Гарант и баланс

Не сум правник, и однапред се извинувам ако грешам, но прилично ме збуни една реченица од соопштението издадено по општата седница на Врховниот суд, одржана на трети март.

Го цитирам спорниот дел: „Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија ги следи актуелните состојби во судството, особено прашањата што се однесуваат на независноста и самостојноста на судската власт, како гарант, односно баланс помеѓу законодавната и извршната власт, притоа обезбедувајќи соодветен пристап на граѓаните до правда и правични судски постапки, почитувајќи го Уставот, законите и меѓународните документи (…итн).“

Не знам како врховните судии ја склопија оваа фраза и од каде ја ископаа ваквата „улога“ на судството? Кога веќе се повикуваат на Уставот, сигурно знаат што пишува во членот 8 од Уставот, според кој, во темелните вредности на уставниот поредок на државата, меѓу другото, е и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Тогаш, од каде сега излегува дека независноста и самостојноста на судската власт е гарант, па уште и баланс меѓу законодавната и извршната власт?

Независноста на судството може да биде гарант на демократијата, на слободата и правата на граѓаните, на правната сигурност, на неселективен пристап до правда…

Затоа, ги молам судиите детално да објаснат: дали во правната/судската терминологија можеби зборовите „гарант“ и „баланс“ имаат поинакво значење од она што го имаат во нашиот секојдневен говор? 

Доколку немаат поинакво значење, тогаш имаме голем проблем. Не дека и досега немавме проблем со судството, но кога некој на хартија вака сликовито ќе ни ја опише „независноста“, можеме да бидеме сигурни дека ѓаволот дефинитивно ја однел шегата.

Врховниот суд треба да објасни од кога судството себеси се смета и функционира како гарант меѓу другите две власти? Кој му дал таква улога и надлежност? И што гарантира – правна сигурност, или симбиоза на другите две власти надвор од дофатот на правдата, преку грбот на судството? 

Помал проблем е ако тој што го пишувал соопштението туку-така нафрлал фрази без да размисли што пишува. Многу голем проблем е ако судиите навистина така го разбираат независното судство. 

Но, тука не завршува проблемот. Покрај тоа што велат дека се ГАРАНТ меѓу другите две власти, пишуваат и дека се БАЛАНС меѓу нив. Баланс или  балансирање значи одржување рамнотежа. Ако независно судство значи баланс меѓу извршната и законодавната власт, тогаш, не само што немаме, ниту ќе имаме независно, туку воопшто немаме ни судство. Какво фајде од судство што има улога да биде баланс меѓу другите две власти? Тоа значи самопризнание дека судството е жонглер и измеќар на законодавната и извршната власт, а не посебна власт од кои другите две треба да се тресат. 

Единствениот баланс за кој може да се зборува, е балансираноста меѓу судската независност и одговорноста на судиите. Односно дали нивното слободно судиско уверување при носењето одлуки е урамнотежено со нивната одговорност за таквата одлука, дали е во согласност со релевантната законска регулатива, одредбите од Кодексот на судска етика, примената на судската практика и други механизми што придонесуваат за независноста, самостојноста и зголемувањето на довербата во судството.

Во секој друг контекст, балансот е удар врз независноста. Да се бориш и да одржуваш независност, не значи да балансираш меѓу другите власти или да им бидеш гарант, туку да изградиш професионална дистанца и да ги спречиш на каков било начин да ти се мешаат во твојата работа. Зборуваме за судии, а не за балансери на автомобилски гуми. Кога судии зборуваат за баланс, ни велат дека се раководат од други, а не од правни принципи. 

А кога нештата толку многу ќе се избалансираат, сите стануваме еднакви во неправото, односно во незадоволството од судството. Бидејќи досега тоа ни беше најмногу „гарантирано“, време е судските приврзаници на балансот први да бидат испратени на „балансирање“.