Дефокусирано општество

Во некои нормални држави медиумите се единица мерка на демократичноста на едно општество. Кај нас, ете, тоа е Тодор Петров. Вистинска мерка за нашето општество.

Ден по поставувањето на камен-темелникот на новиот крст во Бутел (Скопје), во информативните емисии на Хрватската телевизија една од главните вести (од светот) беше дека Македонија, по повеќедневна блокада, попуштила и пропуштила на грчко-македонската граница околу 300 бегалци од загрозените држави, главно деца и изнемоштени лица.

На македонските телевизии оваа вест ја немаше. Или речиси ја немаше. Како што, впрочем, немаше или речиси немаше никакви информации за целосната блокада на границата за мигрантите. Наместо тоа, главна вест беше здравствениот билтен на претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, кој настрада во кафеанска тепачка непосредно по осветувањето на камен-темелникот на крстот, чија изградба ја иницираше токму тој.

Да, имаше и секакви анализи за мотивите за поставување на двоглави орли и крстови по градот, а по порталите, во духот на сеопштата таблоидизација на општеството, се шират снимки и текстови за наводни секс-скандали, со низа пикантерии, чија дегутантност не може ни да се дескрибира. И, секако, дали Леонардо ди Каприо конечно ќе го добие Оскарот, како една од најрелевантните теми што тој ден воопшто можевме да ја слушнеме.

Не мора човек да биде Никола Тесла (инаку, под псевдонимот „Тесла“ на каналот јутјуб се појавија наводни телефонски снимки, на кои се однесуваат веќе споменатите секс-скандали), па да види дека во просторијата веќе одамна нема струја. Некој паметен некогаш рекол дека општеството утре ќе биде онакво какви што се медиумите денес. Кај нас работата е малку поинаква. Имено, општеството е токму онакво какви што ни се медиумите: конфузно, со измешани приоритети, со низок демократски капацитет, со изместен систем на вредности, дегутантно, небитно… И дефокусирано!

Општеството е токму онакво какви што ни се медиумите: конфузно, со измешани приоритети, со низок демократски капацитет, со изместен систем на вредности, дегутантно, небитно… И дефокусирано!

Кога јавноста на едно општество ќе се идентификува преку делото и постапките на лик каков што е Тодор Петров, кога сосема сериозно ќе ги пренесува неговите пораки, кога неговите иницијативи ќе се реализираат во експресен рок со поддршка на државниот и црковниот естабилишмент, кога највлијателните политички фигури во земјата ќе му одат на поклонение, тогаш тоа општество навистина не може поинаку да се дефинира, освен како нездраво. Да не кажеме, тешко болно.

Само да потсетиме, Тодор Петров е најпознат по гинисовиот број амандмани што ги поднесе како независен пратеник во првиот парламентарен состав, како и по височината на крстовите што ги насадува по градските улици. И да, не толку одамна тој ја алармираше македонската јавност дека грчката полиција на смрт претепала етнички Македонец. Нашите медиуми, такви какви што се, а особено Македонската телевизија, ја пренесоа оваа вест без каква и да е проверка или ограда. Се разбира, веста беше целосна дезинформација, но ја постигна целта – неколку дена повторно бевме возбудени, мобилизирани и запалени против „клетиот непријател“, Грците. Како што и сега некој се обидува да нѐ мобилизира против „вековниот крвник“, Албанците.

Но, добро, еве да прифатиме дека поставувањето на камен-темелникот на крстот во Бутел, а потоа и физичкиот напад врз Тодор Петров беа тема на денот, сепак начинот на кој темата се проследи не остава дилема дека нешто навистина е гнило во македонската медиумска земја на чудата. Клучното прашање од потребата за поставување крст токму сега, ете, изостана.

Како некои одговори да не заслужуваат прашања? Како божем иницијативата на Светскиот македонски конгрес да го пошуми Скопје со крстови да е директна интервенција на Севишниот, па ние мали и понизни да не смееме да се посомневаме во целите и намерите?

Значи, зошто крст? Зошто токму сега? Зошто висок над 50 метри? Зошто токму таму?

Прифаќам дека можеби некој живее во перманентна крстоносна воена состојба, но не прифаќам тоа да го прави во мое име.

Дури и традиционалниот одговор за бележење територија не држи вода повеќе. Имено, зошто верскиот симбол, каков што е крстот, би бил манифестен белег на македонскиот народ? Низ историјата, во Македонија крстови стоеле само на религиозните објекти и на гробишта. Што се смени во традицијата денес да биде поинаку? Се подготвуваме за некоја крстоносна војна? За „ослободување“ на некаква света земја? На крајот на краиштата, прифаќам дека можеби некој живее во перманентна крстоносна воена состојба, но не прифаќам тоа да го прави во мое име.
Значи, веќе речиси го заборавивме „Титаник“, како божем да се случи во времето кога се потопи оригиналниот „Титаник“. Повеќе никој не ги споменува долговечните, сега веќе обвинети министри, Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиевски, ниту некој се чуди на одлуките на судот за нивно бранење од слобода. Бегалската криза ни стана рутина.

Единствено уште Уставниот суд уште, вака-така, држи некаква тензија. Пред сѐ, затоа што одлуката да се покрене постапка за испитување на уставноста на неможноста претседателот на државата да помилува осудени за изборен криминал е временски најтазе, а потоа и поради целосната несмасност на Судот да го објасни она што, рака на срце, и не може да се објасни.

Во некои нормални држави медиумите се единица мерка на демократичноста на едно општество. Кај нас, ете, тоа е Тодор Петров. Вистинска мерка за нашето општество.