите. Иронично, овој „аргумент“ (попрво, замена на тези) доаѓа во исто време кога беше објавен шестмесечниот извештај за патните трошоци на пратениците. И во време кога сфаќаме дека самите не сме способни ни да го исчистиме дворот на Клиничкиот центар од ѓубре, кој наместо за лекување може да стане центар за ширење зарази.
Се разбира, тука се наводно и посериозните аргументи, од типот на откривање топла вода во констатацијата дека НАТО е милитаристичка организација. НАТО, се разбира, ќе остане воено-политички сојуз со или без Македонија во неговите редови. А Македонија и натаму ќе праќа свои војници во неговите мисии во разно-разни Авганистани и Ираци, само што ќе нема право на глас и не ќе може да си ја гарантира сопствената безбедност.
НАТО, се разбира, ќе остане воено-политички сојуз со или без Македонија во неговите редови. А Македонија и натаму ќе праќа свои војници во неговите мисии во разно-разни Авганистани и Ираци, само што ќе нема право на глас и не ќе може да си ја гарантира сопствената безбедност
И, секако, клучната теза: „НАТО да! Ама не по оваа цена“. А цената, јасно, е промената на името! Кое име? Македонија? Каде е сменето? Република Македонија? Каде фигурира тоа име? Не е јасно зошто некој мислеше и мисли дека е добро вечно да траат долгогодишните преговори со Грција околу проблемот за името. Па, само врз база на овој апсурден и надреален проблем се изградија низа катастрофални политики (додуша лукративни за извесни елити, ама погубни за сегашноста и иднината на земјата).
Врз него се направи фаталната поделба на „предавници“ и „патриоти“, врз него се направи „Скопје 2014“, врз него, на пример, го добивме Александар Велики на централниот плоштад во Скопје, наместо, на пример, Климент Охридски…
Со други зборови, без оглед на фактот дека сто и кусур земји нѐ признале под уставното име, секаде каде што наш човек треба да ја претставува земјата (вклучувајќи го тука и спортот) носи национална ознака ФИРОМ. Не се менува никакво име, туку референца. Ние сме земја што не постои, туку – реферира. Територија, која со добра волја на големите сили, се нарекува држава.
И сега кога конечно можеме да имаме држава по сите аршини, ние не смееме да го прославиме тоа.
Се обидувам да замислам како би изгледале прославите, ако по некој случај македонската фудбалска репрезентација воопшто влезе на Светско првенство, а камоли да се пробие толку далеку, па ми се враќаат во сеќавањата пречеците под Триумфалната капија на ракометарите и кошаркарите. Па, нешто Пројковски режира, па песни и игри, па озвучувања, спектакли…
И, гледај чудо, никој не знае колку деца ќе се излечеа ако не беа тие прослави. Никој не рече дека не е време за славење, туку за подвиткување ракави.
Но, далеку е Хрватска од нас по спортските успеси. А, се чини, дека и без нив е премногу далеку.