Регион

Косово: Споменици на жени се реткост

На Косово има мал број споменици, посветени на албанските жени, кои имаат историско значење. Повеќето од нив се посветени на мажите.

Добитничката на Нобелова награда за мир, Мајка Тереза, носителката на олимписки златен медал, џудистката, Мајлинда Келменди, и лидерката на албанските бунтовници од почетокот на 20 век, Шота Галица, се едни од ретките жени на кои им е подигнат споменик, со кој се потенцира нивното историско значење за Косово.

Во Приштина постои споменик на хероините, посветен на жртвите на воено сексуално насилство.

Но, иако ширум Косово постојат и други споменици и спомен-обележја посветени на припадничките на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои се бореа и загинаа во војната 1998-1999, нема споменици со кои им се оддава почит на другите косовски Албанки, кои дале значителен придонес за општеството во сферата на науката, уметноста или политиката.

Познатата косовска скулпторка, Арјета Мифтари, која имала изложби низ целиот свет, смета дека ова се должи на институционалната незаинтересираност и недостаток на јавна иницијатива, да се бараат нови споменици на истакнати жени.

„Во пет или шест наврати им дадов идеја на државните институции да подигнат споменици посветени на жените, но тие немаа слух за тоа, бидејќи таквите работи не им се приоритет“, вели Мифтари.

Таа смета дека дополнителна причина за тоа е недостигот на свест за професионалните достигнувања на жените во оваа земја.

Меѓу жените кои оставиле трага во албанската историја и кои можат да бидат овековечени во камен, се писателката, Мусине Кокалари, првата албанска архитектка, Валентина Пистоли, и хирургот, Ќеморан Топтани, како и писателката и новинарка, Неџмије Заими, која работела за американската разузнавачка служба во Втората светска војна. Таа во 50-тите стана една од првите американски новинари што известуваа од Блискиот исток.

Ликовниот критичар, Илир Мухареми, сугерира дека недостигот на споменици на жените, е последица на старомодното размислување во општеството во Косово, во кое доминира мажот.

Тој смета дека „можеби мажите не ги сметаат жените за доволно еднакви за да бидат дел од клучните историски настани“.

Мухареми, исто така, нагласува дека и жените треба да се залагаат и да преземаат иницијатива по ова прашање.

„Жените треба да го кренат својот глас. Тие се навикнати да молчат заради старомодниот менталитет“, вели тој.

„Немаме барања за изградба на споменици на жени“

Споменикот на добитничката на олимписки златен медал од Косово, Мајлинда Келменди, во Пеќ Фото: Official Twitter account of the Kosovo Judo Federation

Од Косовската агенција за управување со комеморативни комплекси, објаснуваат дека изградиле само еден споменик посветен на жена, на припадничката на ОВК, Хире Емини, во Урошевац.

По војната во Косово, Емини продолжила да се бори со албанските бунтовници во Северна Македонија, како припадничка на Ослободителната народна армија (ОНА). Таа била убиена за време на воена операција во  Гостивар, во јули 2001 година.

Директорот на Агенцијата, Бислим Зогај, информира дека оваа година припадниците на ОВК добиле уште едно барање за изградба на спомен-обележје.

„Станува збор за изградба на статуата на Мирвета Максутај во Пеќ. Немавме барања за други личности“, вели Зогај.

Максутај била припадничка на ОВК, убиена во борба против српските сили во декември 1998 година, при обид да се ослободат други припадници на ОВК, кои биле затворени во болницата во Пеќ.

Споменик на припадничката на ОВК, Ханумшаха Абдулаху, која била убиена од српските сили на планината Жеговац, во април 1999 година, е подигнат во Гњилане.

Директорката на општинскиот оддел за култура, млади и спорт во Гњилане, Дениза Ајети, вели дека општината работи на нов споменик, наречен „Градска хероина“, кој ќе биде поставен на плоштадот пред Градскиот театар.

„Иницијативата беше покрената од активистки од Гњилане. Ова уметничко дело ќе им биде посветено на сите обични жени, кои дале значаен придонес во сите сфери во Гњилане“, објаснува таа.

Споменикот на припадничката на ОВК, Џеве Красниќи-Ладровци, е еден од осумте воени споменици на централниот плоштад во Глоговац. Красниќи-Ладровци била генерал-мајор, највисок ранг кој го достигнала една жена во ОВК. Таа била убиена заедно со нејзиниот сопруг, во 1998 година.

Во другите делови на Косово, има само неколку споменици посветени на значајни жени. Во Србица е поставена биста на Шота Галица, во близина на училиштето кое го носи нејзиното име, но нема споменик посветен на жени.

Во Призрен, исто така, недостасуваат споменици на жени, вели началникот на општината, Осман Хајдари.

„Немаме споменици на жени, но немаме ниту барања за нивна изградба“, објаснува Хајдари.