Не знам за вас, ама јас го прославив Денот на македонската државност, 8 Септември, работно, достојно и достоинствено. Гмечев грозје за правење ракија.
Ако случајно не сте запознаени со активностите за производство на алкохолниот дестилат наречен „ракија“, ова „гмечење“ е еквивалент на оние романтично-еротски сцени од некогашните италијански филмови, каде што млади девојки, именувани како Софија Лорен или Џина Лолобриџида, газат грозје со боси нозе, во огромни буриња, да не кажам каци и со здолништа што ги држат со рацете неколку сантиметри над колената.
Ново време
Денес е ново време и нема потреба од преубави голи женски стапала и огромни буриња да се заврши целиот процес. Денес има некакви направи со рачка од страната што се нарекуваат „млин за грозје и други овошја“.
Но, ако е во прашање млин, тогаш грозјето би требало да се меле, а не да се гмечи. Секој што барем некогаш видел како се прави ракија (или вино), сфатил дека нема никакви шанси од мелено грозје да се добие комина. Всушност, воопшто нема шанси грозјето да се измеле.
Во ракиско-винарскиот свет, тој процес се нарекува „муљање“, а онаа направа „муљарица“. Со оглед дека овие два збора никако не се во духот на македонскиот јазик, јас не најдов посоодветни термини од „гмечење“ и „гмечалка“.
Признавам дека аналогијата меѓу печење ракија и создавање држава е прилично натегната, но не можев да одолеам
И, се разбира, дека мојот напор за „помакедончување“ на „муљањето“ е во директна корелација со одбележувањето на Денот на државноста. Едноставно, не е во ред моето достојно одбележување на овој ден да биде (по)врзано со некакви србизми, а притоа да станува збор за дефинитивно македонски национален пијалак (кај Србите ракијата од слива е многу популарна отколку лозовата ракија што доминира во нашите краишта).
Велам дека овој ден го поминав достојно, затоа што го поминав работно. А го поминав и достоинствено, затоа што резултатот на мојот труд ќе биде релативно бргу видлив. Ако одат работите „според книга“, првата годинашна ракија ќе протече некаде за шест недели. Но, ако тера инает глобалново затоплување, сите шанси се мојот ракиски казан да проработи за еден месец или покусо од тоа.
Круцијалното прашање е: што ќе правам денес? Денот потоа. Ден по гмечењето. Добро, претпоставка е дека ќе ја мешам комината. И денес. И сите денови додека не зоврие. Но, претпоставките секогаш не соодветствуваат со реалноста. Некои работи не се случуваат онака како што сме зацртале или барем претпоставиле. И некои факти остануваат затскриени.
На пример, ќе остане скриен фактот дека имам уште извесни количества од минатогодишната „ракиска реколта“, а дел од тоа служеше како погонско гориво за мене и за луѓето околу мене „аирлија да биде годинашнава работа“.
Тоа значи дека можеби денес ќе бидам мамурен и целиот ден ќе го поминам во кревет, неспособен за какви било придвижувања, а камоли мешања комина. И дека постои сериозна опасност комината да се скисели и од ракијата – ништо.
Волја без волја
Признавам дека аналогијата меѓу печење ракија и создавање држава е прилично натегната, но не можев да одолеам. Едноставно, (пре)многу асоцијации ми се свртеа низ главата, кои дефинитивно ме потсетуваа на оној 8 септември 1991 година. И тогаш, како и денес, беше недела. Времето беше пријатно. Свеченоста мирисаше во воздухот. Единствено што тогаш имав 30 години и бев, што би се рекло, во напонот на силата.
Бев заменик на главниот уредник во неделникот „Пулс“, единствениот тогашен политички неделник („Млад борец“ беше двонеделник, а во тоа време веќе беше на изумирање) и бев, што се вели, присутен во центарот на сите историски настани.
Самата прослава на резултатите на референдумот дополнително ме убеди дека темелите се навистина погрешно ископани
И тогаш, како и сега, ме болеше прашањето на референдумот: „Дали сте за суверена и независна Македонија со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. И тогаш, како и сега, мислев дека со тоа прашање се прави своевиден фалсификат на волјата на гласачите.
Од државниот врв (конкретно од претседателот на Собранието Стојан Андов и од премиерот Никола Кљусев) ми беше објаснувано дека прашањето мора да биде такво, затоа што според нивните истражувања, референдумот не би успеал, ако прашањето биде децидно поставено без оној додаток за „влез во иден сојуз“.
На мојата забелешка дека ако народот не е државотворен, односно не сака сопствена држава, зошто тогаш таа му се наметнува на сила, не само што не добив задоволителен одговор, туку влегов под ризик да бидам прогласен за „ретрограден елемент“, кој нема чувство за политичкиот момент.
Криви темели
Не помогна ниту моето убедување дека врз искривени темели не може да се изгради солидна куќа. Дека таа ќе биде фалшлива и склона кон уривање. Самата прослава на резултатите на референдумот дополнително ме убеди дека темелите се навистина погрешно ископани.
Егзалтираниот политички врв, резултатите на референдумот ги обележа со отворање на црвеното пенливо вино „фрушкогорски бисер“, кое за таа прилика беше „унапредено“ во шампањско. За неупатените, „фрушкогорски бисер“ беше далеку најевтиното пенливо вино, шампањско за сиромашни, што би се рекло.
А низ централниот плоштад ечеше „Вера беше чудна жена“, исто толку евтина новокомпонирана народна песна. Навестувањето дека со ваква „евтина“ прослава се навестува создавање „евтина“ држава беше инстантно прогласувано за безмалку за „непријателска активност“.
Кога веќе имавме три „државности“, ќе имаме ли сила за „четврта државност“, за едно големо ресетирање и поставување на работите врз здрави основи
Не беше пријатно ниту да се споменува дека Македонија е можеби единствената држава што трипати ја бележи сопствената државност: со Крушевската република, со АСНОМ, а еве сега и со референдумот.
Кој е вистинскиот Ден на државноста? Дали е тоа создавањето на првата република на Балканот, кога името „Македонија“ воопшто не се спомнува? Или е тоа АСНОМ, кога Македонија влегува во „сојуз со другите југословенски суверени држави“? Или е тоа референдумот со кој Македонија излегува од истиот тој сојуз, со право пак да влезе во него?
И тогаш, како и сега, го прифатив референдумот како завршена работа и прашав што ќе правиме во денот потоа. Што ќе правиме на 9 септември и во деновите што доаѓаат потоа? Дали ќе го мешаме народот што претходно сме го изгмечиле? Дали ќе можеме да очекуваме од него да се создаде солиден дестилат во форма на квалитетно вино или квалитетна ракија?
Или ќе оставиме тој да се скисели. Или, едноставно, ќе бидеме мамурни од претходно испиеното евтино вино и ќе пуштиме работите да течат сами по себе.
Деновиве прочитав низа рекапитуларни текстови за она што сме го направиле и за она што сме можеле да го направиме во изминатите 33 години, па нема тука да заморувам со општопознатите факти за турбулентните и не премногу успешни времиња што ги преживеавме, нема ни да паднам во стапицата на поетските метафори од типот на „згмечено племе“.
И сега, како и тогаш, ќе прашам што ќе правиме денес и што ќе правиме во деновите пред нас? Темелите се сѐ уште искривени. Кога веќе имавме три „државности“, ќе имаме ли сила за „четврта државност“, за едно големо ресетирање и поставување на работите врз здрави основи.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија