Шверцерска држава

Колумна на Сашо Кокаланов
Обиди се како драмски автор, на публиката да ѝ прошверцуваш приказна дека навивачка група славела годишнина од постоење во народен театар, нема да ти помине. Всушност, со таква идеја нема никогаш ни да стасаш до публиката. Никој нема да даде пари за ти да се глупираш.

Твојот обид за шверц ќе заглави на првите инстанци, ако не кај продуцентот, кај режисерот сигурно – ќе ти кажат просто дека идејата е лоша затоа што не е ни елементарно плаузибилна. Такво нешто не може да се случи во реалноста и дајте некоја друга поверојатна и подобра идеја, ќе ви речат без никакво заобиколување. И чао-пријатно.

Но, македонската реалност е неверојатен автор, и најлудата, најдебилната и најбесмислената замисла, знае да ја преточи во објективна вистина. И тука може само да ѝ ја симнете капата и да си ја свиткате опашката како автор. Вие не можете да продадете таква приказна, ама таа може.

Како? Веќе не е толку ни важно. Некој некого излажал или довел во заблуда или умешно се замаскирал, некој не внимавал доволно, не си ја вршел работата, не ги поставил филтрите и пречките, или едноставно свесно презел ризик, тоа е тотално неважно. Генијална е самата основна идеја – прослава на „Шверцери“ во театар, па уште и во таков што глуми некаков лажен барок, со пластика што глуми злато и малограѓанштина што глуми аристократија.

Ќе звучи можеби малку нескромно (и самите бевме изненадени од нашата моќ за антиципација), но инцидентот со „Шверцерите“ во МНТ, како и мегаскандалот „Рекет“ што ни ја тресеше земјичкава пред да задивеат шверцерските орди во нашиот прекрасен театар, ме поттикна да споделам нешто од работата на четвртата сезона од ситкомот „Преспав“.

Новите дваесет епизоди ќе се емитуваат дури од следниот месец, па имам многу ограничени можности да зборувам детално за нивната содржина, но имам дозвола од продукцијата во оваа пригода да соопштам, премиерно, дека првата епизода се вика „Рекет“ и се занимава со рекетирање во „правосудството“, се разбира на еден карикатурален начин, со оглед на жанрот на серијата. А таму некаде пред крајот на сезоната, ја имаме и епизодата „Боро и Рамиз“, која пак, замислете, се занимава со дивеењето на навивачите.

Ќе треба, чинам, многу енергија да потрошиме за да убедиме некого дека и едната и другата епизода се напишани како синопсис уште во април, пред да пукне аферата „Рекет“ и многу пред последнава афера „Шверцери во МНТ“.

Во контекст на темата на оваа колумна, ќе ви кажам дека кога во април младиот колега сценарист Артин Селмани дојде со идеја да напише епизода дека во пансионот се организира лажно помирување на „комити“ и „шверцери“ (за странски пари), но по грешка носат вистински навивачи кои го демолираат пансионот – ни звучеше некако на граница на плаузибилност. Немам дилеми дека ако правевме сериозна драмска серија, а не ситком, или ако дејствието го сместеше во театар наместо во „Преспав“, ќе го натеравме младиот сценарист да си го скине синопсисот на парчиња и да го фрли во корпа.

За среќа, идејата на Селмани стана сценарио, наместо згужван лист хартија во корпа. За несреќа, на македонската реалност нема кој да ѝ ги згужва „брилијантните“ идеи.

Оттука, морам да признаам дека најмалку ме интересира направената материјална штета.

Што има да се пишуваат фермани за последиците, тоа е работа за некој нижи инспектор, за приправник во полиција, случај за кој не ти треба Си-ес-ај, имаш снимки, имаш јасни сторители, правниот систем, дури и ваков шугав каков што е, ги има сите механизми за санирање на штетите: прекршочни и кривични пријави, соодветни казни и наплата на отштета.

Уште помалку, односно ич не ме интересира нематеријалната штета што му е нанесена на нашето „едно опшесво“, зашто темата дека навивачките групи се малигно ткиво, дувло во кое се парат сите глупави и дебилни идеи и омрази и се испилуваат пилиштарци со тотално дефектен вредносен систем во главата сум ја апсолвирал во претходни колумни.

Да не се лажеме сега дека „Шверцерите“ се нешто поразлични од која било балканска навивачка група. Стави ја која било навивачка група во театар, ќе „дивее“, што очекувате, дека ќе ги исклучат мобилните телефони и ќе се препуштат на магијата на претставата/филмот. Скандирале навредливи слогани. Е, да де. Па, тоа дека се малигно ткиво не сме го извлекле од анализа на нивните докторски дисертации, туку од што сме ги гледале како се однесуваат и слушале што скандираат во нивната природна средина – на стадион.

Тоа што сега има толку шокирани или значи дека „културњаците“ во општествово толку се аутистички затворени само во културниот простор, па немаат поим што се случува надвор од нивното гето. Или, пак, јас искрено верувам дека е второво, шокот е резултат на глумата дека до сега не биле свесни за феноменот на навивачкото дивеење и со шокираноста само глумат некаков „културњачки“ елитизам.

Тие копиљаци што скандираат „смрт за каури“ или „гасни комори за шиптари“ се ваши, наши деца, не се спуштени со вселенски бродови во Македоњава наша специјално за натпреварите и потоа со истите вселенски бродови се враќаат на својата планета. Затоа, дајте поштедете нѐ од вашите „ја чудим“ коментари.

Единственото што е вистински вредно да се анализира во оваа „дешавка“ е генезата на идејата. Државата треба тоа да го истражи и ако треба и да плати едно социолошко и социопсихолошко истражување, како побогу, се роди таа блескава идеја. Можеби тука има никулец и на нешто добро. Можеби има некоја скриена потреба за продуховување, а ние ете не знаеме и ги држиме овие дивјаци подалеку од нашите убаво насликани пештери.

Сето друго е редовен репертоар за една шверцерска држава, која треба да се санкционира, а не да се скандализира.