Фрла последен поглед наоколу, небаре се прашува – да не заборавив нешто? Всушност, само си создава повод за уште еднаш со поглед да помине преку просторот каде што живееше една деценија. Празнотијата му кажува дека ништо не е заборавено. Тоа е празнотија што боли, и покрај илузијата дека спакувал сѐ – дел во куфери, дел во сеќавањата. Ѓорге уште еднаш го задржува погледот на омилениот агол во резиденцијата. Кога зјапањето станува предолго и бесмислено, полека ја затвора вратата. Знае дека нема таму повеќе да влезе, освен како гостин. Со таа мисла тивко го изустува последното збогум.
Човекот што излегува од претседателската резиденција не е сосема истиот Ѓорге Иванов што првпат влезе таму во април 2009 година. Многумина сметаа дека кроткиот професор по право и политикологија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и со стаж на новинар на Третата програма на Македонското радио, нема политичко искуство за највисоката функција во државата.
Но, заборавија на неговото богато функционерско минато во македонската и југословенската младина. Надвор од нивните сознанија останаа и неговите клучни карактерни особини – инаетливост и одмаздољубивост. Токму тие ќе го водат низ неговите идеолошки трансформации од лево кон десно, за на крајот да стигне до целосна дезориентираност во просторот и времето.
Овој, првично умерен левичар, приватно и професионално близок со високи функционери на СДСМ, раскрсти со левицата по еден настан поврзан со неговото семејство. Кога во 2005 година, неговиот брат беше притворен под сомнение дека учествувал во шверц на возила од Грција, од тој момент Иванов стана жесток критичар на социјалдемократската власт и поддржувач на политиките на Груевски.
Особено неговиот втор мандат ќе биде запишан како најмалиген и деструктивен период, во кој најмногу шанса добиваа хушкањата, поделбите, тензиите и сопките кон сите обиди земјата да направи демократски исчекор од партизацијата и стагнацијата во која беше децениски заробен
И сите други процеси подоцна ги водеше од лични мотиви и крајно спротивни позиции. Од некогашен член на управниот одбор на соросовата фондација (од мај 2002 до октомври 2004 година), подоцна ќе стане критичар на работата на фондацијата низ светот, во пакет со перманентни критики за странските дипломати, а оправдувaни со наводни заговори насочени кон македонската држава и идентитет.
Со оваа реторика, всушност ја прикриваше засилената активност на новата доктрина: инструментализација на антиката во спорот за името, нејзината злоупотреба во архитектонски, културни и политички цели, преку создавање мерка за регрутирање „патриоти за името“, а всушност апологети на ВМРО-ДПМНЕ, и соодветно на тоа – доволен број „предавници“. Со партијата пееше во хорот против Рамковниот договор („тој ја етнизира политиката во Македонија и го исклучи либералниот концепт за демократија“), со неа пееше во хорот против територијалната поделба, заради партијата ги негираше димензиите на заробената држава, заради ВМРО-ДПМНЕ противуставно не го даваше мандатот на новото мнозинство во 2017 година…
Заради неказнивост на неговите поддржувачи донесе одлука за аболиција на 56 лица и му зари нож на СЈО. Дури по жестоките реакции во домашната и во меѓународната заедница, како и серијата граѓански протести по кои гореше неговата Народна канцеларија, тој ја поништи спорната одлука.
За разлика од бројните главоболки што ѝ ги приреди тој на земјата „бранејќи го Уставот“, тешко е да се најде еден негов потег или одлука со која земјата би можела да се гордее, освен тоа што конечно заминува
Никогаш не стана „претседател на сите граѓани“ и остана само лојален извршител и апаратчик на партијата што му го негуваше претседателскиот ореол. Деновите му поминуваа во церемонијални активности, во шетање од „празијади“ до „ракијади“, во говори во кои дефилираа митовите на антиката и галопираа букефалите на новата политичка шашма. Мандатот го помина далеку од најмоќните политички центри, најчесто во земји кои имаа уво да слушаат за поинакви стратегиски приоритети од државните, кои неговото намигнување кон други алтернативи го наградуваа со „почесен професор“.
Во македонската современа историја, десетте години на Иванов во политиката нема да бидат празно место, што за него би било побенигна варијанта. Напротив, особено неговиот втор мандат ќе биде запишан како најмалиген и деструктивен период, во кој најмногу шанса добиваа хушкањата, поделбите, тензиите и сопките кон сите обиди земјата да направи демократски исчекор од партизацијата и стагнацијата во која беше децениски заробена. За разлика од бројните главоболки што ѝ ги приреди тој на земјата „бранејќи го Уставот“, тешко е да се најде еден негов потег или одлука со која земјата би можела да се гордее, освен тоа што конечно заминува. Или, што можеби на некого му поправил расипано радио. Во големото Иваново ништо, само тоа може да личи на нешто.