Не знам дали и кога ќе почнеме пристапни преговори со ЕУ, но знам кога ќе бидеме подготвени да станеме нејзина членка: тогаш кога самите ќе се чувствуваме како Европејци. Не поради географската припадност на европскиот континент, туку поради достигнати високи демократски вредности, навики, практики и однесување.
За тоа да го направиме, треба да си го ревидираме сегашниот систем на вредности, бидејќи преку гнила штица не можеме да поминеме од другата страна на реката. Нашиот систем на вредности со години функционира по принципот „не гледај што правам, случај што проповедам“. Едно се нуди во излогот, друго во магацинот.
Предизборниот период е рај за таквите проповеди и проповедници, а работа на граѓаните е да оценат дали тие се вклопуваат во вредносниот систем што политичарите го пропагираат – чест, морал, професионализам, дијалог, соработка, разбирање…
Еве, по слободен избор одгледајте која било дебата, во која учествуваат претставници на власта и опозицијата, и ќе видите како изгледа еден „европски“ разговор: надвикување, логореично мрморење и упаѓање во збор, шуплива увереност дека е „успех“ ако некој повеќе го надвика или навреди другиот. Аргументи не се ни слушаат. Единствено врева.
Ако гледате дека немаат ништо умно да ви кажат, а таму се наводно поради вас и бараат доверба во ваше име, исклучете го тонот на ТВ-приемникот и набљудувајте ги. Екранот ќе ви открие што имате пред вас: лица кои неартикулирано мафтаат со рацете, фрлаат лути искри од очите, нервозно си ги подместуваат вратоврските, подготвени да подместат и „теза“ за нова кавга. Цел час трошат за да покажат како изгледа нивната лична и политичка (не)култура. И, секако, да ви се понудат како „спас“.
Не знам дали и кога ќе почнеме пристапни преговори со ЕУ, но знам кога ќе бидеме подготвени да станеме нејзина членка: тогаш кога самите ќе се чувствуваме како Европејци
За жал, и дел од граѓаните децениски тренирани дека така треба да изгледа културата и „патриотизмот“, навивачки ги следат овие „двобои“ и панаѓури на суети. Не ги загрижува тоа што муабетот завршил без никаква допирна точка со граѓанскиот, јавниот интерес. И така во круг, три децении.
Кога ќе престане инвазијата од меѓупартиски соопштенија со „реакција на реакцијата на реакцијата“, во која ништо ново не се кажува, освен дека се потврдува стариот анимозитет. Кога премиерот нема да користи приземни гестикулации придружени со „мало сутра“, бидејќи во тоа европско утре нема место за генерации кои таквите манири ќе ги прифатат како посакуван модел на однесување.
Кога опозицијата нема да произведува навреди кон премиерот со разни епитети, кои ни хартијата не ги трпи. Кога нема да биде „голем проблем“ што градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се одзвал на покана и присуствувал на трибина на политичките опоненти, во општината со која раководи. И обратно.
Треба да си го ревидираме сегашниот систем на вредности, бидејќи преку гнила штица не можеме да поминеме од другата страна на реката
Кога уметниците нема да се делат на „ваши и наши“, дури и кога некои од нив сами придонесуваат за тоа, преку инволвирање во политика врз основа на страсти за поделби. Ќе пораснат, ќе им помине.
Ќе станеме Европејци, кога и бизнисмените нема да се делат на „ваши и наши“, сведени на спонзори на кампањи, кои по победата на „нивните“ си го враќаат влогот повеќекратно преку наместени тендери.
Во ЕУ ќе влеземе кога битката против криминалот ќе биде толку жестока и неселективна, што ќе го демотивира интересот за влез во политиката на секој што таму доаѓа за да „брцне во медот“.
Во ЕУ ќе влеземе кога половина од населението нема да знае кој е премиер на државата или министер на одреден ресор, што значи дека институционалниот систем функционира беспрекорно и без политички турбуленции, без разлика кој е на власт.
Кога универзитетите ќе се димензионираат според квалитетот, а програмите според потребите на пазарот на трудот. Кога лекарите и професорите ќе бидат вреднувани според стручноста и трудот, а не според моменталните можности.
Кога луѓето што оствариле домашни и меѓународни успеси во културата, медицината, економијата и други сфери, ќе бидат на насловните страници или во ударните вести, а не пред прогнозата за времето. Кога родителите ќе престанат да ги учат децата да не се дружат со овој и оној затоа што родителите му се „вмровци“ или „комуњари“.
Во ЕУ ќе влеземе кога никој нема да фрла вреќи со смет од висококатници во тревникот, да пали гуми, да потпалува шуми, да краде дрва. Кога секој ќе се грижи за зеленилото и чистотата во својата улица. Кога нуркачите нема да вадат кревети, фрижидери и шпорети од дното на Охридско Езеро, кога во реките ќе заврши бесконечниот саем на пластики и кога депониите ќе заминат во историјата.
Ова се неколку примери. Ако успееме во тоа, ќе бидеме целосно подготвени за влез во ЕУ. Но, и не мораме. Не ни треба членство поради членство. Ни треба доказ дека можеме да бидеме Европејци, дека според вредностите сме во Европа и дека таа е кај нас.