Хо, хо хо… Ова не е типичниот восклик што вообичаено му се припишува на дедо Мраз, туку иронично смеење низ правосудните кулоари по одлуката на Судскиот совет на судија на апелациски суд да му изрече дисциплинска мерка – намалување од 20% на месечната плата во траење од 6 месеци.
Се разбира, како во секој отчетен и транспарентен совет, името на судијата не е спомнато, а и зошто би било? Не треба да не му се уриваат угледот и шансите за натамошен напредок.
Судскиот совет ја завршил работата – и волкот сит и овците на број, и судијата „тешко“ удрен по џебот. А мерката се однесува на судија што капиталниот предмет за масовното прислушување „Таргет -Тврдина“ девет месеци го чувал во фиока за да застари.
Секогаш кога не знаеме како да се справиме со кусокот интегритет на носителите на функции, менуваме закони
И не беше само „Тврдина-Таргет“ во фиока. И Судскиот совет со месеци во фиока ја чуваше иницијативата за утврдување одговорност на тој судија, иницирана под притисок на јавноста, за да не му попречи да се кандидира во Врховниот суд.
Затоа малите тајни на големите мајстори на политичката кујна дојдоа до полн израз пролетта, кога се водеше битка на дневен ред да се најде таа иницијатива. Тогаш и почнаа тензиите во Судскиот совет – затоа што едни барале таа да се стави на седница, а други да се стопира. И наместо судијата, беше разрешена претседателката Весна Дамева.
Холандија стави во мирување голем проект во Судскиот совет, но ни тој чин не беше разбран како порака и поука, па следеше период на внатрешни кавги, потоа незаконски избор на нов претседател, се до оставки на двајца членови кои повеќе не сакаа да учествуваат во тоа тело.
Скандал по скандал, одговорноста на судијата беше фрлена во заборав, а измените на Кривичниот законик и можноста за побрзо застарување на делата, навестија дека судиите и не ќе мора многу да се мачат со фиоките, бидејќи таа работа со закон ќе биде олеснета.
И така, една година подоцна, од очекување 100 % одговорност, односно разрешување што би бил единствен логичен епилог во систем кој држи до угледот на судството, кај нас се стигна до намалување на 20% од платата.
Тоа иронично „хо, хо, хо“ за 20-те проценти е резултат на фактот што и „врапчињата“ раскажуваат каков е ценовникот на трговија со политичко влијание и сумите за фиокарски услуги.
Но, ситуацијата одамна не е за смеење. Овој привид продаден како „дисциплинска мерка“ не доаѓа во време кога на судството му тече мед и млеко, туку во време на негово дно со неограничен број нивоа. И доаѓа по критиките во Извештајот на Европската комисија, кога сите во правосудството со загрижени ликови и збрчкани чела ветуваа дека сериозно ќе ги анализираат оценките.
А од Судскиот совет, на кого му беше посветен огромен „плац“ во Извештајот, најавија и дека ќе се изјаснат за забелешките. И еве се изјаснија. Ништо подобро не го отсликува ставот отколку делата.
И за да не биде дека само со овој подвиг се борат во следниот Извештај да бидат опишани како црна дупка, дадоа голем придонес и со последниот избор на судии, каде моралниот интегритет и рангирањето на судиите беа прилично релативизирани.
Министерството за правда формираше работна група што ќе работи на реформа на Судскиот Совет, со измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет. Секогаш кога не знаеме како да се справиме со кусокот интегритет на носителите на функции, менуваме закони, иако знаеме дека тие не можат да го надоместат она што му треба на судството – интегритет, независност, дистанца од политиката.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, покренала иницијатива за законски измени кои ќе оневозможат лицата кои се на листата на санкции на САД, на ЕУ и на ОН да бидат на каква било позиција или да се вработат во администрацијата.
Волјата е термин зад кој се затскрива неподготвеноста на политиката да ги тргне рацете од судството
Тешко е да се поверува дека луѓе кои низ криминални активности ги натовариле камилите за десет поколенија, ќе бараат работа во администрација, или дека ќе ги видиме како штрајкуваат за поголеми плати. А добро е да се овозможи на избрано и именувано лице мандатот веднаш да му се прекине во таков случај, затоа што однесувањето како ништо да не се случило, навистина ја еродира довербата во институциите.
Ама Грковска тоа треба да му го каже и на коалицискиот партнер ДУИ, кој во однос на нивниот партиски кадар – санкционираниот Рамиз Мерко, навистина се однесуваше како ништо да не се случило. Како што беше соопштено, ДУИ ја прифати одлуката на Мерко за замрзнување на неговото членство во Централното претседателство и Генералниот совет на партијата додека трае истрагата против него, а во исто време партијата ги прекинала сите внатрепартиски изборни активностите во Струга додека не се создадат нови околности.
Нивните внатрепартиски активности се покажаа како поважни од државниот интерес и имиџ пред стратешкиот партнер САД. А сега и не се знае дали воопшто има некаква истрага и активен предмет за Мерко, или сѐ што имаше е застарано.
Затоа, доста е од фрази од типот – има/нема политичка волја за реформи. Волјата е термин зад кој се затскрива неподготвеноста на политиката да ги тргне рацете од судството. Ако не ги тргне, не биде принудена да ги тргне и нема одговорност за мешање во судството, џабе веземе и измени и закони.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија