Не бев на годинашната Парада на гордоста. Можам сега да кажам дека бев оправдано отсутен, дека имав други обврски, дека не можев да стасам… Само што тоа, едноставно, не е точно.
Не бев затоа што беше жешко и затоа што, конечно, и Министерството за здравство препорачува луѓето на моја возраст да не излегуваат на отворено во ова време. На крајот на краиштата, во моја одбрана ќе кажам дека бев на првата скопска геј-парада и дека и тоа е доказ за моите ставови и мојата поддршка.
Но, од каде потребата сега да се оправдувам и да ги објаснувам сопствените постапки?
Оттаму што дури по Парадата од социјалните мрежи ме потопи плимата на еден огромен океан примитивна и агресивна омраза кон ова и онака маргинализирано малцинство. А јас, ете, во сопствената наивност поверував дека годинашната парада ќе биде една рутина, мал фестивал на љубовта и човековите права, нешто што е веќе вообичаено во општества што тврдат дека се зрели за Европа и во средини кои самите себеси се перципираат како омаловажени и обесправени држави од посилното мнозинство.
И, се разбира, згрешив!
Со мојот задоцнето проработен инстинкт за одбрана на слободите или поточно за борба за човековите права, сега можам само да жалам зошто и лично не бев таму каде што по редот на нештата ми беше место.
Не сфатив, велам, дека во Македонија е нормално пред сопственото дете таткото да ја истепа мајката; не сфатив дека е нормално да се почитуваат оние што перманентно ја руинираат државата…, а дека е ненормално двајца возрасни луѓе да се сакаат; дека е ненормално еднаш во годината да прошетаат низ градот оние што се залагаат за еднаквост, толеранција и човекови права.
Дека некои луѓе се поеднакви од другите го има констатирано уште Џорџ Орвел, само што ние очигледно уште не сме констатирале дека не живееме во уредена држава, туку во неговата „Животинска фарма“
Едно од најчесто поставуваните прашања деновиве е за потребата за „парадирање“. Демек нека си ја чуваат својата сексуална ориентација по дома и нека не ја истакнуваат во јавност, како што тоа не го прават и таканаречените хетеросексуалци. Или зошто треба да се гордеат со својата сексуална ориентација, кога тоа не е никакво достигнување?
Колку и да изгледаат банални овие прашања, одговорот е комплексен. Најпросто речено, тоа е затоа што сексуалните малцинства ги немаат истите права како хетеросексуалното мнозинство и затоа што се дискриминирани како „изопачени“, „болни“, „противприродни“, „нездрави“ итн.
Сите луѓе се раѓаат еднакви и ги имаат истите права. Така некако е запишано во Повелбата за човекови права на Обединетите нации. Југославија, како една од основачите на оваа организација, е една од првите потписнички на Повелбата. Македонија, како сукцесор на некогашната држава и како рамноправна членка на ОН, ја прифаќа истата повелба, ама…
Очигледно Повелбата, која е меѓународен регулативен акт, повеќе се сфаќа како некој вид ресторанско мени од кое се земаат оние делови што на одредена држава во моментот ѝ одговараат, а другите едноставно се игнорираат.
Дека некои луѓе се поеднакви од другите го има констатирано уште Џорџ Орвел, само што ние очигледно уште не сме констатирале дека не живееме во уредена држава, туку во неговата „Животинска фарма“. Затоа сите политички пароли од типот „Едно општество за сите“ или „Македонија за сите луѓе“ остануваат само празни флоскули, популистички форми, испразнети од каква било содржина, нешто како кафе без кофеин, цигари без никотин, пиво без алкохол или шеќер без шеќер… нешто што, едноставно, нема никаква смисла.
Просто е неверојатно што дури и денес се поставуваат прашања за тоа кои права им се ускратени на сексуалните малцинства. Иако не е мал проблем, засега ќе ја оставиме на страна општата перцепција за неказнивоста на насилството врз хомосексуалците, затоа што првенствената одговорност за ова ја носат органите на редот и мирот, и ќе го потенцираме она што е веќе одамна актуелно – правото на семејство.
Брачната, па и вонбрачната заедница, во овој случај, не се само формализирање на нечија љубовна или социјална привлечност, туку се – привилегија. Овие заедници овозможуваат социјално и здравствено осигурување преку партнерот, обезбедување наследен ред во случај на смрт на партнерот, полесно решавање на станбеното прашање, полесен пристап до кредитните линии и ред други работи, кои се „нормални“ за мнозинството и недостапни за малцинството.
Случаите и праксите на родова, расна и сексуална дискриминација не се одбрана на „нормалното“, туку напротив – спроведување поредок спротивен на природата
Некои веќе ми приговорија дека овие цели не се постигнуваат преку „парадирање“, туку преку институциите на системот. А како да се разбудат институциите, ако не преку гласност и видливост. Како да се отвораат темите, ако не преку нивно наметнување. Впрочем, вистинското прашање е како да се обезбеди рамноправност во една држава, чиј премиер своевремено ќе каже дека „еден педер“ не може да го урне од власта. Еден можеби не може, ама многу можат. На Парадата парадирале и високи претставници на власта. Е, па, господо – бујрум! Ако не сакате вашиот гест да биде само парадирање, еве ви ги полугите на власта, па сработете нешто.
Нациите, државите, националностите се општествени категории. Тие настануваат со текот на времето. Или, што би рекол Маркс, со развојот на производните сили и односи. Она што се добива со раѓање е полот (родот), бојата на кожата и – сексуалната ориентација. Секоја дискриминација е дискриминација предизвикана од посилниот. Случаите и праксите на родова, расна и сексуална дискриминација не се одбрана на „нормалното“, туку напротив – спроведување поредок спротивен на природата.
Не бев, велам, на Парадата затоа што мислев дека нема повеќе потреба од докажувања на наједноставните премиси за човековото достоинство и човековиот дигнитет.
Ете, мислев дека сме разбрале дека сите што регуларно го плаќаат данокот на државата мора да ги имаат истите права во таа држава. И дека нема никого повеќе да возбуди што некои луѓе, кои не блокираат раскрсници во сообраќајниот шпиц и не предизвикуваат нереди еден час во годината, ќе покажат дека и тие се божји чеда и со гордост ќе ја истакнат својата сексуална ориентација. Онаа поради која се дискриминирани.
Признавам, не бев во право.