Анализи

Меден месец за таинствените институции

Нема кој да постапи поради недавањето информации | Фото: Shutterstock

Примената на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер се наближува, но Агенцијата  што е предвидена со него не е екипирана со кадар за да може да го штити ова право. Во услови кога Комисијата што е задолжена за заштита на ова право не функционира бидејќи нема доволно членови, на граѓаните им останува само Управниот суд за да можат да добијат некоја информација што јавните институции одбиле да им ја дадат.

Според искуствата, постапките пред судот траат година до две, што значи дека без второстепени органи (комисија или агенција), остварувањето на ова право дополнително ќе се забави, наместо да се забрза.

Неодамна со одбивање да добие информација се соочи Институтот за демократија Социетас Цивилис од Скопје, кој води база на податоци за членовите на управните и на надзорните одбори во јавните претпријатија и во другите установи низ земјава, на централно и на локално ниво. Советот на Град Скопје назначил нови членови на управните одбори на претпријатијата „Паркови и зеленило“ и „Градски паркинг“. Тие од Советот ги побарале биографиите на овие членови, за да ја ажурираат датабазата, но биле одбиени.

„Од Советот ни стигна информација дека до него биле доставени изјави од новите членови, според кои тие не дозволуваат нивните биографии да се даваат на трети лица, односно ако некој сака да ги види, да им се обрати лично на нив“, вели Миша Поповиќ од ИДСЦС.

Тој додаде дека тие сега ќе поднесат ново барање со кое ќе побараат да ги добијат изјавите, за да видат на кои законски одредби се повикуваат членовите на управните одбори кога забрануваат увид во нивните биографии. Од Советот, исто така, ќе ја побараат и целосната документација врз основа на која се одлучило дека тие лица се квалификувани да членуваат во управувачките органи на претпријатијата.

„Ако треба, ќе ги бараме информациите и преку судот“, додава Поповиќ.

Блокирана собраниска комисија

Повеќе државни институции се без раководства поради собраниска блокада | Фото: БИРН

Новиот закон за пристап до информации од јавен карактер беше донесен на 24 април годинава. Тогаш беше  предвидено дека ќе стапи во сила осум дена по објавувањето во Службен весник, а примената ќе му почне шест месеци подоцна. На тој начин требаше да му се даде на Собранието доволно време да основа Агенција за заштита на правото за слободен пристап, како извршен орган со пошироки овластувања од досегашната комисија, кој би можел многу поефикасно да се справува со институциите што нема да дадат информација. 

Изборот на директор и на заменик-директор на Агенцијата треба да се изврши преку собраниската Комисија за избори и именувања, од каде што сѐ уште се чека избор на раководните органи на повеќе институции како Македонската радио-телевизија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државниот завод за ревизија и други.

Од донесувањето на законот, Комисијата, предводена од пратеникот Илија Димовски од опозицијата, одржала само две седници и на ниту една од нив не се расправало за назначување раководен кадар во Агенцијата за информации од јавен карактер. 

Огласот за избор на директор требало да се распише 15 дена откако законот ќе стапи во сила, но ниту тоа не се случило. Затоа на 11 јуни на пленарна седница на Собранието е донесена одлука да се распише оглас за директор и за негов заменик,но не по предлог на комисијата, туку на пратениците од владејачкото мнозинство Јован Митрески и Ејуп Аљими. Во него се предвидува рок од 15 дена за пријавување кандидати.

Тој рок е одамна истечен, но комисијата нема разгледано кандидатури и нема предложено директор.

Жалба за да нема одговор

Се чека на Комисијата да и помине рокот | Фото: БИРН

Данче Даниловска Бајдевска од Фондацијата Отворено Општество, која беше дел од работната група што го подготвуваше новиот закон вели дека калкулациите со изборот на раководниот кадар може да го отежни профункционирањето на законот, со кој требаше да се скратат постапките и да се зголеми ефикасноста во пристапот до информации од јавен карактер.

Сѐ додека не се екипира таа агенција, Комисијата за жалби, која е исто така нефункционална, останува како прв чекор каде што барателот може да се жали. Единствената цел на тие жалби би била да истече рокот за одговор, за да може да се поднесе тужба до Управниот суд.

„Во моментов, ако некоја институција одбие да даде информација, барателот ќе мора да се обрати до Комисијата за жалби, како второстепено тело. Од таму ќе нема одговор, зашто Комисијата нема членови, па по 15 дена ќе може да поднесе тужба пред Управниот суд. На граѓанинот не му е важно зошто Комисијата не можела да одговори. Има механизми што тој може да ги искористи. Кога ќе истече рокот за одговор, тоа се смета за молчење на администрацијата, и постапката може да продолжи понатаму“, објаснува Даниловска Бајдевска.

Долги судски постапки

Досега имало 310 случаи поврзани со информации од јавен карактер | Фото: БИРН

Во онлајн-архивата на судски одлуки се забележани вкупно 310 пресуди на Управниот суд во врска со пристапот до информации од јавен карактер во последниве десетина години. Тужбите ги поднесувале граѓани, невладини организации или други субјекти, откако ќе добиеле негативно решение од Комисијата. Тоа значи дека прво некоја институција одбила да им даде информација, а потоа Комисијата одлучила дека таа постапила правилно. Поради нефункционирањето на комисијата, во последнава година имало само шест судски одлуки за ова прашање.

Праксата во судот покажува дека постапката од поднесувањето на тужбата до одлуката на судот трае една до две години. Притоа тужбите често се одбиваат како неосновани, па барателот и по целата постапка останува без информацијата што ја побарал.

Со новиот закон се предвидува роковите за одговор на поднесено барање за информации да се скратат од 30 на 20 дена, а рокот за одговор на жалбите останува 15 дена. Агенцијата, како извршен орган, има право да им наложи на институциите да дадат одговор, а ако тие повторно не го сторат тоа, да поведе прекршочна постапка против нив. Се воведоа поголем број механизми со кои пристапот до информациите треба да се направи побрз и полесен.

Сепак, ако состојбата остане како сега, кога судот е единствената втора шанса за да се добие информација од јавен карактер, постапките стануваат побавни и понеизвесни.