Снимки од партиски состанок откриваат дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад протестите во Тиквешијата, објави А1 Он. Аудиоснимката што ја доставил партиски член, била снимена на состанок на 14 септември во партиски простории во Неготино, каде што присуствувале претставници од ОК од таа општина, но и од од Кавадарци, Росоман, Градско и Демир Капија, потоа претседателот на партиската комисија за земјоделство, и претставници од здружението „Тиквешки лозаро-овоштари“.
Во разговорот се слушаат разни дилеми – дали да се протестира на три локации или една, како да се соберат најмалку 150, наместо 30 луѓе како дотогаш, како да се мобилизира Унијата на жени, на млади… Се спомнуваат и забелешки од централата дали на протестите требало да се појавуваат претседателите на ОК, но и најави дека ако блокадите станат помасовни, тогаш – и лидерот би можел да дојде.
Тажна слика за домашните состојби. Од осамостојувањето до денес не се сеќавам на ниту еден автентичен земјоделски протест, без во него да вмешаат прсти партиски кујни. И не ми јасно зошто земјоделците сметаат дека нивната релевантност ќе биде поголема ако партија застане зад нив? За партиите е јасно – под маската на, божем загрижени, тие веднаш би се закачиле за која било целна група ако тоа им носи некаков рејтинг.
Секако, на земјоделците никој не може да им оспори слободна политички ориентација, но прашањето е дали партиите им помагаат ним, или тие им помагаат на партиите кога ќе ја распостелат пред нивните нозе својата „отвореност за помош“.
Тоа е договор како да се крене врева, а не како да се решаваат проблемите. Се знае кој добива, а кој губи од ваквиот изместен фокус. Губат производителите, добиваат партиите
Зошто да не се повикаат стручњаци за таа област? Се разбира, сето ова е битно ако целта е навистина да се до дојде до решение на проблемот, а не на ѕидање нечиј рејтинг. Овде во прашање е второто. Се бара поголема медиумска покриеност, партиска поддршка, поефикасно известувања за блокадите, собирање што поголем број луѓе…
Практично, тоа е договор како да се крене врева, а не како да се решаваат проблемите. Се знае кој добива, а кој губи од ваквиот изместен фокус. Губат производителите, добиваат партиите. Нив ги нема баш на вакви состаноци по невремиња и поплави кога се пребројуваат големите штети. Тогаш се зафатени со други, поважни прашања.
Второто ниво на разочараност е начинот на кој и оваа средба станала достапна за јавноста. Веројатно на сличен начин како што и стигнала и снимката од состанок на М-Нав. Пред тоа од расправија на Курто Дудуш со друго лице. Пред тоа за Павле Богоевски. И сѐ во име на јавниот интерес.
И тука владее една поразителна константа. На сите им одговара кога се објавуваат снимки што го засегаат и компромитираат другиот. А меѓу едните и другите има нешто што се нарекува јавност, граѓани, гласачи…
Состојбата е крајно тривијализирана, летаат искри на сите страни, секој е против секого, сензационализмот е на врвот на приоритети, а одговорноста на дното
По тромесечната серија „бомби“ објавени во 2015 година и отсуството на судски епилог за случаите кои завршија со обвиненија, по разочараноста заради можната инволвираност во криминал на разрешената шефица на СЈО, по продолжувањето на принципот на неказнивост и впечатокот – сѐ тече, криминалот останува, луѓето се веќе заморени да бидат набљудувачи на мерење на силите преку тоа кој повеќе снимки ќе објави за опонентот. На крајот на денот тие немаат никакво значење, ако никогаш не е извесно дали ќе имаат легитимна разрешница.
Повеќе се работи на медиумизација и естрадизација на индициите, отколку на нивно ставање на шини – постапка пред надлежни институции. Дури и кога ќе се случи второво, на чуден начин многу брзо се случува некаква компромитација на доказите, за повторно сѐ да заврши на естрадно ниво. Не мислам дека тоа е случајно. Има некаков систем во тој хаос. Интуитивно го чувствуваме, но не можеме да го докажеме.
Состојбата е крајно тривијализирана, летаат искри на сите страни, секој е против секого, сензационализмот е на врвот на приоритети, а одговорноста на дното. Во таква ситуација тешко е таа да се стабилизира. Тоа е како константна состојба на афтер шокови – еден, друг, трет… и тлото никогаш не престанува да се тресе. А чекаме датум.
Не мислам на оној за почеток на преговори со ЕУ, туку на денот кога ќе може заеднички да констатираме – дека спокојството конечно царува и кај нас. Нешто како во стилот на еден графит кој неодамна го видов во фреквентен дел од градот: „Доста беше од животот во интересни времиња. Сакам да живеам во досадна земја и досадно време“.