Политичките таблоиди, а тоа се речиси сите овдешни медиуми, не служат ниту како средства за забава ниту за информирање, туку како стап за политички ќотек на и од овдешните политички центри на моќ.
Ајде да се обидеме да ја резимираме политичката агенда на седмицата што е пред нас (практично еден од најважните периоди во македонската плуралистичка историја): премиерот Никола Груевски е во посета на САД и треба да оствари средба со потпретседателот Бајден; во Скопје истовремено е европската тројка олеснувачи; се очекува посетата на високиот комесар за проширување при Европската комисија, Јоханес Хан; на 15 јануари треба да биде изгласана техничка влада; претходно се засилени контактите со грчката страна околу прашањето на името; прашањето на датумот на изборите останува отворено; Специјалното јавно обвинителство едвај ги решава процедуралните проблеми во своето функционирање; бегалската криза не попушта итн.
И да видиме со што се занимаваат нашите медиуми? Со ненадејната посета на Груевски на САД, со причините и нејзините цели, со последиците што произлегуваат од неа? Не. Или барем маргинално. Исто толку (не)ревносно пишуваат и анализираат што ќе се случи по посетата на европската тројка и на Хан на Македонија и дали ќе има избори во април или не, а некако најмалку со техничката влада што треба да ги подготви изборите. Бегалците се веќе заборавени.
Ако по правило таблоидите се занимавале и се занимаваат со гардеробата на Ким Кардашијан, нивна главна тема денес се валканите алишта на Силвана Бонева или Радмила Шекеринска
Дури ги нема ни традиционалните „сезонски“ информации што следат во овој период: каде политичкиот врв ја прославил новогодишната ноќ и кому му паднала божикната паричка. А нема ни информација зошто ги нема овие информации. На пример, зошто комплетниот државен врв токму оваа Нова година решил да ја пречека „во кругот на семејството“, а не барем на плоштадот „Македонија“?
На страна што во сеопштата глобализација, кај нас ниту светот како да не постои. Ете, не ни се занимливи ни темите со кои би можеле да повлечеме некаква паралела: на пример законот за медиуми во Полска или протресувањето на бразилскиот политички врв од нивното специјално обвинителство, а камоли некои „опскурни“ работи, како што е крвавата граѓанска војна во Сомалија.
Наспроти тоа, главната медиумска преокупација беа размислувањата на професорката Татјана Каракамишева за причините за иселувањето на младите од земјата и признанието на актерката Весна Петрушевска дека своевремено ѝ било грешка што прифатила да биде политички инструментализирана, а главна медиумска ѕвезда беше извесна стралета Дунавка, за која уште не е познато како го стекна тој статус.
Ако и наидете на некој текст или прилог што има претензии да го „објаснува“ македонскиот актуелен момент, тогаш по правило ќе прочитате (или слушнете) навидум логични сочиненија, кои опасно, но со намера, се движат на тенкиот остар раб помеѓу навредата и говорот на омраза. Тешко може да се оцени како сериозна новинарска анализа, па дури и како барем малку поамбициозен памфлет, текст кој изобилува со термини од типот: „забеган“, „црпнат“, „свиња“, „сороспија“…
Не е ни сложено, а ни неумесно сегашната македонска медиумска состојба да се процени како последен степен на грандиозната таблоидизација на македонското новинарство. Она што е релативно ново во сеопштата журналистичка практика, иако не е оригинален македонски производ, е појавата на политичкиот жолт печат. Ако по правило таблоидите се занимавале и се занимаваат со гардеробата на Ким Кардашијан, нивна главна тема денес се валканите алишта на Силвана Бонева или Радмила Шекеринска.
Мора сосема поинаку да се гледа на турските и индиските сапуници, на оние гранд-продукции и пинк ријалити шоуа со кои е преплавен овдешниот телевизиски етер. Денес е јасно дека не станувало збор за наводна гледаност на програмата, туку за своевидна еутаназија на јавната свест и јавното мислење
Дури и ова не би било некој посебен проблем, ако се испочитуваше основното таблоидно начело: евтина забава, зачинета со шунд и кич. Политичките таблоиди денес и кај нас, иако ги задржаа шундот и кичот како препознатливи обележја, ја заменија евтината забава со политички отстрел, денунцијанство и спинување на актуелните состојби. Во таа смисла, политичките таблоиди, а тоа се речиси сите овдешни медиуми, не служат ниту како средства за забава или за информирање, туку како стап за политички ќотек на и од овдешните политички центри на моќ. Значи, на сила е она што Германците многу одамна го нарекоа „revolver journalismus“, односно револверско новинарство.
Иако и таканаречените опозициски медиуми сѐ повеќе се приклонуваат кон овој тип журнализам, сепак основната тенденција на политичките таблоиди е да се става на страната на власта. Причината е едноставна, блискоста со власта не гарантира само политичко влијание, туку и сериозни финансиски бенефити, што конечно од време на време ќе исплива до јавноста. Вака сфатениот новинарски пазар е на чекор од рекетарското новинарство, а тој чекор за жал кај нас, се чини, одамна е изоден.
Затоа од сегашна перспектива мора сосема поинаку да се гледа на турските и индиските сапуници, на оние гранд-продукции и пинк ријалити шоуа со кои е преплавен овдешниот телевизиски етер. Денес е јасно дека не станувало збор за наводна гледаност на програмата, туку за своевидна еутаназија на јавната свест и јавното мислење. Значи, не се работи за евтина забава за публика од седум до 77 години, туку за политички проект наменет за истата публика. Повеќегодишното затапување на јавноста неминовно доведува до состојба која за оваа прилика ќе ја наречеме „дунавкизација на македонското новинарство“.
Затоа денес нема да биде и не е никаков проблем севкупната овдешна мислечка јавност да се спинува со небулозните толкувања на Каракамишева за одливот на младите мозоци во странство или со ексцесните настапи на извесната Дунавка. А ние и натаму ќе останеме глуви за сето она што се случува околу нас.