Деновиве, на четиригодишно дете непромислено му ја уништив фантазијата, откривајќи му дека не постои временска машина што може да го врати времето назад. Бараше да му се наштелува играчката („временска машина“), за да го врати времето пред да си го изгуби неговото милениче – кученце. Не сакаше друг миленик. Тагуваше по изгубеното пријателче.
Не ми помина објаснувањето дека временската машина во моментов е расипана. На крајот, мислејќи дека нема друг излез, ја кажав страшната вистина – дека временска машина не постои. Исто како да сум му рекла дека не постои Дедо Мраз.
Веднаш ми стигна демант – дека постои и временска машина, и Дедо Мраз! Ендемскиот вид на временска машина што постои кај нас, имал добри перформанси: од декември 2019 година може да нè врати, на пример, на 12 април 2016 година. Не е битно дали машината работи на погон на Уставниот суд, на подземен политички договор, на нечие прегрупирање…
Исходот од нејзиното функционирање води кон иста можност: како општество да се вратиме на местото на злосторството пред три години, да го гледаме во живо воскреснувањето на амнестијата од Иванов, да ја поздравиме трипати со вообичаениот поздрав на надземното подземје „амнестија воскресе – навистина воскресе“, а потоа колективно да се посипеме со пепел, бензин или сами да си поставиме динамит.
И, како што би му рекол Груевски на Миле – „да не ја тупиме многу“, туку веднаш да го разнесеме на парчиња и последниот атом надеж дека овде смее да никне правда.
Фактот дека по цели три години, Уставниот суд токму пред избори одлучи да решава дали ќе ја оживее амнестијата од Иванов, навестува интересни политички игри и интриги. Некои повикуваат на протести, на силна општествена реакција.
А зошто да протестираме? Зошто да не засадиме цвеќиња пред Народната канцеларија на претседателот, таму каде што пред три години гореа сликите на Иванов и канцеларискиот инвентар? Зошто патеката до Уставниот суд да не ја постелеме со рози? Зошто да не испечатиме маици со парола „еден од 56“?
И како што би му рекол Груевски на Миле – „да не ја тупиме многу“, туку веднаш да го разнесеме на парчиња и последниот атом надеж дека овде смее да никне правда
Горе-долу, мислам дека сè е во совршен ред, кој неправедно ни личи на хаос. Ако добро анализирате, само една буква прави разлика меѓу зборовите „помирување“ и „помилување“. Само две букви прават разлика меѓу зборовите „амнестија“ и „амнезија“. Само три години прават разлика до каде стигнавме во битката „Нема правда, нема мир“.
Зар треба да правиме револуција поради една-две промашени букви и за три изгубени години? Па, што е тоа во однос на вечноста? Имаме ние уште многу години за трошење во јалови дискусии за правни реформи и за други борании.
Згора на тоа – да не зборавиме дека револуциите ги јадат своите деца. Нема ништо подобро од помилување заради помирување, особено ако се отиде и чекор напред – помилуваните да се најдат на пратенички листи. Да им се оддолжиме како општество и (мртва) природа за сè што поминаа и направија во овие три години, успешно избегнувајќи ја раката на правдата.
Потоа ќе биде лесно. ЕУ во март ќе донесе одлука да почнеме преговори зашто ваква правда ниту имало, ниту некогаш виделе. Ќе се чудат до каде сме стигнале во реформите.
Зар треба да правиме револуција поради една-две промашени букви и за три изгубени години? Па, што е тоа во однос на вечноста? Имаме ние уште многу години за трошење во јалови дискусии за правни реформи и за други борании
Новиот „Прибе“ повеќе нема да биде Германец, туку чистокрвен Македонец. Ќе шета од метропола до метропола за да го раскажува чудото – како за три години може правно да ја обновиш земјата во истото руво во кое си ја затекнал.
Во очекување да се вратат на политичката сцена сите питорескни ликови од обвинителско-судските папки, ги охрабрувам уставните судии да се држат до правните принципи како што тоа го прави лажлив поп: не гледај што правам, случај што проповедам.
Ако сложни попови и во петок мрсат, сложни судии и политичари мрсат секој ден, сè додека не ја замрсат работата. Потоа во наредните четири години ќе ја одмрсуваат. Нешто мора да се работи.
Патем, амнестијата е логичен след на идеологијата на заедништво и сплотеност. Зошто да инсистираме на правда, ако таа резултира само со нови и нови поделби во општеството?
Вака сплотени, кој во легални и нелегални активности, арбитрарно ќе одредиме која е нултата точка од која ќе почне новата страница во македонската правно-празна историја. Гледате ли дека само една буква ги дели зборовите „правна“ и „празна“. И сега, за една буква ли да растураме држава?