Лицемерно е што европски функционери сега ја посетуваат македонската престолнина и не убедуваат дека македонскиот јазик и идентитет ќе бидат заштитени во ЕУ. Тие нешта требаше да ги докажат со документите во преговарачкиот пакет. Нам не ни требаат индивидуални функционерски ветувања, туку конзистентен европски однос кој извира од сржта на прокламираната политика и вредностите на ЕУ.
Ако сите земји во Унијата процесот на пристапување го поминале на начин кој во никаква смисла не го тангирал нивниот идентитет, правото на самопределување, јазик, историја и култура, зошто Македонија би била исклучок од тоа? Европските челници се растрчани да не убедат дека ништо од сето тоа не е, и нема да биде доведено во прашање.
Но ако е така, зошто, на пример, дозволуваат земја членка на ЕУ со унилатерална изјава да го реферира нејзиниот однос кон нашиот јазик? Тоа е првиот аларм дека ЕУ доволува опасни преседани и инциденти, кои веќе утре би можеле да имаат големи реперкусии врз стабилноста и единството.
Не бараме ништо повеќе, ама и ништо помалку од стартните позиции кои ги имале и други земји кандидати. Вака излегува дека тоа што ЕУ го рекламира во “излогот” не се совпаѓа со она што го нуди во “продавницата” во односот кон нас. Еднаквиот третман треба да биде отсликан и гарантиран со преговарачката рамка, а не со вербални изјави.
Урсула фон дер Лајен денеска е на чело на ЕК, но утре нема биде. Не се облигаторни нејзините зборови, туку процедурите во ЕУ. Иако има и одредени индивидуални специфики во условите за кандидатките што почнуваат пристапни преговори, не може да се најде пример во кој една земја била изложена на еден вид “идентитетски преглед”, како што е тоа во случајот со Македонија. Се разбира, сето тоа е вербално спакувано со фрази кои треба да ги затскријат таквите намери, лукаво инсталирани од нашиот сосед, а со дозвола на ЕУ.
Почеток на преговори со одложено и условено вето (прво Бугарите во Уставот) после се друго, не само што нема да не доведе до реални преговори, туку ќе ја засили внатрешната фрагментација во земјава, а потенцијалот за подобрување на односите со Бугарија ќе го сведе на нула. И Хрватска е членка на ЕУ, ама не не условува со впишување на Хрватите во Уставот, бидејќи е јасно дека тоа е чин кој ќе се случи по сила на пријателски односи и соработка, а не по сила на уцени од позиција на моќ. Во тоа е разликата.
Вака излегува дека тоа што ЕУ го рекламира во “излогот” не се совпаѓа со она што го нуди во “продавницата” во односот кон нас. Еднаквиот третман треба да биде отсликан и гарантиран со преговарачката рамка, а не со вербални изјави
Не верувам дека во ЕУ се слепи за овој факт, но впечаток е дека напорите да помине францускиот предлог имаат еден себичен мотив: формално да штиклираат “успех” во ветувањето за проширување. Тоа што успехот ќе биде килав, само им гарантира дека ќе поминат многу, многу години, пред реално проширување со нови членки. Споровите кои се вградени во процесот на преговарање се клучна гаранција дека ние како “нови клинци” ќе имаме неограничен престој во вежбалната на европското преддворје. И волкот сит, и овците на број.
Второ, ЕУ (ин)директно овозможува темата “Македонија” најмалку во следните десет години да биде изборна коска за глодање на сите бугарски елити кои ќе се борат за власт. Трофејот ќе го добиваат оние со најостра реторика и лупа за исполнувањето на бугарските услови. Ќе доведе ли тоа до подобрување на билатералните односи или до уште поголемо деградирање?
Нема да ми биде жал, ако бидеме блокирани, на пример, заради отсуство или несоодветна битка со криминалот и корупцијата, бидејќи тоа е круцијално важно за нашето општество. Но, до тие теми практично нема ни да стигнеме, бидејќи целата енергија и внимание примарно ќе бидат насочени кон алиментирање на бугарски барања – за минатото, а не во исполнување на критериуми – за европска иднина.
Јасни ми се и мотивите на домашните власти – да стават крај на 17-годишното чмаење со кандидатско пусулче и да го одбележат тоа како историски чин. И навистина ќе биде историски – ама со позитивен или негативен предзнак? Тие 17 години не се наш срам, туку резултат на незаинтересираноста на ЕУ. Следните години, пак, доминантно ќе бидат обоени со бугарски “стандарди” во процесот на европеизација, доколку ние го прифатиме тоа трчајќи заслепени по безалтернативната ЕУ, која нам не ни овозможи можност за достоен почеток на преговори.
Меркел во пензија, Могерини и друштвото којзнае каде… А кога ќе дојде првата бугарска “кривина”, и Урсула можеби ќе биде во пензија, а нејзините зборови “одвеани од виорот”. Само условите во рамката ќе останат, заедно со оние спорните
Уште сега од Бугарија почнаа да фрчат ноти за говор на омраза и поуки до нашите власти како да третираат историски личности, а замислете како би било “потоа” .
“Излажи ме еднаш – срам да ти е. Излажи ме втор пат – срам да ми е”.
Ова е време кога треба да бидеме крајно внимателни. По Договорот од Преспа, Македонија требаше да почне преговори буквално на црвен килим. Се сеќавате ли колкава армија гости дојде за да ни ветат отворена врата за ЕУ, за по 4 години да добиеме нешто налик на бугарски калауз, а не европски клуч. Каде се тие политичари денес?
Меркел во пензија, Могерини и друштвото којзнае каде… А кога ќе дојде првата бугарска “кривина”, и Урсула можеби ќе биде во пензија, а нејзините зборови “одвеани од виорот”. Само условите во рамката ќе останат, заедно со оние спорните.
Зошто Макрон денес не потсетува на храброста на Заев за Преспанскиот? Затоа што очигледно дека се очекуваат концесии само од наша страна. Да не е малку многу?
И затоа ова навистина е историски чин – ќе покажеме ли еднаш достоинство и стоп за изживувањето со Македонија или ќе дадеме нова виза за тоа, по цена на еден условен почеток на агониски преговори. Одговорноста и за едната и за другата одлука е голема. Соодветно, и гордоста и срамот.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија