Диктатура на здравјето и среќата

Здравје и среќа!

Тоа се двата збора што најчесто ги слушаме и изговараме за време на зимските празници. Многу често само како форма и фраза, без да им дадеме некое суштинско или содржинско значење. Впрочем, во ова време, во кое буквално владее диктатурата на здравјето и среќата, навистина е тешко и да им се одреди вистинската тежина на овие поими.

Здравјето е веќе одамна опсесија и вносен бизнис. Светот е преполн со фитнес-клубови, вежбалници, теретани, нутриционисти… Луѓето масовно џогираат, маратонските трки уриваат рекорди по бројот на учесници, рекреативно се возат велосипеди, планинарските клубови се сѐ побројни…

Се бројат калории, (по)здравата храна е на повисока цена, се најавуваат построги рестрикции за пушачите и повисоки цени на цигарите, мобилните телефони се преполни со апликации што ви ги бројат чекорите, пулсот, крвниот притисок…

Телевизиските програми се исполнети со реклами за производи за чија употреба „треба да се консултирате со вашиот лекар или фармацевт“ и со безбројни емисии со совети како да го сочувате вашето здравје и/или како да се излекувате од некоја евентуална болештина. Интернетските портали се полнат со рецепти за „волшебни“ напитоци и храни што лекуваат безброј болести и со текстови за лековитите својства на разно-разни билки и плодови. Сите научивме што се антиоксиданси, а што пробиотици!

Императив на здравјето

Но, круцијалното прашање е дали со ваквото „бомбардирање“ со „здравствени“ информации станавме навистина поздрави? Или, пак, дојдовме до ниво кај себе да препознаваме симптоми на болести за кои не ни знаевме дека воопшто постојат? Дали овој императив на здравјето нè прави посреќни? Секогаш кога ќе ми посакаат добро здравје, ми текнува на моите дамнешни студентски денови и на изјавата на еден италијански новинар, чие име за жал одамна исчезна од мојата меморија.

Здравје и среќа, двата збора што најчесто ги слушаме и изговараме за време на зимските празници

Италијанскиот колега вели дека најмногу го нервира посакувањето добро здравје. „Јас сум новинар“, вели тој, „и мојата професија е врзана со стресови и напнатост. Јас знам дека секој ден губам од моето здравје, но од здравје не се живее. Се живее од пари.“ Ние би додале дека и здравјето се плаќа. И тоа скапо. За да бидеш здрав, според денешните нормативи, треба, всушност, многу да заработуваш, што по логиката на работите ти го одзема здравјето. И така се влегува во маѓепсаниот круг.

Колку повеќе работиш, толку повеќе пари ти требаат за да го одржуваш здравјето во добра кондиција. Во таа смисла, и со чиста свест за смртноста и минливоста, опсесијата да се умре здрав навистина изгледа апсурдно.

И, конечно, што е тоа здравје? Наједноставната дефиниција е дека здравјето е отсуство на болка. Од друга страна, апсурдно е да очекуваме ништо да не нѐ боли. Старата вистина вели дека ако имате над 40 години и се разбудите без никаква болка, тоа може да значи само едно – дека сте умреле! Значи, болката е знак дека сте живи. Само мртвите имаат целосно отсуство на болка!

Медицината е една од најразвиените и најдинамичните науки на денешнината. Нови откритија буквално се појавуваат на дневна основа. Во таа грчевита трка меѓу медицината и природата, на дневна основа се појавуваат и нови болести. Имам чувство дека лекарите денес се во состојба да постават повеќе дијагнози од бројот на луѓето на планетата Земја. Ако одите на вистински систематски преглед, шансите да излезете од таму без некои симптом се еднакви на шансите да добиете европско лото. Се мерат во промили.

Слобода или здравје

Доминацијата на здравјето како општествен идеал поставува низа етички прашања. Првото се однесува на социјалната сегрегација на болните, или, јас би рекол, поинаквите, затоа што самиот факт дека не одите на лекар и не се жалите на болести никако не претпоставува дека сте вистински здрав. Дали болните, со самото тоа што се болни, се несреќни? И дали здравите, со самото тоа што се здрави, се среќни?

Да, болеста предизвикува негативни емоции, но здравјето, само по себе, не предизвикува позитивни чувства. На крајот на краиштата, одамна се рекло дека сѐ што е убаво е штетно по здравјето.

Затоа на крајот нема да ви посакам среќа и здравје, такви честитки веќе добивте

Она што е пострашно е дека болеста предизвикува не само лични, туку и општествени негативни емоции. Во природата на човекот е да бега од несреќи. И од несреќни луѓе. А бидејќи создадовме општествен наратив дека болните по дефиниција се несреќни, тогаш, природно, бегаме и од нив.

Бидете искрени и кажете колку пати сте ја завртеле главата кога сте забележале човек без нозе, на пример? Какви реакции имаше своевремено кога Министерството за труд и социјална политика се обидуваше да ги смести децата од Заводот во Демир Капија во неколку помали домови? Позитивни сигурно не беа.

Ова нѐ доведува и до наметнатиот избор: слобода или здравје! Драстичен пример за оваа дилема беше пандемијата со ковид-19. Се сеќавате, не беше толку одамна, кога сите живеевме во своевиден куќен притвор, а полицијата проверуваше дали на оние што им е одреден карантин, навистина ја почитуваат одлуката. Во спротивно им се закануваа остри казни за загрозување на јавното здравје. А богами трпеа и осуда од пошироката околина. Во Битола имаше протести против одлуката хотелот „Епинал“ да биде карантин-центар.

Се сеќаваме и како помина она навистина несреќно семејство од Прилеп, каде што за првпат во Македонија беше дијагностицирана сидата. Умреа во страотна изолација. Тука лежи главното прашање: може ли човек да биде здрав во болно општество?

Диктатура на среќата

Среќата, пак, е сосема друга работа. Таа е субјективно чувство. Важна е потрагата по неа. Не бадијала уште Томас Џеферсон во Декларацијата на независноста на САД напишал дека потрагата по среќата е темелно право на секој човек и тоа никој не може да го забрани.

Диктатурата на среќата се гледа преку нашето претставување пред околината. Првенствено преку социјалните мрежи, каде што сите објавуваме фотографии каде што сме насмеани и весели, како божем сите бродови да ни се на број, слики со богати трпези или од годишни одмори и егзотични патувања, од кафеани ресторани… Некои од нив фотошопирани, други филтрирани… Сѐ само да изгледаме посреќни во очите на другите? Зошто? Рековме веќе: општеството не сака несреќа и неа ја изолира. Но, прашањето останува исто: може ли човек да биде среќен во болно општество.

Затоа на крајот нема да ви посакам среќа и здравје, такви честитки веќе добивте. Нема да ви посакам ни подобра 2024 година, затоа што сите знаеме дека ќе биде полоша. Ако ви е за утеха, сепак ќе биде подобра од 2025 година. Нема да ви посакам и да ви се остварат сите желби, затоа што тоа ќе значи крај на вашата потрага по среќата.

Ќе ви посакам да се чувствувате добро и да имате спокој во душите. Ако тоа сите го постигнеме, на сите ќе ни биде подобро.