„Вистината што не е изречена во вистинското време е полоша и од лага“. На оваа мисла, напишана од реномиран писател, ме потсетија информациите што деновиве протекоа во јавноста по една постапка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција: претрес во повеќе објекти, во рамки на истражните дејствија во предметот „Плацеви на Водно“.
Иако станува збор за тајно дејствие, ете некако (?) информациите за претресот протекоа во јавноста. Како? Нема одговор. Иако претресот не е постапка за докажување сопственост на станбен објект(и), туку за собирање докази за предметот, информациите беа проширени и со „откритие“ дека поранешниот премиер Никола Груевски, покрај двата стана во зграда на улицата Павел Шатев (Бихаќка), имал уште два стана што не се воделе на негово име, туку на едно физичко лице и на една фирма.
Што е тука „ново“? Ова не се ни фчерашни, ни зафчерашни, туку новости од пред две и пол години. Таа информација, обвинителството ја имаше уште во рамките на истрагата за неговото бегство, во ноември 2018 година! Тоа го потврдуваше секој станар во посочената зграда.
Ако еден премиер наводно начекал парцели за „џабалак“, зошто еден секретар да не може да начека за џабалак барем двонеделен туристички аранжман во Мексико?
Две и пол години по неговото бегство, таа истрага тапка во место, а последната активност по тоа прашање датира од 2019 година. Но, зар во 2018 година обвинителството не ја утврдило фактичката сопственост на „спорните“ станови, штом по толку време истата информација се рециклира како нова, но сега во контекст на друг предмет – „Плацовите на Водно“?
Тоа значи дека, или обвинителството работи со брзина на желка, или дека од одредени правосудни извори се дозираат информации со цели далеку од истражните. Ако се има предвид тајмингот кога одново се „открија“ овие станови, се јавува сомнеж дека оваа станбена приказна била навигирана со цел да го сврти вниманието од вревата што се крена за некои туристички аранжмани.
Одамна се уверивме дека кај нас ништо не е скапо. Освен вистината. Ако еден премиер наводно начекал парцели за „џабалак“, зошто еден секретар да не може да начека за џабалак барем двонеделен туристички аранжман во Мексико?
Патем, изнагледавме многу примери на „сиромашни милионери“ во државава, кои немаат ништо на свое име во имотните листови, освен преголема љубов за татковината, која не може да се квантифицира, да се изрази во бројки. Таа е метафизичка категорија, исто како и надежта на граѓаните дека еднаш ќе заврти бројчаникот и дека во буџетот ќе се слеат сите пари незаконски одлеани од земјава.
Миц по миц, сега на исто се сведува и акцијата во Грчец. Некој ја пробил акцијата, главните нарко-босови избегале! Многу тешка излезе и оваа „Планина“
Но, начинот на кои протекуваат или се дозираат информациите од правосудните институции, не оставаат простор да веруваме во тоа. Ако биле потребни две и пол години да се утврди сопственоста на двата спорни стана, тогаш кога ќе се преораат сите оние офшор-дестинации каде што се начичкани разно-разни компании со звучни странски имиња и мирис на вешто извлечен и испран капитал?
Дали овие постапки ќе бидат занимација за граѓаните меѓу два скандала, или обид за што побрза компромитација на постапките, со цел ем да остане привид дека надлежните си ја бркаат работата, ем осомничените да не ги боли глава?
Патем, треба ли да прашаме пост фестум, зошто во случајот со поранешниот премиер не видовме таква „координирана акција“ како во случајот со Мијалков, по што Груевски би немал друг избор, освен да се врати.
Миц по миц, сега на исто се сведува и акцијата во Грчец. Некој ја пробил акцијата, главните нарко-босови избегале! Многу тешка излезе и оваа „Планина“.
Да, и највисоката планина може да се навали ако некој ја поткопува. Или, ако некој не забележи дека истите луѓе што ги среќава додека се качува нагоре, ќе мора да ги сретне и кога ќе се симнува надолу. Или дека ако не сака да се симне од врвот, ќе мора да подзамижи. За некаков „џабалак“.
Просто како грав, ама тешко за варење.