Екскурзија до паркингот

Дошол на паркингот кај хотелот „Вип“. Името на тој објект како природно да се вклопил во мизансценот за делото што таму требало да го одигра вип-јунакот од нашето судство. Секој што го читал образложението на Обвинителството за делото на врховниот судија Наке Георгиев се сретнал со сите елементи на вистинска драма – заплет, кулминација, расплет. Потоа следи нагон за повраќање.

Како на филмска лента се развиваат секвенци за денот кога тој пристигнал на посочениот паркинг, инаку познато како место од каде што тргнуваат локалните туристички автобуси за летни одмори и сезонски екскурзии. Тој ден и судијата тргнал на „екскурзија“. Последната.

Излегол од своето, влегол во друго возило, направил малку муабет со соговорникот, зел плик со пари, го ставил во внатрешниот џеб од сакото… Како ли изгледало тоа? Како „прв грев“ или добро увежбана рутина и план, кои претходно имале среќа да не бидат откриени и документирани на самото место.

Штом носел сако, значи не бил во судиската тога. Иако таму практично бил „работно“, веројатно не сакал да ја мота тогата по паркинзи, да мете прашина со неа или да ја влечка во кал. Образот можел.

Образ – ѓон

А што е „образ“? Во денешни услови нешто сосема безначајно. Инаку народен израз за чесност, за морални вредности, кои граѓаните ги очекуваат и од претставниците во извршната, законодавната и судската власт. Образот – или го имаш, или го немаш. Не постои нешто помеѓу, не постои полуобраз, получесност, полуинтегритет.

Е сега, зависи кој од каков агол гледа. Гледано од „другата страна“, можеби образот се сфаќа во стилот пери-носи. Ќе се извалкаш со плик во внатрешниот џеб, ќе паднеш, ќе станеш, ќе се измиеш. Водата мие сѐ. Претпладне ќе ставиш маска на професионалност, сериозност и интегритет, а попладне можеш и малку да се опуштиш со дилови по телефон и со реализација по паркинзи.

Само Господ знае дали и колку пати во кариерата вака наликувал денот на еден врховен судија, кој за правдата решавал на нечие совозачко седиште за одредена тарифа. Можеби и други знаеле, ама си молчеле. Тие молчеле за него, тој им „учинувал“ нив. Како што учинил и за Боро Малборо.

И сега за кое судство да правиме муабет? Со оглед на приказните што протекуваат од судските коридори за бројки и букви (суми и имиња), навистина е навреда ова кај нас да го нарекуваме судство. И да „реформираме“ судство што го немаме.

Случајот со Георгиев и идентично срамниот случај со Иџет Мемети се дел од устоличениот модел – колку си „потежок“, толку полесно пливаш од една до друга функција. А спогодбите и „висината“ на казните за нив, лошите филтри на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители за кадри, кои не се достојни за судски и обвинителски функции, само го легитимираат ставот на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на двата Совета.

Длабоко метастазирано

Ама проблемот не е само таму, туку во одамна раширените метастази, во семејните кланови, добро распоредени на разни нивоа во судството, во изградените врски и коалиции од интерес, кои и без овие двајца ќе продолжат со соодветно прегрупирање.

Затоа таму повеќе нема потреба да се мери рејтинг. Нема потреба ни да се потенцира дека не се сите исти, дека има и чесни судии и обвинители. Има, во смисла дека не се впуштиле во митаџиство, но сѐ додека молчат за тоа што се случува околу нив, се соучесници во гонењето на чудовиштето.

Ако тоа што се случува доведе, не до пад, туку до смрт на довербата, ако и врапчињата знаат кој кого го има в џеб, кој никогаш нема за ништо да одговара и дека ќе се глуми судство со ловење ситни риби во мочуриште полно со крокодили, тогаш сме на добар пат да влеземе во опасна зона кога ќе почнат инспирации за земање правда во свои раце.

Имам впечаток оти се заборава дека во оваа ситуација има еден силен социјален елемент – денес луѓе продаваат домови за да ги платат трошоците за судски процеси, а не добиле правда затоа што друг платил да ја добие. А оние што право седат – криво судат, на база на такви услуги трупаат имоти што овде, што во блиски и далечни дестинации.

И не се секираат, бидејќи добро научиле како да ги заматат трагите што водат кон нивните џебови. Ги следат дебатите за реформи во судството, се чудат на наивноста и оптимизмот дека тоа некогаш ќе се случи, се кикотат и коментираат – кој ве врти, лузери. И тоа е нивната најточна „пресуда“. Со такви креатури, навистина сме губитници.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија