Што говори одлуката на бугарското собрание – да го одобри предлогот на француското претседателство, ама зајакнат со исполнување четири услови? Говори дека Македонија нема партнер за разговори, туку крајно исклучива страна, која сака да издејствува резултат 100-0 за неа. Сѐ или ништо.
Инаку, зошто бугарскиот парламент воопшто би расправал за францускиот предлог, кој македонската страна го смета за неприфатлив во сегашната форма? За да се претстави Бугарија како конструктивен партнер, со што и притисокот и топката ќе ги префрли на македонски терен. Потоа, секој следен чекор ќе тргнува од освоениот простор – „француската основа“. И тоа не случајно, бидејќи најголемите бугарски партии едногласно оценија дека францускиот предлог е најдобар – за нив.
Има еден голем апсурд во сево ова. ИТН ја напушти владата наводно поради двојна игра на Петков во надворешната политика, која водела кон предавство на бугарските национални интереси по прашањето за Македонија. Од друга страна, министерката на ИТН во заминување, Теодора Генчовска, потврди дека Бугарија го добила најдобриот предлог досега. Па, како успеале во тоа, ако се водела двојна политика, која во суштина би требало да ги збуни партнерите во ЕУ?
Османи треба да одговори: не колку зборови, туку колку активности стоеле меѓу успехот и неуспехот на македонската дипломатија, штом во Софија тримуфалистички тврдат дека конечно и ЕУ многу јасно ги разбрала и одговорила на нивните загрижености
Јасно е дека не е во прашање двојна политика. Воделе една и единствена, со добра поделба на улогите на „добар и лош полицаец“. За да издејствуваат што подобра позиција и за да го разбудат сочувството на европските партнери кон „праведните барања“ на Софија, тие приредија и вистинска драма. Драмата носеше наслов – владата паѓа. И падна. Се проценило дека тоа ќе предзивика голема нелагода во ЕУ, во време кога се води војна пред носот на Бугарија.
За потребите да се предизвика таа драма, измеќарски беше употребена ИТН и шарлатанството на нејзиниот лидер Слави Трифонов. Затоа тој е единствениот што денес прашува – како можело за кревање на ветото за Македонија да се создаде толку сложна коалиција меѓу најлутите непријатели во власта и опозицијата?
Ете, можело. И сега сѐ си е на свое место. На иста линија за францускиот предлог се сите: претседателот Радев, кој беше непопустлив за ветото и главен контролор власта божем да не попушти, на таа линија се и лутите опозиционери од ГЕРБ и ДПС, и декларативно „пофлексибилните“ во односот кон Македонија, владејачките партии „Демократска Бугарија“ и „Продолжуваме со промените“.
За да биде појасно, предлогот – зеленото светло за Македонија да биде допрецизирано и условено со четири барања не дојде од „опозициските ГЕРБ или ДПС (нивните предлози биле помлаки), туку дојде од „пофлексибилните“ – од Христо Иванов од „Демократска Бугарија“.
Изгледа шашаво? Да, ама функционира. Ем ја зајакнуваат националната позиција, ем си обезбедуваат политичка дивиденда за ново преформатирање на мнозинството или за нови избори, ем се претставуваат како посветени Европејци.
А тие четири услови комплетно ја бетонираат рамковната позиција на Бугарија. Со тоа, неизбалансираниот француски предлог – правен главно по мерка на Софија, добива уште посилен бугарски ракопис.
Што правиме ние? Чекаме да видиме дали француското претседателство ќе имало свој конечен предлог, бидејќи досега во оптек била работна верзија со некои недефинирани прашања.
Бујар Османи нѐ уверува дека „само два збора стоеле меѓу успехот и неуспехот на ЕУ во регионот (зборот ‘протокол’ во рамката, како парадигма на историските прашања, и зборот ‘отворање’ во параграф шест од заклучоците на Советот)“.
Никој нема да го разбере ваквото објаснување, издвоено од севкупноста на францускиот предлог, бидејќи македонската јавност немаше можност да го види, освен да собира информативни трошки од бугарските медиуми.
Во превод – за Македонија е неприфатливо во преговарачката рамка да се стави протоколот што се договара меѓу Бугарија и Македонија, и второ – постои несогласност кога да се случат уставните измени со кои Бугарите ќе влезат во Уставот: пред почетокот на преговорите или во текот.
Ама овде не се работи за два збора, туку за две важни прашања. Со денешното условено „зелено светло“ од бугарското Собрание, истите овие прашања не се ни отстранети, ни олабавени, туку дополнително зајакнати.
Затоа Османи треба да одговори: не колку зборови, туку колку активности стоеле меѓу успехот и неуспехот на македонската дипломатија, штом во Софија тримуфалистички тврдат дека конечно и ЕУ многу јасно ги разбрала и одговорила на нивните загрижености. Од каде се појави толкава разлика меѓу португалскиот и францускиот предлог?
Меѓу успехот и неуспехот на Македонија кон ЕУ, стојат многу повеќе од два збора, но во основа сите се последица на разликата меѓу едно нешто нешто: работење, неработење и имитација на работење
На крајот, чудно е што властите и натаму полагаат надеж дека „ќе се најде решение, ако имало волја“. Волјата на Бугарија изразена низ еден од четирите услови гласи: „Ништо во пристапниот процес на Македонија да не биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија“.
Ова не личи на чисто решение за македонскиот јазик. Имајќи предвид дека бугарската дипломатија одлично (ис)плива низ преговарачките лавиринти, не знаеме дали и какви дејства ќе произведе овој услов: само „уметнички дојам“ дека Софија не ни го признава јазикот (што не е ништо ново) или услов кој низ процесот што ќе се преточи и во некоја поконкретна одредба?
Истата нејаснотија се однесува и на условот „прецизирање на заклучоците на Советот со цел да се гарантира впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, во одредбите во кои се споменуваат другите народи и на еднаква основа со тие народи“.
Дали зад оваа формулација се крие нешто многу повеќе од впишување на Бугарите само во Преамбулата? Илјадници прашања – ниеден одговор. Меѓу успехот и неуспехот на Македонија кон ЕУ, стојат многу повеќе од два збора, но во основа сите се последица на разликата меѓу едно нешто нешто: работење, неработење и имитација на работење.