Министерот за здравство најави дека се зголемува бројот на болнички капацитети: 16 болници ќе добијат модуларни мини-инфективни одделенија. Сосема оправдано, здравствените власти се подготвуваат за евентуално полошо сценарио со Ковид-19, кое може да ни дојде со есента. Учениците и студентите сѐ уште ги чекаат протоколите за настава, а дали наставата ќе биде онлајн, офлајн или комбинирана, повторно ќе зависи од здравствените биланси.
Економските последици од корона-кризата се закануваат со повеќе од разорно цунами. Компаниите ги пребројуваат резервите и деновите до кога ќе можат да преживеат. Некои веќе ставаат клуч на вратите. Државната каса ќе биде сè попразна, а од друга страна ќе се зголемува потребата од социјални трансфери за невработените и други категории на егзистенцијално загрозени лица.
И што правиме ние во пресрет на тие предизвици? Расправаме дали ДУИ останува или не на барањето за премиер Албанец. Што би се рекло, расправаме за „вистинското“ прашање. Не е проблемот во публиката. Неа и онака никој не ја прашува, освен кога ја повикуваат да истрча на теренот да го даде својот глас. Проблемот е во играчите, кои, и покрај крајната сериозност на ситуацијата, се однесуваат како да живеат во друга потполно алтернативна реалност, а не во оваа што ја делат останатите два милиони граѓани.
Aко ова е ситуација во која ќе биде непоходен секој човек и секој атом на енергија, зачудува што никој не ја изусти идејата дека е време да ги остават настрана сите ривалитети и сите да седнат во иста влада
Какви се тие преговори, во кои се ветуваат визии за иднината, ако лидерите од дрвото не ја гледаат шумата? Или ако не гледаат подалеку од сопствениот нос, и ако се лојални единствено на сопствената суета дека мора да истуркаат некаква кауза – политичка, етничка, сеедно. Најголемата кауза во моментов е Македонија да ја преживее оваа криза и последиците од неа по што помала или поподнослива цена.
Во еден период имав илузии дека по принципот „секое зло за добро“, токму корона-кризата најбргу може да ги разбуди политичарите и да ги врати вистинските теми на прво место. Дека посилно од која партиска програма ќе го издвои битното од небитното, дека ќе го избрка популизмот, национализмот, клиентелизмот, консумеризмот…
Верував, дека ако во секој политичар има барем еден атом на одговорност кон граѓаните и државата, сите безрезервно ќе се фокусираат кон непријателот ante portas и штетите што може тој да ги предизвика. Но, не. Ниту короната не беше доволна да стават прст на чело и да се прашаат – што правиме ние?
Каква врска има дали премиерот е Албанец, Бошњак или Македонец, ако сме во време-невреме, во кое дури и некој надреален супермен да е премиер, и дури и да има тим од супермени во владата, ќе биде многу, многу тешко да се справи со претстојните проблеми.
Да не зборувам колку релативно може да биде апсолутното „мнозинство“ во парламентот од 61, 62 пратеника. Двајца да бидат испратени во изолација, законите ќе мора да чекаат тие да оздрават. А да не зборувам за закони за кои е потребно двотретинско мнозинство, кое поради сегашната рововска поделеност, може да стане недостижно за планираните реформски закони, поради хирови и ривалство.
Не е битно само да се смени салата во парламентот, битно е да се смени матрицата на размислување и постапување. Сметката за овие нереализирани нешта ќе дојде исто како и што доаѓаат симптомите на вирусот – малку подоцна. Ако за неколку дена ги видиме билансите од празничниот викенд во Охрид и во други туристички места, казната за игнорирањето на вистинските теми ќе ја видиме на следните избори. А тоа е следната година. Особено што и постизборното однесување на партиските лидери покажа дека не била извлечена поука ни од резултатите на овие избори.
Најголемата кауза во моментов е Македонија да ја преживее оваа криза и последиците од неа по што помала или поподнослива цена
Ако тие за првпат се одржаа во поинакви услови, ако целта беше што поскоро да профункционираат институциите, ако е јасно дека ќе претстојат многу проблеми и многу работа, ако ова е ситуација во која ќе биде непоходен секој човек и секој атом на енергија, зачудува што никој не ја изусти идејата дека е време да ги остават настрана сите ривалитети и сите да седнат во иста влада.
Не знам дали отпорот доаѓа од искуството со техничката влада и им буди лоши реминисценции. Да, навистина, не ни треба влада во која партнерите ќе се надгледуваат, надмудруваат и саботираат, туку влада во која усогласено и заеднички ќе работат, со цел земјата „на нозе“ да ја помине кризата.
Патем, има ли подобар начин за истовремено да се реализира долго ветеното помирување, за етнонационалните платформи да се заменат со граѓански, а проблемите на граѓаните доминантно да се најдат пред сегментираните теснопартиски интереси?
За жал, поради непопустливоста со која се маскираат партиите, ние и не знаеме дали воопшто постои волја за такво нешто. Дали партиските суети сѐ уште се поголеми од визиите за ваква практика? Ако таа идеја не биде изустена, понудена, нема ни да знаеме дали би била прифатена.
Ова е последен момент да размислат, бидејќи ситуацијата веќе шест месеци не е „редовна“, туку прилично вонредна и од здравствен и од економски аспект, и, за жал, нема да заврши до почетокот на 2021 година. Ова се деновите кога може да се направи исчекор на тој план, само ако постои волја.
Ако нема, знаете како велат: „Ниедна шанса не е изгубена. Секогаш има некој што ќе ја искористи шансата што ти си ја пропуштил!“
Ама потоа да не се чудиме зошто други напредуваат или се извлекле од кризата побргу од нас.